„Пелет Центар“ е компанија со 10-годишно искуство во продажба и дистрибуција на пелети. Сопственикот Владимир Стојановски вели дека од почетокот на работата досега не се соочиле со криза како актуелната. Во вакви регионални и континентални текови, тој не може да исклучи повторно поскапување на пелетите. Во услови, кога „Национални шуми“ најавува зголемување на цената на кубик дрво за 20 насто, прв пат, после осум години.  

Првиот сериозен дисбаланс во бизнисот со пелети настана во октомври 2021 година. Тоа е периодот кога статистички најмногу се продаваат пелети. Месеците се поклопија со енергетската криза која кулминираше есента. Владата донесе одлука за прогласување на енергетска криза. Тоа значително влијаеше да се покачи цената на пелетот. 
Како што раскажува Стојановски, во еден тон пелет, струјата учествувала со 15 - 20 евра по тон. Преку ноќ, тоа што учествувало со 20 евра, станува 100 евра по тон. Истовремено, покрај проблемот со струјата има и други фактори. Според него, тоа е пред се'  несоодветната понуда и побарувачка. 

„Многу капацитети не успеаја да се справат со ситуацијата и затворија. Сето дојде во период кога едни економии за нас битни, како Србија и БиХ намалија предвидена дрвна сеча. Со тоа намалување, многу капацитетите се соочија со недостиг на сировина, основен репроматеријал, тоа е дрвото. Одреден дел од граѓаните мислат дека се преработува само отпадното дрво за пелет. Не, индустријата е толку порасната и зголемена, што фабриките преработуваат повеќеметарско огревно дрво. Компаниите се соочија со недостиг на дрвна маса и се намалија производствените капацитети“, посочува Стојановски.  

Како илустрација, ја наведува соработката со една фабрика од Србија, која е најголем производител на Балканот со продизводство од 80 000 тони пелет.  Последниот увоз „Пелет центар“ го имала на во ноември минатата година. Дури половина година потоа, компанијата успеала да увезе незначителна количина. 

Војната во Украина  

Украина е голем снабдувач на пелети за западноевропскиот пазар. Но, не помалку и Русија. Сепак, Украина е голем снабдувач на Италија и Германија со пелети. Во ситуација кога Украина не може да ги испорача своите капацитети према тие држави,  западноевропските држави почнаа да прават сериозен притисок врз Балканските земји, од каде и Македонија се снабдува со пелети. 

„Хрватска, БиХ, Србија, се најголеми производители на Балканот. Сега имаме ситуација во која западноевропските земји доаѓаат и не прашуваат за цена, само бараат количина. Во таква ситуација е тешко. Ние сме мала економија. Многу тешко доаѓаме до количини. И тие количини до кои доаѓаме, се по повисоки цени“, вели Стојановски.  

Дополнително, во моментов, македонскиот пазар е погоден и од најавата за забрана на извоз на пелети и други дрвни сортименти. Таква одлука неодамна донесе Србија, а во БиХ веќе се заговара, иако се уште не поминала низ државните институции. Според Стојановски, сите овие параметри ја даваат големата слика во која има раст на цени и недостиг на количини.  

„Се трудиме со максимални напори да обезбедиме количини. Но, ќе биде тешка зима да се обезбеди доволна количина на пелети на македонскиот пазар. Увозите што ги имавме на почеток на април и сега во средина крај на мај, се за 20 насто повисоки во однос на почеток на април цените на увозниот пелет. Се надевам дека со последното поскапување, барем во следните 5-6 месеци би можеле да бидеме мирни дека нема да има ново покачување“, вели Стојановски.  

За досегашната повисока цена на пелетите, придонесоа зголемената цена на нафтата, на репроматеријалите, двојното поскапување на ПВЦ фолијата за пакување, одржувањето на производствените капацитети. Зголемена е цената и на утоварот и транспортот на дрвната маса, како и работната сила.