Приемот на нови членки и алтернатива на глобалната доминација на американската валута -  се главните теми на претстојниот Самит на БРИКС во Јоханесбург. Бразил, Русија, Индија, Кина и претседавачката Јужна Африка се собираат за да ги разгледаат барањата за членство од 22 земји, вклучувајќи ги Египет, Обединетите Арапски Емирати, Аргентина, Саудиска Арабија и Иран. Дали блокот, кој исто така се смета за противтежа на Г7, група од најразвиените земји во светот, може да се договори за алтернатива на американскиот долар.

Наместо со долар поевтино е да се тргува со друга валута

Едно прашање го држи буден левичарскиот лидер на Бразил ноќе. Зошто сите земји треба да тргуваат во долари? Членките на БРИКС веќе надминаа четвртина од нивната меѓусебна размена во национални валути. А целта им е во следните три години да достигне третина.

„Многу е поевтино да се тргува со некои други валути и затоа видовме тренд на тргување со јуани, рубља, рупија и со други национални валути. Не сите тие земји се членки на БРИКС, некои се членки на Шангајската организација за соработка или АСЕАН, кои исто така донесоа одлука дека во иднина нема да тргуваат со долари, ниту во евра или јени“, објаснува проф. Драгана Митровиќ од Факултетот за политички науки.

Но, повеќе од 80 отсто од меѓународните трансакции и повеќе од половина од девизните резерви сè уште се во долари. Оттука, за американската министерка за финансии Џенет Јелен, доминацијата на доларот е несомнена. Многумина би ја преиспитале - Русија поради санкциите, Кина поради економскиот национализам на Вашингтон. Останатите, бидејќи какво било зголемување на референтните каматни стапки на американската ФЕД, го чекаат непријатно.

Професорката Митровиќ, пак, смета дека некоја друга валута нема да го замени доларот бидејќи, како што вели, споменатите земји немаат заедничка монетарна политика и усогласување на правната и економската политика.

„Но, работиме на дигитална или порамнувачка валута и предлозите се таа да има златно покритие“, вели Митровиќ.

Златен падобран е она што на многу презадолжени земји од глобалниот југ им го нуди Новата развојна банка на БРИКС. А за поповолните кредити и финансиски инјекции не поставува услови. За разлика од ММФ или Светската банка, БРИКС е насочен кон финансискиот систем предводен од Западот, но не го предизвикува, туку нуди алтернативи.

„Земјите кои се дел од Г7 многу поблиску се потпираат една н друга како што е  НАТО или ЕУ. Но, гледаме дека земјите од Г7, иако се развиени и имаат високи приходи, бележат ниска стапка на економски раст, додека, од друга страна, земјите во развој, иако не се богати, се развиваат побрзо, па се поставува прашањето дали во одреден момент ќе успеат да стигнат до приходите на развиените земји како Германија, Канада и САД“, вели економистот Михајло Гајиќ.

Покрај економијата, важна улога игра и политиката

Слично учество во глобалниот БДП, околу една третина, но околу 10 отсто од светското население живее во членките на Г7, а повеќе од 40 отсто од луѓето на планетата живеат во земјите на БРИКС. Во тој клуб би се приклучиле четириесетина земји, од кои 22 имаат поднесено официјално барање.

„Од една страна, можете да учествувате на пазарот на Кина или Индија, тоа се пазари со милијарди луѓе. Покрај овие економски причини, политичките причини се исто така исклучително важни во сè пополаризираниот свет, во БРИКС ќе најдете противтежа на западните наративи. Но, да не заборавиме дека Кина е всушност гигант во тој клуб, таа сочинува околу 90 отсто од вкупната моќ на тој клуб“, вели Стефан Владисављевиќ од Фондацијата БФПЕ.

„Две децении глобалниот југ бележи подем, но најголемиот дел од тој просперитет е забележан во Кина, така што таа е еден вид влечна сила во тој домен. Иако, ни се чини дека е замена за западните инвестиции, сите тие земји не ги прекинуваат врските со западните економии“, вели Гајиќ.

На Самитот во Јоханесбург, Русија ќе ја претставува шефицата на дипломатијата, поради потерницата на МКС за апсење на рускиот претседател. Членките на БРИКС и оние кои тек ќе постанат дел од неа,генерално се воздржуваат од осуда на рускиот напад врз Украина, а африканската мировна иницијатива дури споменува и откажување на потерницата по Владимир Путин.

„Иако Кина гледа на проширувањето како можност за зголемување на легитимноста и важноста на самата платформа, за Индија е важно таа сепак да биде некој што ги застапува нејзините интереси во рамките на платформата, и затоа новите членки треба да бидат оние кои би се залагале за одржување на платформата на принципи кои се важни и за самата Индија“, вели Владисављевиќ.

 Семето на БРИКС е посеано токму во инвестициската банка „Голдман Сакс“ - во извештај од 2001 година се појави кратенката земји со растечки економии, оние кои ќе доминираат во светската економија до 2050 година.