Александар Клинчаров e четвртата генерација во семејството кој заедно со својата сопруга ја продолжува традицијата на одгледување на лозови насади и производство на ракија и вино, но и прва генерација која ја озаконува винаријата, односно го легализира домашното производство.

Производството на вино во фамилијата Клинчарови датира уште од турско време. Во тој период, тие важеле за една од поголемите фамилии во Тиквешијата кои одгледувале квалитетно грозје, и произведувале убаво вино и ракија. – А, дека нашата семејна лоза била познат производител на грозје и производи од него се потврдува и со веродостојни пишани податоци сочувани како историски документи, според кои моите прадедовци плаќале најголем данок на шира на султанот. Значи тоа било пред повеќе од еден век. Убавото грозје, како и квалитетот и густината на самото вино било надалеку познато. Го продавале на пазарите во Солун, Прилеп, Битола“, раскажува Клинчаров.

Приказната за лозарите од оваа семејство

Винаријата „Клинчаров“ е сместена во полуподрумските простории на семејната куќа во Кавадарци, која се наоѓа на само десетина минути од центарот на градот. Домаќинот не дочека во дворот на семејната куќа и не прошета во винаријата, сместена во сутеренот, од каде се чувствуваше мирисот на свежо изгмеченото грозје и на дестилатите од процесот на подготовка на вината и ракијата. Во една просторија е сместена дестилеријата со современи иноксни дестилати, во друга дрвени бочви за вино, а одајата пред нив се реновира и подготвува за салон за дегустација. Потоа се упативме во наследена стара куќа во истиот двор, во подрумската просторија која плени со сите автентични алати и предмети кои се користеле низ времето за преработка на грозјето. Предмети, кои немо ја раскажуваат приказната за лозарите од оваа семејство. Токму во овој простор, кој и пркоси на жештината, на триножни столчиња со дрвена масичка пред нас, опкружени со бочви за ракија и стари алати за обработка на грозјето, овој вљубеник во винарството се обиде да ни ја долови приказната и љубовта на генерации лозари, винари, ракиџии, кои непоколебливо ја продолжувале традицијата на обработка на лозјата од тиквешкото поднебје.  

Клинчаров себе си се нарекувам универзален агроном. Дипломирав како инженер агроном по биотехнологија, работам во „ТЕЦ Неготино“ како инженер по хортикултура и имам семејна винарија, каде си работам како инженер за лозарство и винарство- што би се рекло комплетен агроном

Денес семејството Клинчарови располагаат со еден ипол хектар лозови насади кои се наоѓаат во атарот на кавадаречките села Ресава и Беглиште. Локации кои  се вбројуваат меѓу најдобрите места за одгледување на лозови насади во Тиквешкиот регион. -Овде, вели Клинчаров, - се одгледува темјаника и станушина, од кои се добиваат најдобрите вина. Успеваат и кратошија, вранец картошија, смедеревка, ризлинг, белан, како и асталските сорти кои исклучиво ги користиме за производство на ракија, како кардиналот и италијанскиот мустанг од кои ја правиме нашата брендирана жолта ракија „Клинчаровка“.

Всушност, Александар потекнува од Ресава, а неговата сопругата од Беглиште. Па шегувајќи се на сопствена сметка, ни рече: и овде, во бракот не ја прекинав традицијата, ресавските ергени се одомуваат со беглишки моми- ги споивме и имотите и традицијата.

Нов дух во традиционалното производство

Традиционалниот начин на производство, со кое Александар Клинчаров пораснал како дете, денес го поткрепува не само со многу труд, туку и со наука. Тој е магистер по земјоделски науки и докторанд на Европскиот универзитет во Благоевград, каде што докторира на тема за македонската автохтона сорта станушина во споредба со нивната пловдина.

Кога се во прашање карактеристиките на оваа автохтона сорта и спецификите што таа ги дава на виното, Клинчаров вели: станушината е исклучиво позната по нејзината отпорност кон овдешните услови. Вирее и на суша, а е отпорна и кон болестите во нашето поднебје и затоа и успевала низ вековите наназад. Не бара многу третмани, а дава богат род со добар квалитет. Од неа се прават црвени и пред сѐ розе вина, а во последно време некои винари произведуваат и бела станушина за производство на нов бренд на бели вина.

„Јас буквално пораснав меѓу лозовите насади. Баба ми и дедо ми секогаш ме водеа со себе, па лозјето едноставно го чувствувам како составен дел на фамилијата, а и станушината која ја одгледуваме повеќе од 100 години, е како наша ДНК, фамилијарен симбол. Паметам дека и мојот дедо Цандо го правеше виното овде – во бочви. Тогаш произведувавме околу 1000 до 1500 литри вино од станушина. Татко ми продолжи со тоа, и тој беше голем мераклија. Јас раснев опкружен со работата, посветеноста и љубовта кон лозовите производи. Така со тек на времето започнав да ги собирам и сите старински алатки за преработка на грозјето и еве си создадов едно катче проткаено со многу спомени, приказни и старински предмети. Сите тие се неми сведоци на промената на начинот на производство, на промената на времето.

Денес, винаријата и дестилерија „Клинчаров“ произведува околу 7000 литри вино и околу 1000 литри ракија годишно. -Засега толкав ни е капацитет со тенденција да го зголемиме (видовте веќе реновираме и ќе се прошириме во нова просторија). Желба ми е да произведуваме околу 10 000 литри вино и до 2 500 литри ракија, колку што сме и законски обврзани како семејни дестилерии. Законски семејните винарии се ограничени до 30 000 литри вино и до 2 500 литри ракија.

Брендот „Клинчаровка“- наша дамнешна желба

Долгогодишното производство на ракија Александар го овековечил под брендот „Клинчаровка“ која ја подготвува од кардинал и мускат, кои ги пресува и повторно ги препекува. Ракијата лежи 12 месеци во дабови буриња и кога оценува дека е ‘легната’ ја флашира. Оваа семејна винарија, покрај жолтата ракија „Клинчаровка“ произведува околу 10-ина сорти на вина и ракија.

Винаријата нуди -четири вида бели вина: Темјаника, Белан- гренаш бланко, Ризлинг и Кувет бело: Темјаника и Смедеревка. Годинава покрај „Момата Ресавка“, подготвуваат уште едно розе вино од станушина, малку поцрвено, поавтентично. И располагаат со црвени вина познати под брендот: Каберне Совињон вранец, Марикирани кабарне совињон Барик и Вранец.

Клинчаров не ја крие својата емоција и гордост од постигнатиот успех на саемите во регионот и особено од учеството на „Винска визија отворен Балкан“ во Белград. Таму две години по ред доживуваат одлична промоција и куп признанија за квалитет. За виното „Момата Ресавка“ годинава добиле бронзен медал, а за „ Каберне совињон“ сребрен медал, додека претходната година со сребро било закитено виното „Вранец“. Клинчаров вели;„не може да се раскаже какво е чувството меѓу илјадници примероци, една мала винарија да биде наградена, да биде на ранг на Тиквеш. Ние сме многу горди на нашето „Каберне совињон“ со кое освоивме 90 поени, за еден бод не освоивме злато. И не само ние, голем број од нашите македонски семејни винарии речиси од сите вински манифестации се враќаат со бројни награди. Тоа зборува за квалитетот што навистина ги имаат нашите семејни винарии.

Во 2022 година учествуваме на шест меѓународни натпревари за ракија и на сите победивме. Најдобрата сатисфакција за квалитетот кој го презентираме беше на фестивалот во Панчево, најпознат фестивал за ракија во регионот. Таму меѓу 3 000 изложувачи од 12 земји, „Клинчаровка“ беше прогласена за најдобра странска ракија, а  во Житиште златен медал за вињакот, што го произведуваме од сортата Мускат.

На винариите им се потребни салони за дегустација

Клинчарови моментно не само што ги прошируваат капацитетите за производство туку планираат и салон за дегустација, со цел да го развиваат вински туризам.

Александар вели дека во лозарството се развива еден нов начин на поврзување на лозаро производство со туризмот. „Ние го следиме овој тренд и се трудиме во нашите винарии да одвоиме, уредиме или доградиме соби за дегустација. Идејата е да го истакнеме нашето гостопримство, квалитет, и начинот на кој  произведуваме. Љубителите на жестоки пијалаци ќе имаат можност да не посетат и да ги дегустираат домашните убави вина и ракии. Да ја слушнат нашата семејна приказна, а интересот е најголем за време на гроздоберот. Туристите имаат желба да се запознаат со процесот на производство од самото муљање на грозјето, пресување, ферментирање, па се до крајниот производ, ракија и вино, вињак, ликери. Ние имаме потенцијал да ги поведеме на тој вински пат, бидејќи самите сме вклучени во сите процеси на производството, од кроење, врзување, заштита, орање, наводнување, работиме сами со комплета сопствена механизација.

Здружени за подобар пласман

Клинчаров  е актуелен претседател на Здужението на семејни тиквешки винарии. Здружението го формирале заради начинот на организираност и поддршка за подобар пласман и настап на пазарот. „Во таа насока, раководството на нашите здруженија донесе одлука да ја промовираме и негуваме нашата единствена автохтона сорта -станушина, со цел да бидеме препознатливи. Бројните награди од саемските регионални манифестации за нашите пијалаци сами по себе се доказ дека имаме квалитет, имаме потенцијал, а сега со помош на Сојузот на стопански комори и на министерството верувам дека ќе успееме да реализираме и соодветна маркетинг промоција.

Посебно сме благодарни што ССК се избори нашата домашна ракија да се изземе од луксузните производи што ги опфати Законот за нефер трговски практики, заедно со домашните вина и пивото. Во секој случај голема логистичка поддршка“, вели Клинчаров.

Инаку, како што објаснува претседателот, за виното имаат добра мрежа на разгранетост низ повеќе градови во Македонија, во етно ресторани, специјализирани продавници и на саеми. Но, ракијата поради својата специфичност, потешко ја пласираат. Затоа целта на Здружението е во иднина да се насочат кон проширување на пласман на домашната ракија не само на локалниот туку и на странскиот пазар.

Нашиот соговорник е горд што преку здруженијата издејствувале неповратни грантови  од 10 000 евра за винарии и 5 000 евра за дестилерии.

- Лани грант добија околу 140 нови семејни винарии и околу 12 семејни дестилерии. Верувам дека и годинава ќе продолжи овој вид на субвенционирање и очекувам да се прошири финансиската поддршка во делот за сместувачки капацитети и дегустациони сали. Тиквешкиот регион е дестинација со богата понуда, па приоритет во иднина ќе биде промоција и силна маркетинг кампања да се купуваат вина од малите семејни винарии, кои ги застапуваат локалните автохтони сорти и имаат огромен потенцијал за развој на винскиот туризам- секоја со своја приказна и автентичност.

Во таа насока веќе ги направивме и првите чекори, потпишавме договор со маркетинг агенција за прием на гости за дегустација до 15 луѓе со посета на нашите лозја,“нагласи нашиот соговорник.

Не може да има субвенции за напуштено лозје

Клинчаров смета дека нема подобра работа од сопствено производство, а земјоделството тоа го овозможува, но токму на тоа поле смета дека долги години е водена погрешна политика, која ги уништи селата. Дури и субвенциите не можат да ја подобрат состојбата. Пред сѐ поради недомаќинското распределување, односно како што тој вели: Не може да има субвенции за напуштено лозје. Јас потенцирав дека нема никаков ефект од субвенционирањето од 2005 година наваму. Тоа е евидентно во сточарството, кое иако се субвенционира опаѓа во сите категории. Пред два месеца добив податоци според кои во 2000 година имало 55 000 производители на млеко. Во 2010 г. паднале на 40 000. Во 2020 г. само на 10 000, а 2023 само на 4000 производители. Таква судбина ги чека и лозарите, ако не се преземат мерки. Во  2020 г. имаше 23 000 хектари под лозов насад, а сега не сум сигурен ни дали се 15 000 хектари, од кои околу 9000 до 10 000 се во Тиквешијата. И уште повеќе ќе опаѓаат со ваков пристап.

Потребна е строга контрола при субвенционирањето не само за лозјата, туку за сите култури. Министерството си има кадар, нека одат на терен. Субвенциите да завршуваат кај правите лозари, земјоделци, кои треба да бидат носители, промотори на новите технологии во модрнизација на земјоделството.