Биогасната електрана е најстабилен производител на т.н. чиста и еколошка електрична енергија, бидејќи нејзиното производство не зависи од ветер, сонце или вода туку целосно може да се контролира.

Биогасната електрана „Био ентерпрајз“ која е сместена меѓу житните полиња во  Сарамзалино, општина Лозово ќе го преработува отпадот од фармите од Источна Македонија. Таа се градеше две години и чини 12 милиони евра. Централата во редовно производство е пуштена во декември минатата година.

Таа е инвестиција на три приватни компании, „Централ инвест“ на Кочо Анѓушев,  „Агриа“ на Петар Колевски, најголемиот производител на свинско месо во земјава и на охридски „АСП-ПАК“, на Петар и Спасе Спасески, која повеќе од две децении произведува амбалажа за земјоделски производи.

Оваа електрана е опремена со најмодерна технологија и е со моќност од  два мегавати. Годишно ќе произведува 16.640 милиони киловатчасови (MWh) електрична енергија која може да ги задоволи потребите на 15 илјади луѓе. Паралелно ќе произведува топлинската енергија која ќе може да загрева шест хектари плантажи со  земјоделски култури и ќе произведува 40.000 тони природно земјоделско ѓубриво.

Или како што објаснува Анѓушев, биогасната електрана ќе преработува 30 илјади тони суви отпади на годишно ниво и околу 15 илјади тони течни отпади. Кога би го немало овој капацитет тој отпад би завршил практично секаде – во природата, во воздух, во Вардар, во другите реки… Практично со преработката на сточниот отпад во биогасната електрана се заштедува 16 илјади тони јаглероден диоксид или се заменува 700 илјади дрва во шума кои треба тој јаглерод диоксид да го прочистат.

„Биогасната електрана е најголемиот чистач на органски отпад во општеството. Сѐ што е органско и може да се распадне, е гориво во биогасната електрана, а нус производ од нејзината работа е електрична енергија, чист хумус и течност за третирање на полињата со хранливи материи. Биогасната електрана практично е најдобриот пример за циркуларна економија, она што го слушаме како дефиниција во општеството“, вели Анѓушев

“Ова е покажување на дело на тоа што јас постојано и го зборувам-дека на Македонија и е потребна диверзификација на инвестициите во обновливи извори. Ние тоа го правиме и со овој пример уште еднаш упатувам апел – паметно и со план да се инвестира во обновливи извори, а државата стратегиски да ја води енергетската транзиција и да не се прави концентрација само на еден извор“, нагласува Анѓушев.

Според Колевски, сопственикот на „Агриа“ која е најголема фарма за свињи и производител на свинско месо во земјава, на овој начин трајно и системски се решава прашањето со екологијата и одложувањето на отпадот од фармите, а во иднина планираат како био-гориво да се користи и отпадот од кланиците.

Биогасната електрана, како што наведува Спасе Спасески од „АСП-ПАК“ компанија за производство на земјоделска амбалажа од Охрид, го решава проблемот и со увозот на вештачки земјоделски ѓубрива, бидејќи како нуспродукт биогасната електрана дава домашно органско ѓубриво кое останува на крајот на технолошкиот процес по производството на електрична енергија.

Ова е трета био гасна електрана во Македонија, првата е во тетовско на „Везе шари“ со капацитет од еден мегават, втората е во Пелагонија (две по три мегавати), на „Енерџи Пелагонија“ и ова е последна, два мегавати, но технолошки е на највисоко ниво и најмодерна

Македонија има капацитет за околу 20 до 30 мегавати инсталирана снага од биоелектрани со што, како што се проценува би можел да се собере и преработи најголемиот дел од органскиот отпад во државата.