Измина веќе една година, откако од 1 јануари 2022-та, штипската приватна конфекција „Вабо “ премина во рацете на работниците, откако нејзиниот претходен сопственик Ване Богдов се повлече од бизнисот. Сега работниците стопанисуваат со фабриката, обезбедуваат плати, К-15 и им оди сосема добро во остварувањето на зацртаните цели. Со фабриката менаџираат Тања Николова, стручен и искусен технолошки инженер и Дарко Роглев специјализиран за извоз. 

За одговорноста, успесите, вработените и колку се остварливи можностите за проширување, разговаравме со Дарко Роглев. 

Со почетокот на 2023 година, изминува и периодот од една година откако поранешниот сопственик ја отстапи фабриката и од тогаш е во рацете на работниците. Колку беше тежок процесот на менаџирање на работата на фабриката, имајќи во предвид дека претходно сте работеле и на други позиции? Сепак, ќе се согласите дека одговорноста е многу поголема...

- Со досегашното работење во оваа компанија имаме големи олеснувања при менаџирањето бидејќи јас(Дарко Роглев) сум овде 11 години, а мојата колешка(Тања Николова) 22 години. Но тежината на обврските и одговорнаста е неспоредлива од аспект на работник и менаџер.

Како сте задоволни од досегашната едногодишна работа на компанијата под ваше управување?

- Генерално сме задоволни, но секогаш може и подобро (од наша гледна точка), од страна на вработените на... ќе треба да ги прашате нив.

Од медиумските написи, можеме да заклучиме дека конфекцијата „Вабо“ е компанија за пример во секторот во кој функционира. Повисоки плати од стандардот, бенефиции за работниците, максимално почитување на работничките права... Колку сето тоа е мотив повеќе за вработените и генерално за целокупниот процес на производство? 

- Ние сакаме да излеземе во пресред на сите барања кои вработените ги имаат од нас и се трудиме најдобро што можеме и умееме. Продуктивноста е зголемена и тоа ни е показател дека и мотивацијата кај вработените е на повисоко ниво.

Откако една година сами ја менаџирате работата, какви се билансите на успех на компанијата?

- По една година билансот на успех е позитивен.

Како компанија која е извозно ориентирана, колкаво производство успеавте да остварите во 2022 година? Дали евентуално постои простор за негово проширување? 

- Во оваа година успеавме да сошиеме цирка 120,000 панталони и 60,000 кошули. Простор за проширување има но најголем ограничувачки фактор за тоа е недостигот на работна сила, што мислам дека е голем проблем не само во текстилниот сектор туку во сите сектори на ниво на републиката.