„Биоплант“ од гоџи садници до бренд органски сокови. „Биоплант“ стартуваше како единствен сертифициран расадник за органско гоџи во Македонија и единствен откупувач на Балканот. Сега Анима, чија подружница е „Биоплант“, прерасна во можеби најголем откупувач на органско овошје во Македонија. „Другите прават сокови, ние цедиме овошје. Не користиме каша, додатоци, конзерванси, туку го цедиме овошјето. Создадовме бренд- цедени сокови Биоплант“.  Вака го започна разговорот за Анторис магазин, сопственикот на Анима дооел Скопје, Ванчо Зрнцев, инспиративен, креативен и неуморлив човек кога се во прашање нови бизниси на македонскиот пазар.   

Како започна приказната за брендот Биоплант?

Биоплант е една интересна идеја која започнува со увоз на садници од гоџи и паулонија за трговија. Зрнцев раскажува како во 2013 година одлучил да увезе садници.  За таа цел во септември истата година потпишал договор со Институт за производство на садници со микро размножување или култура на ткиво – ин витро од Бугарија. „Тоа е лабораториски процес во кој од селектирана билка со микро размножување се добива подеднакво ист квалитет – садници. Така веќе наредната година во пролетта почнав да ги продавам садниците како расад. Воедно направив сам сопствен бизнис –модел со цел да продадам повеќе садници. Идејата беше ако понудам откуп, дека ќе има шанси да продадам повеќе садници. Мора да признаам дека реализацијата на мојата идеја одеше тешко на пазарот. Прво затоа што владее скептицизам кога е во прашање каква било новина. Потоа се работеше за непознато овошје на домашниот пазар. И што е најважно, гоџи не беше воопшто регистрирано како овошје во Македонија.“ Ова, вели Зрнцев беше нов предизвик и ново поле и позиција за правно уредување на гоџи како овошна култура. По наша иницијатива заедно со стручен тим од Факултетот за земјоделство, поднесовме барање до Министерството за земјоделство и гоџи беше внесено во Правилникот за семе и саден материјал како 20 овошна култура.  До тогаш дури и во подрачните единици на Министерството за земјоделство не беа запознаени дали за него следуваат субвенции. Бидејќи субвенции следуваат само за овошја што се регистрирани на листата за овошки. Откако се надмина таа препрека се насочив на следното скалило, како правилно да се одгледува оваа култура. Се поврзав со фирмата „Балкан биосерт“ –една од двете акредитирани компании во Македонија. Тие детално ме водеа како треба да се посади и одгледува гоџито, а јас тоа знаење го пренесов на моите кооперанти за органско производство. На стартот, со првиот род се испречи уште еден проблем, плодот од гоџи не можевме да го продаваме како органско. Според законската регулатива дури по три години органско одгледување можеше да се добие сертификат за органски производ. Во меѓувреме те водат како производител во транзиција. А тоа го нема на Запад. Таму има конвенционално и органско производство. Анима ДООЕЛ Скопје се занимава со повеќе бизниси и нуди разновидни производи и услуги, кои меѓусебно не се поврзани, но токму таа разноликост ја прави фирмата успешна и препознатлива. Компанијата дејствува на неколку полиња: GSP услуги и навигации, хидрогеолошки работи, пласман на фотелји за јапонска шиатцу масажа со најдобрите масажни фотелји во светот, и во делот на агро- бизнисот со подружницата „Биоплант“, која е формирана во 2001 година.

Увозот го заменивме со домашно произведени садници

„Садниците што ги купивме не беа органски бидејќи беа ин витро, но производството на гоџи, беше органско. Третирано со органски ѓубрива и препарати за заштита на природна база. Иако, тие не се ефикасни како другите средства за заштита и се релативно поскапи. Инаку, гоџи е интересна овошка. Цвета двапати и годишно имаш две берби. Се бере од  јуни па се до ноември, ако е годината добра. Секако кога стартував со увозот на садници, немав намера да правам сокови. Мојата идеја беше плодот гоџи да се извозува како органска суровина во фабрики кои веќе прават сокови. А, за да ја остварам таа цел, да дојдам до преработувачките капацитети ги посетував најголемите саеми за органско производство низ Европа. Најчесто тоа беа саеми во Германија, во Нирнберг и во Берлин. Ги посетував со цел да најдам купувачи затоа што мрежата на кооперанти се ширеше. Всушност, тогаш се соочив со проблемот што не го знаев на почетокот, дека треба да чекам три години, за да добијам сертификат за органско производство дури четвртата година. А, без сертификат плодот се сметаше за конвенционален и не можев да постигнам цена.  Значи цели три години го откупував плодот како органски, но не можев да го продадам како таков. Не можев да ја постигнам ниту цената, ниту пак можев да обезбедам квантитет.“ Кога говориме за гоџи, Зрнцев вели дека Кинезите се број еден за производство на гоџи. Дури 99 отсто од светското производство на гоџи е во Кина, особено во областа Нинџија, по која се нарекува и слатката сорта од оваа овошка, која дава род по две три години. 2013 -2014 Станавме ексклузивен дистрибутер на BIOTREE за Македонија, Албанија и Косово на саден материјал од овошјето гоџи и брзорастечкото дрво пауловнија, и први во Македонија понудивме договори за гарантиран откуп на гоџи на нашите кооперанти.

 Од семе за садници, до производство на сок

Патеката по која започнал да оди нашиот соговорник, добила друга насока по три години. „Три години внесував саден материјал од Бугарија. Вработив агроном лозар овоштар, потоа направив тим за техничка поддршка на кооперантите (како се сади, како се крои). Но третата година квалитетот на садниците беше многу лош, а имав склучено многу договори со кооперанти. Значи мојата одговорност беше пред многу луѓе. Затоа, донесов нова одлука, сами да произведуваме садници. Иако немав претстава како оди оваа работа, си платив искусен човек од странство да ме научи како да произведувам органски садници. Набавив сертифициран семенски материјал од Кина со сите документи. Платив обука за себе и за целиот тим. Произведовме околу 20 000 садници пробно и потоа почнавме. Квалитетот на нашите садници беше под контрола и веќе во 2017 започнавме да продаваме. Во меѓувреме нашиот труд имаше резултати, добивме сертификат и се изборивме за добивање на сертификат за органски садници по втората година. Да се вртам назад. Странците бараат органско производство со ЕУ сертификат и бараат количини. На пример, околу 30 тони во пратка. Род што ние овде не можеме да го постигнеме. И сфатив дека треба да се свртам кон себе. И пак нова одлука – сами да го преработуваме до финален производ. Купив мали машини,  за да го затворам производството. Машините со мал капацитет, беа грешка. Подоцна купив нови. Не наидов на консултант со знаење, да ме поучи. А и помошта што се нуди преку ИПАРД , само одвлекува време и внимание. Лоши критериуми и услови. Небулози во програмата на ИПАРД. Како на пример околу понудите кои најчесто се проформа, околу вложувањето средства, па да чекаш поврат. Факт е дека јас како инвеститор барам најдобро, а не најевтино. И по една година чекање си ги повлеков документите.  Во вакви ситуации, без брзи решенија загубата е повеќекратна отколку добивката.“ Домашните ланци бараат ем рабат, ем ставаат плус маржа, а тоа влијае на побарувачката.

Правиме сокови за извоз- потпишавме договор со Филипини

-И почнав со производство. Направивме рецептури. Вработив 16 луѓе во погонот. Почнавме со производство на сок. Не го понудив на домашен пазар. Производството беше наменето само за извоз. Не во големи количини што јас би посакувал, но направив извоз.Направивме обрт со помали количества и стекнавме искуство. Кои документи се потребни. Каде и како треба да постапиш. Реализирав извоз во Саудиска Арабија и сега веќе ги правиме подготовките за извоз на Биопалнт сокови  за Филипини. Тоа за нас е голем успех се работи за 110 милионски пазар. Саемите се скапо искуство, гледаш што се бара, кои се трендовите, одлична надградба за сопственото напредување во производниот процес. Но, овие извози се резултат на моите посети на саемите во  Дубаи како изложувач. Таму бев три пати на саеми за органска храна. Потоа на саем за земјоделство во Оман и на саем за органска храна во Малме во Шведска. Со целосно самофинансирање на сите трошоци од патување, рекламен материјал, домаќинки, штанд, преведувач. Само два пати учествував на заеднички македонски штанд во Германија. Соработката со Филипинците произлезе од Дубаи. Договоривме солидна продажба.  Подготвуваме етикети со нашиот бренд за странски корисници. Сега семе во фаза на регистрација на нашите сокови на Филипини. Кога нивната агенција  за храна ќе ги регистрира нашите сокови  -контејнерот ќе тргне за Манила.

Да не беше ковид ќе зборувавме поинаку

Зрнцев објаснува дека минатогодишната состојба негативно се одразила на плановите. „Очекував дека во кризната ситуација ќе има поголема побарувачка на сокови. Пред се од аспект како здрав напиток за подобрување на имунитетот. Но луѓето внимаваат што купуваат. Многу останаа без работа, а фирмите потешко се одлучуваат за нови производи. За жал беа откажани веќе договорени количества за Англија, Шпанија и Норвешка. На домашен пазар Биоплант соковите ги нуди од јануари 2020 година. Продаваме во одбрани селектирани продавници и во продавници за здрава храна, а имаме и онлајн продажба. Но факт е дека само од тоа не се живее. Работата е сезонска. Инаку, машините имаат капацитет од 16 000 шишиња на ден. Се подновивме и со машина за „шотови“, бидејќи Англија бараше такви мали пакувања (иако засега како што веќе споменав договорите ги раскинавме).  „Шот“ е тренд пакување и тие инсистираа за такви кратки пијачки. Вообичаено вака се продаваат здрави- лековити напитоци.

Нов производ – еликсир

Меѓутоа креативноста на Зрнцев не спласнува. Оваа специфична ковид ситуација ја искористил за креирање на нов производ. Еликсир серија шот (60 мл.): имуно бустер и либидо бустер како новитети. Напитоците се составени врз основа на консултации и препораки на доктори по Ајурведа, со таа разлика што наместо со вода тревките се комбинираат со органски сок. „За еликсирите има голем интерес во странство. Ги промовирав на саемот во Дубаи. И тоа за време на ковид. Тој беше еден од ретките што се одржа. Инаку двата нови производи се уште во фаза на тестирање во акредитирани лаборатории, а и во нашата лабораторија. Ајурведата е најстара медицина, а сега собрани билки од природата со органски сокови. Се надевам дека во иднина повеќе ќе заработуваме од нив.“    Биоплант сокови подготвени за транспорт

Анима е најголем откупувач на органско овошје во Македонија

Сепак идејата од садници од семе до финален производ конечно е заокружена. Гоџи е најлукративен агробизнис во Македонија, според Зрнцев, меѓутоа луѓето се недоверливи, потешко го примаат. Но Анима има повеќе од 100 кооперанти и во моментов е најголем откупувач на органско овошје во Македонија. „Само со Агроплод имаме договор за откуп на 300 тони органско јаболко. Дополнително имаме склучени договори со приватни производители на органски овошја. Се што ќе се понуди квалитетно органско јаболко на пазарот, гоџи, вишна, малинка, го откупувам. Во Македонија нема големи блокови на приватни плантажи со овошје. Повеќето кооперанти се расцепкани и се со површина од по неколку декари. Но, како и да е засега ги задоволуваме потребите со количините. Дополнително не увезуваме никакви суровини. А на прашањето, кои се следни планови на компанијата, нашиот соговорник е јасен: само извоз. Интензивно освојување на нови пазари.    Годинава треба ќе откупиме преку 300 тони органско јаболко. И плус гоџи, малина, вишна.   М. Балдазарска