Циркуларна економија во последната декада не е само концепт туку начин на размислување дека отпадот може да биде ресурс, којшто преку иновативноста и креативноста може да стане одржлив процес што се повеќе навлегува во индустриите, како цементната, челичната, текстилната, градежната итн., кои можат да го искористат отпадот од други индустрии во производство на својот краен производ.
За тоа колку цементната индустрија е вклучена во искористување на отпадот како ресурс, кои видови на отпад каков е капацитетот на производните циклуси и развојот на нови материјали во производството на цемент говри Гоце Цветковски, технички директор во ТИТАН УСЈЕ. Тоа е човек со над 16 години искуство во управување со цементни постројки во различни земји во окружувањето, експерт за производствени процеси, операции и организациски развој со докажани способности за усогласувања на операциите со корпоративните стратегии за одржливост, безбедност и заштита на животната средина.

Добри практики на база на циркуларна економија
Говорејќи на оваа тема Цветковски пренесува некои добри практики што ги има ТИТАН Цементарница УСЈЕ кои се потпираат на принципите на циркуларната економија.
Техничкиот директор потсетува дека Компанијата е основана 1955 г. и од тогаш станува неразделен дел од развојот на Република Македонија. Практично не постои мост, болница, училишта, пат што не се изградени со нивниот цемент. Компанијата својот развој континуирано го надополнува со иновативни технологии, нови филтри, технологија за намалување на азотни оксиди итн. Од 1999 г. Цементарница е дел од Групацијата ТИТАН, со која заедно има 120 години искуство, 13 фабрики, 25 пазари и 6 000 вработени.
Во Скопје, Цементарница има околу 250 вработени, капацитет од 1,4 милиони тони годишно и целото работење е насочено кон одржливо производство, управување со отпад и намалување на штетните влијанија.
Во последните 10 години, како што објаснува Цветковски, во подобрување на процесот на работа се вложени околу 55 милиони денари. „Би издвоил дека Усје е првата компанија во Македонија која доби сертификат, со кој се потврдува дека 99,8 проценти од отпадот што се создава на локацијата се управува прописно. Усје е една од водечките компании, која за сите производи го има потврдено, сертифицирано целото влијание на нашите производи врз околината: колку ЦО2 има во секој тон цемент, колку електрична енергија се потрошило, и кои се други влијанија ги има врз животната средина. Не би набројувал повеќе. Во последните 20 години засадивме околу 450 000 дрвја со помош на расадникот кој сами го развиваме.“
Најеколошки прифатлива мерка за управување со отпадот.
Според Цветковски најдобро е да се превенира, односно да не се создаде отпад. Додека следна мерка е повторно да се употреби, трета мерка е рециклирањето и онаа потенцирана мерка на која Цементарница е фокусирана, е постапката на процесирањето како начин на истовремено искористување и на енергијата и на отпадните материјали. Тоа е мерката во која цементната индустрија веќе 40 години во Европа го наоѓа своето место како решение со отпадот.
-Сакам да потенцирам, вели овој искусен стручњак, - процесирањето е она што останува после рециклирањето, процес што се надоградува на принципите на рециклирање во насока на одржливиот развој. На овој начин европската цементна индустрија намалува околу 24 милиони тони ЦО2 годишно со користење на отпадот како гориво и ресурс и се намалуваат околу осум милиони тони јаглен.
Во хиерархијата за управување со отпадот следно после оваа постапка е чистото енергетско употребување на отпадот, инсенерација и најнеповолна варијанта која ја имаме во 98 проценти во Македонија, тоа е депонирање на отпадот.“
Конкретните придобивки се економски, еколошки и социјални од копроцесирањето на алтернативните горива, затоа што се создава помалку отпад, помалку ЦО2 се намалува зависноста на државата од фосилните горива, се добива енергетска независност, се намалува увозот, а истовремено социјално се решаваат локалните проблеми, се создаваат нови работни места, се вклучува заедницата во управувањето.
Во УСЈЕ во последните пет години во производството се употребени околу 20 000 тони отпад, од кои 50 отсто е текстилен од нерециклавирни фракции и на тој начин е спречено нивното завршување на депонија. Овој начин е еден од темелите на нашето работење во склад со циркуларната економија, потенцира соговорникот.
Интегрирање на отпадот во производството на цемент
-Цементната индустрија е специфична, не само што не создава отпад, туку таа е одлично решение за искористување на отпадот од другите индустрии. Затоа цементната индустрија е преферирана во ЕУ.

Станува збор за копроцесирањето, процес во којшто се искористува и материјалот и енергијата. Кога зборуваме за алтернативни горива кои се добиени од отпад – зависно од нивниот состав и начинот на кои се добиени - секогаш се создава процент на несогорлив остаток, пепел кој во кој било друг случај би претставувал проблем, но не и во цементната индустрија, бидејќи се работи за екстремно високи температури - 2000 степени на пламен и 1450 степени на растопен материјал. Под вакви услови се вградуваат во самиот материјал остатоците од пепелта на сите горива. Значи има комплетно согорување со вишок на кислород и долго време на престој. При тоа, како што објаснува Цветковски, цело време има мониторинг на емисиите и на овој начин Усје со своите печки за цемент нуди многу подобри услови од оние дизајнирани за уништување на отпад.
Меѓутоа, на цементната индустрија не ѝ е потребен отпад, туку како што вели овој стручњак, потребно и е гориво кое за да биде лесно употребливо треба да има одредени карактеристики: стабилна калорична вредност, да нема хлор, контролирана влажност. А за да добијат ваков хемиски состав потребно е да се користи посебен начин преку кој од отпадот ќе се добие гориво кое може да се примени.
Циркуларна економија во Македонија реалност или мит?
Кога зборуваме за интегрирањето на отпадот во производството повеќе од сигурно е дека циркуларната економија во Македонија е реалност, а придобивките од копроцесирањето на отпадот, Цветковски ги категоризира во три категории:
-Број еден се еколошките придобивки затоа што се создава помалку отпад што завршува на депонија. При тоа се создава помалку ЦО2 емисии, затоа што се намалува зависноста од фосилни горива и сето тоа се извршува во инкорпорирани услови во постоечки индустриски инсталации .
Економските придобивки се однесуваат на економската независност на земјата, односно се намалува увозот, наместо да се купува јаглен или петро кокс. Со преработка на домашниот отпад во гориво, парите за увоз би останале во домашната економија. Потоа, со добро дизајниран систем на управување на отпадот дури се можни и заштеди и се врши диверзификација на ресурсите.
Социјалните придобивки пак се видливи во развој на локалната економија , создавање нови работни места. Значи сите тие комунални претпријатија и депонии треба да станат фабрики за преработка на отпад при што количината за рециклирање значително ќе се зголеми и оние фракции кои не се рециклибилни ќе се претворат во алтернативно гориво и депонискиот простор ќе се зачува, објаснува Цветковски.
Тој додава дека во сите овие активности треба да има значително учество на институциите, на законската рамка и инфраструктурата. Тоа е она што може да ги промени работите – јавната свест според мене е второстепена.
Имајќи го предвид ваквото искуство на цементната индустрија повеќе од јасно е дека циркуларна економија во Македонија не е мит, туку реалност. Македонија сигурно чекори кон интегрирање на принципите на циркуларната економија.