Црна Гора е трета во Европа по процентот на енергија добиена од ветерните електрани, според податоците на веб-страницата windeurope.org.

Двeте црногорски ветерни електрани Можура и Крново до 17 септември задоволуваат 36 отсто од вкупните црногорски потреби за електрична енергија, пренесува порталот РТЦГ.
WindEurope е асоцијација за енергија на ветер во Европа, а нејзини членки се националните асоцијации за енергија од ветер на сите европски земји.
Посетителите на веб-страницата windeurope.org можат секојдневно да се информираат за податоците за учеството на енергијата на ветерот во вкупното производство на електрична енергија во одделни земји.
Црна Гора во моментов во електроенергетскиот систем ги има ветерниот парк Крново, со инсталирана моќност од 72 мегавати (MW) и ветерниот парк Можура, со моќност од 46 MW. Планот е да се изгради ветерниот парк Гвозд со проценета инсталирана моќност од 54 мегавати, додека во план е и ветерниот парк Браиќи од 100 мегавати.
Имајќи ги предвид поволните климатски услови и значителните количини на сонце и ветер, во иднина, со инвестирање во соларна енергија и ветер, Црна Гора би можела многу брзо да ја трансформира својата електроенергетска индустрија и да го имплементира бриселскиот императив за процесот на декарбонизација релативно безболно.
Од 24 мај до 2 јуни 2019 година, за прв пат, Црна Гора произведе доволно енергија од обновливи извори за да ги задоволи сите потреби, со што се приклучи на малиот број земји кои можат да се пофалат дека ја произвеле целата потребна енергија од домашни обновливи извори на енергија.
Во тој период кога термоелектраната (ТЕ) Пљевља не беше во функција, произведени се околу 82 милиони KWh енергија, а се потрошени околу 75 милиони KWh.
Македонија е најзависна земја од увоз на струја во регионот
И додека Црна Гора е апсолутен лидер во регионот во призводство на струја од ветер, а целата струја во Албанија е од обновливи извори, Македонија увезува дури една третина од струјата и е најзависна земја од увоз во регионот. Додека Босна и Херцеговина е единствена која има и за извоз, стои во анализата на Радио Слободна Европа.

Ситуацијата со производството на струја во Македонија е повеќе од загрижувачка. Се увезува дури една третина од струјата што ја троши. Од една страна не се произведува доволно, па земјава купува од странство по многу високи цени, а од друга страна, најголем дел од струјата што се произведува е од јаглен, кој ја загадува животната средина.
Со производство на струја не може да се пофали ниту Косово, каде над 90 отсто од струјата е од јаглен. И кај нив не се произведува доволно, а и таа што ја произведуваат е од јаглен, во термоцентрали кои се големи загадувачи.
Србија, Албанија и Црна Гора се скоро на нула. Произведуваат колку што трошат. Босна и Херцеговина е единствена земја во регионот која има и за извоз. Целата струја што ја произведува Албанија е од обновливи извори на енергија, во најголем дел од хидроцентрали.
Во основа Србија најмногу произведува, но и најмногу троши. Албанија троши најмалку струја по жител, а Црна Гора најмногу. Производството на струја во сончеви централи во регионот е занемарливо. Целиот регион во голема мера е зависен од јаглен за производство на електрична енергија.
Сите земји извезуваат кога имаат вишоци, и увезуваат кога им треба, но Македонија е најголем нето увозник на струја.
Во Европа
Европа инсталираше 17 GW нов ветерен капацитет во 2021 година, од кои 14 GW беа инсталирани во земјите на Европската унија. Четири петини од вкупниот број на ветерни електрани се инсталирани на копно.
Ветерот опфаќа 16 отсто од потрошената електрична енергија во Европската унија минатата година, а вкупниот капацитет од ветерните електрани во Европа сега се проценува на околу 235 GW.