Европската комисија ја именува компанијата „Букинг“ за „вратар“ согласно Законот за дигитални пазари за нејзината веб страница Booking.com, а во исто време реши да не им додели такви звања на „Икс“ (X) и на „БајтДенс“ (ByteDance) во однос на нивните платформи X ADS, односно TikTоk АDS.
Дополнително, ЕК реши и да покрене пазарна истрага за утврдување дали платформата за социјална комуникација на „Икс“ ги исполнува условите за стекнување на ова звање.
Одлуката за прогласување на „Booking“ за „вратар“ е донесена врз основа на анализата која покажала дека нејзината платформа за резервирање објекти за сместување Booking.com претставува значајна врска меѓу бизнисите и потрошувачите во ЕУ и ги исполнува условите да го добие оваа звање врз основа на Законот за дигитални пазари (ДМА).

Од друга страна, ЕК заклучи дека иако услугите за онлајн рекламирање X Ads на „X“ и TikTok Ads на „ByteDance“ според Законот за дигитални пазари ги исполнуваат квантитативните услови за именување за „вратари“, сепак тие не претставуваат важна врска меѓу бизнис секторот и корисниците, поради што реши да не им додели вакви звања на нивните компании сопственици.
Паралелно, Еврокомисијата започна пазарна истрага за понатамошна проценка на претходната одлука дека платформата „Х“ (Икс) не ги исполнува условите врз основа на кои компанијата „Икс“ би била „вратар“.
Имено, на 1 март Европската Комисија реши дека платформата „Икс“ ги исполнува квантитативните услови за доделување на „титулата“, но дека не се квалификува за неа како важна врска меѓу бизнисите и корисниците. Истрагата треба да заврши во рок од пет месеци.
Во реакција на овие одлуки, извршната потпретседателка на Еврокомисијата за конкурентност, Маргрете Вестагер, оцени дека таа претставува „добра вест“, бидејќи туристите ќе имаат корист од поголем избор на сместувачки капацитети, а хотелите ќе имаат повеќе деловни можности.
„Врз основа на нашата одлука, Букинг.ком се приклучува на листата на платформи кои треба да се придржуваат до основни услуги на правилата на Законот за дигитални пазари - ДМА“, изјави Вестагер.
„Booking“ сега има рок од шест месеци да се усогласи со обврските утврдени со Законот на дигитални пазари и да им понуди поголем избор и слобода на крајните корисници и фер пристап на деловните корисници до услугите на Booking.com.
Комисијата ќе го следи ефикасното спроведување и усогласување со овие обврски и во случај „Booking“ да не ги почитува обврските утврдени со ДМА, може да и изрече казни до 10 отсто од вкупниот промет на компанијата на глобално ниво, а при повторување на прекршокот казната може да достигне и до 20 проценти. Во случај, пак, на систематски прекршоци, Комисијата има можност за преземање дополнителни правни лекови, кои вклучуваат и наредба на компанијата да го продаде својот бизнис или негови делови.
Законот за дигитални пазари (ДМА) има за цел да обезбеди конкурентни и фер пазари во дигиталниот сектор со тоа што им поставува правила и обврски на големите дигитални платформи кои обезбедуваат важна врска меѓу деловните корисници и потрошувачите, со цел да се спречи создавање „тесни грла“ во дигиталната економија.
Согласно ДМА, лани на 6 септември ЕК ги прогласи за „вратари“ компаниите „Alphabet“, „Amazon“, „ByteDance“, „Apple“, „Microsoft“ и „Meta“ и тие мораа до 7 март годинава да се усогласат со законските правила. Дополнително, 29 минатиот месец, Комисијата дополнително го прогласи „Apple“ и за „вратар“ поради неговиот сајт за оперативни систем за таблети ајПадОС, кој има рок од шест месеци за усогласување со ДМА.
На 25 март 2024 година, Комисијата отвори истрага за неусогласеност со правилата на Alphabet за управување во Google Play и самопретпочитање на Google Search, правилата на Apple за управување во App Store и изборниот екран за Safari и моделот „плаќање или согласност“ на Meta “. Комисијата најави дополнителни истражни чекори за собирање факти и информации во врска со самоповластувањето на Amazon и алтернативната дистрибуција на апликации на Apple и новиот бизнис модел.
На 29 април 2024 година, Комисијата го назначи iPadOS на Apple, неговиот оперативен систем за таблети, како чувар на врата под ДМА. Apple сега има шест месеци да го усогласи iPadOS со релевантните обврски ДМА.