Циркуларната економија станува составен дел на секојдневното функционирање на секој бизнис, и тоа не само во Европа, туку и во регионот а и во нашата земја.

Циркуларна економија-модел за минимизирање на отпадот и искористување на ресурсите за одржлив раст на економијата, беше насловено и месечното обраќање на актуелна тема во организација на Стопанска комора на Македонија.

За процесот, потребата и значењето на „циркуларната економија“ на месечното обраќање говореше и проф. д-р Наташа Петровиќ, од Факултетот за организациски науки на Универзитетот во Белград. Таа на овој факултет за   мултидисциплинарни студии за менаџмент и информатиката предава еколошки менаџмент и одржлив развој, како и дизајн за животна средина. Инаку со своите колеги формирале модул за циркуларна економија меѓу првите во регионот, додека  Центарот за циркуларна економија во Србија функционира од 2018 година.

Професорката својата презентација ја започна нагласувајќи колку Комората со своите бизнис членки се битни за науката. - Стопанството, бизнисите, коморите се битни за науката да одговори на барањата. Бидејќи ниту академијата, ниту науката не можат да постојат само за себе, посветени само на теоријата. Затоа Факултетот за организациски науки во Белград (ФОН), на кој работам е толку добар, бидејќи настана од стопанството и за стопанството. Го формираа преку 60 претпријатија на тогашната земја и ние сме познати по тоа што имаме соработка и стручна пракса со над 700 до 800 компании. Нашите студенти мораат да одат на стручна пракса, мораат да имаат контакт со компаниите и да ги стекнуваат тие практични знаења. Е сега токму поради тоа за жал некои студенти не ги завршуваат факултетите на време, бидејќи се веќе вработени. Вака професорката ја претстави научната институција од која доаѓа, а потоа започна со презентацијата за „циркуларна економија“.   

-Кога говориме за циркуларна економија (ЦЕ), всушност говориме за демистификација на поимот на ЦЕ. Тоа е сега еден модерен термин за кој сите говорат и го наметнуваат дека мора да се реализира, но што е тоа?

За жал повеќето сметаат дека ЦЕ е само рециклажа, затоа што повеќе се споменува отпадот. Но, точниот превод на ЦЕ од англиски е кружно стопанство (економија), а стопанството опфаќа производство, распределба, размена и потрошувачка. И доколку го именуваме така, тогаш на сите би им било јасно за што точно се работи.Тоа е нешто што во стопанството треба да кружи, циркулира и прави круг. И токму поради несоодветниот превод ние доаѓаме во недоумица, за што се работи, затоа што повеќето мислат дека тоа е врзано за економија, а некои баш бегаат од економија. И затоа многу луѓе не знаат што е тоа и не сакаат да се занимаваат со ЦЕ. Јас сега работам со студенти кои немаат поим што е ЦЕ. Ние мораме да работиме што повеќе во оваа област за да овој поим биде препознатлив, и во медиумите и во општеството.

 Плава планета

-Кога зборувам за ЦЕ, вели професорката,- јас секогаш започнувам од плава планета, а кога зборуваме за неа во секојдневниот говор ја сметаме за зелена. Зашто е зелена бојата ако ние сме на плава планета.Сите знаци кои се врзани за екологија се со зелена боја- нормално затоа што ние како хомо сапиенс сме копнен вид и нас најважно ни е тоа. И тоа говори колку човекот е себичен....Ние овде не би седеле и разговарале да не беше индустриската револуција, да не сакаа некои нагло да напредуваат и да произведуваат производи кои траат многу кратко и да создаваат профит за себе. И сите знаеме дека еден од деловите на циркуларната економија е управување со животниот циклус на производите и тој животен циклус на производите треба да биде што подолг. На пример се сеќавате на Нокиа 10, ми траеше 10-ина години, а сега новите мобилни телефони сме присилени да ги менуваме на максимум две години. Затоа што ако се расипе едноставно е поскапо да се поправи отколку да се купи нов. Мене никој не може да ме убеди дека ако пред 20 години Финците знаеле да направат долготраен Нокиа апарат, дека сега овие ајфони, кои не се трајни и чинат колку еден дигитрон и кои завршуваат во некој отпад или рециклажа за две години, не можат да бидат поквалитетни. Тоа е она што човекот го направи со задача. Единствено мерило за квалитет и успех се гледа колку ќе купиме, колкав профит ќе се оствари. Циркуларната економија не е тоа, таа има голема врска со економијата на делење, а економијата на делење е штедлива економија. И воопшто се во екологијата е поврзано со штедењето. Да ги штедиме нашите ресурси, да ги штедиме нашите производи и на тој начин да остваруваме економски бенефит што на компаниите уште како им е потребно за да останат на пазарот.“

Според професорката Петровиќ, поентата на приказната со ЦЕ е дефакто дека мора да го опфати целиот свет. Затоа што во екологијата нема локално, сѐ се посматра глобално. „Екологијата има проблем, односно ние имаме проблем со она што и го направивме на природата и кога го посматраме отпадот, тоа е она следна четврта димензија, времето. Сите знаеме, а тоа често го гледаме и на плакатите и на медиумите и кога работиме нешто сведоци сме колку отпад се остава во природата. Отпад што не се рециклира и му треба пар десетици па и сто години да се распадне.

Во својата презентација професорката нагласи дека има повеќе дефиниции за ЦЕ но во основа тие се поврзуваат за овие две дефиниции за ЦЕ на Европската унија:

*Модел на производство и  потрошувачка која вклучува делење, лизинг, повторна употреба, поправка и рециклирање на постоечките материи и производи така што им се продолжува животниот циклус.

* Во пракса ова значи намалување на отпадот до можен минимум, и рециклирање на она што е веќе генерирано како повторно би се направила употребна вредност.

Според Петровиќ, првата е сеопфатна бидејќи кажува дека ЦЕ е и производство и потрошувачка и лизинг и рециклирање. Значи рециклирањето е крај, кога веќе нешто влегло во фаза на отпад и се трудиме тие ресурси повторно да ги користиме.

„Ова уште како е потребно, бидејќи кога се во прашање необновливи извори и необновливи материјали ние просто веќе ќе ги немаме. Така што ќе бидеме присилени некои материјали како на пример некои видови метали по неколку години да ги имаме само преку процесот на рециклажа. Затоа најдиректно, иако опфаќаат и многу други цели, целта на одржлив развој се однесува на одговорно производство и потрошувачка, но секако имајќи предвид да ги штедиме ресурсите, да го намалиме отпадот што има многу поврзаност и со климатските промени, со животот на земјата, и под водата со загадувањето на водите со пластика...

Отпадот од друга страна е во фокус на ЦЕ. Ние може да зборуваме за стратегијата кон нула отпад, но до таа точка е скоро невозможно да се дојде, значи не може. Па за тој отпад како и ЕУ и ОН, па и ние во Србија имаме слични дефиниции: се работи за материјални предмети кои веќе не ни требаат и кои се фрлаат. И токму тука треба да настапи секторот на рециклажа, којшто треба да биде многу добар и јак. Во Србија се работи на тоа, но мора да признаам дека не го рециклираме отпадот доволно и правиме многу комунален отпад. И тоа е состојба со сите земји на Балканот. Просто свеста за отпадот е на ниско ниво“, објасни Петровиќ. За да се надмине ваквата состојба професорката предлага да се учи за овие работи уште од најмали нозе, во детските градинки и во што пониски одделенија во основните училишта: „Не се сомневам дека во догледно време ќе се дојде до задолжителни предмети  за одржлив развој и циркуларна економија во основните училишта. Просто ни требаат луѓе кои ќе ги имаат тие знаења и предзнаења за да се искористат подоцна.“

Да не правиме производ кој ќе стане отпад

Следејќи ја презентацијата, професорката рече: „сега доаѓаме до таа волшебна рециклажа и тоа е која било активност или операција која има задача да го искористи отпадот и да го претвори повторно во материјали за производ за првобитна намена.“

Системот на стопанисување кај нас има линеарен модел на економија. Значи поаѓаме од екстракција и сакаме сите материјали да ги земеме од природата, па се занимаваме со нивна преработка, потоа во нивна распределба на различни видови производи и тие се трошат и завршуваат како отпад. И тоа е една линија која мора да се претвори во кружна линија односно преку отпадот кој ќе се преработува и врати во самиот систем на почетокот на производството, да го затвориме кругот. И со тоа се трудиме низ кружно движење (како што треба да биде кружната економија) да го имитираме најсовршениот систем кој постои на планетата, а тоа е природата. И таа е сосема успешна, иако ние во последните 200 години навистина се трудиме да ја онеспособиме, но таа и понатаму успева да преживее“, вели Петровиќ, која детално објаснува:

-Основа на Ц.Е е да се труди да ги оптимизира употребата на ресурсите за да се прави што помалку отпад, и тој отпад да се рециклира. За да се оптимизира употребата на ресурсите треба  во самиот дизајн на производот, на самиот почеток да се води сметка да се дизајнираат и конструираат производи кои ќе бидат блиску до нула отпад. Значи да не правиме производ кој ќе стане отпад.

Фазите на моделот на ЦЕ се: дизајн, производство, дистрибуција, користење, собирање и рециклирање и оној преостанат отпад кој би требало во најдобар случај да се запали, но на посебен начин за да се добие енергија, а да се елиминираат штетните гасови. Значи мора да постојат соодветни филтери или соодветни системи, како што е тоа во Виена, а не на санитарни депонии.

Поентата е дека единствениот дом на сите нас ни е планетата. Екологијата и природата е нешто што нас сите не допира. Линеарната економија се претвора во ѓубре, економијата на рециклажа зема дел (достапни) од отпадот, додека ЦЕ има стратегија да дојде до нула отпад.“

 

Менаџирање на отпад

Професорката вели дека менаџирањето на отпадот бара проактивно делување и превентивни мерки.

Проактивно делување бара луѓето да имаат знаење, алатки и алати, стручност, култура за да размислуваат еколошки одржливо. Ако погледнеме наназад зборуваме за поими:  природа, природа и општество, па екологија, па се појави заштита на животната средина. Според професорката приближно вака се развиваа историски поимите од оваа наука, па потоа следеше економски менаџмент, па одржлив развој, па одржливост и потоа одеднаш ЦЕ. „Значи како нешто што ние го знаеме, но сега е просто радикализирана. И сега она што е најкомплетно е одржлив развој кој има три столба: екологија, друштво и економија. ЦЕ е во рамки на тоа, значи е потесен смисол од одржлив развој. Но, би требало да се напомне дека одржливиот развој треба да има четврта димензија, а тоа е култура. Тоа е корпоративна етика која ќе води сметка за животниот стил.

И не е само за рециклажата. Најбитно е да се воспостави поинаков начин на размислување, и за производство и за трајност и за поправка...Се е направено да не ви се исплати да одите на поправка туку да купите ново.

Едноставно треба да ја копираме природата, односно процесите во природата, тоа е она што се вели системски пристап кој владее во природата наспроти линеарната економија, која прави производ за отпад.

Така и ЦЕ е модел за продолжување на животниот циклус на производите. Нашата цел е да имаме производ кој има долг животен циклус. И кога тој производ ќе дојде во фаза на отпад да биде искористен, рециклиран за натамошна употреба или за производство на енергија.

ЦЕ на прво место се занимава со пластика, сега и со отпадоци од храна и дигитален отпад.Но, голем е проблемот и со биомасата и градежниот отпад кој е кабаст за одлагање.

Петровиќ посочи и позитивни примери кои веќе се практикуваат во светот, а кои придонесуваат за намалување на отпадот. За да нема вишок на храна пожелно е да се купува храна на мерење,  системи за полнење за повеќекратна употреба, користење на помали пакувања и најважно според неа да не сме многу потрошувачки настроени.

Според професор Петровиќ клучно за ЦЕ е поврзување на науката и бизнисот и повика компаниите да ја користат ЦЕ како одржлив концепт на економија кој води до одржлива економија во целост.