Колку повеќе некој заработува, толку е попаметен? Ова е точно само до одреден момент, покажа студијата спроведена во Шведска, која се однесува само на мажите.

 Ха! Знаев! Ќе извикате дека откако ќе го прочитате овој текст, ако видите некој кој заработува огромни пари, можеби сте помислиле: интелигенцијата сама по себе дефинитивно не може да ги доведе луѓето толку далеку. И навистина сте апсолутно во право. Луѓето кои заработуваат многу пари не се автоматски исклучително интелигентни.

Она што вие самите можеби сте го забележале гледајќи ги луѓето на лидерски позиции во една компанија, сега е потврдено со ново истражување: до одреден момент, заработката и интелигенцијата се навистина во корелација. Но, за финансискиот успех одлучуваат некои други фактори, а не наводните многу паметни умови.

Истражувачите анализирале податоци од речиси 60.000 мажи од Шведска. Во исто време за нив добиле податоци од даночната управа за заработката што ја пријавиле овие лица, а имале увид и во резултатите од тестот за интелигенција што Швеѓаните морале да го полагаат за воена регрутација.

„Податоците што ги имаме се неверојатни“, вели Марк Којшниг, еден од авторите на студијата. Којшниг е професор по социологија на Универзитетот во Лајпциг и вонреден професор на Институтот за аналитичка социологија на Универзитетот Линкопинг во Шведска. Оваа втора функција, практично му овозможила пристап до шведските податоци.

Корелација помеѓу плата и интелигенција

Додека годишниот приход е релативно лесно да се одреди, интелигенцијата е малку потешка. Од 60.000 Швеѓани, што Којшниг и неговиот тим ги проучувале, сите го полагале истиот тест за интелигенција кога имале 18 или 19 години: таканаречениот квалификационен тест за вооружени сили, што шведската војска го користела за оценување на когнитивните способности при регрутација.

Коишниг многу жали што жените се целосно исклучени од неговата студија. „Сметаме дека тоа воопшто не е добро. Тоа го направивме само врз основа на достапните податоци, жените не беа обврзани да служат воен рок“, вели социологот. Истражувачите ги анализирале податоците само од годините кога регрутирањето било задолжително за сите мажи во Шведска.

 „Ги споредивме резултатите од тестовите за интелигенција од регрутирањето со подоцнежниот успех во деловниот живот на мажите“, објаснува социологот. Имено, Којшниг и неговите колеги го анализирале годишниот приход на мажите во период од десет години, кога тие имале меѓу 35 и 45 години. Тие ги искористиле тие податоци за да ја пресметаат средната вредност на просечната годишна плата.

Притоа, се покажало „дека постојат три различни сегменти на пазарот на трудот“, вели Којшниг. До одредено ниво на приход, се чини дека нема врска помеѓу платата и когнитивната способност. Луѓето заработувале повеќе, но истражувачите не успеале да откријат зголемување на нивните когнитивни способности.

Не е сè до интелигенцијата

„Кај првите 50 проценти од учесниците на пазарот на трудот, гледаме многу силна врска помеѓу приходите и когнитивните способности“, вели Којшниг. Меѓутоа, оваа јасна корелација, се губи кај приход од околу 60.000 евра. „Зголемувањето на приходите тогаш повеќе не е придружено со зголемување на когнитивните способности. Стасуваме до плафонот“, објаснува Којшниг.

Но, оние кои заработуваат најмногу не само што не се совршено интелигентни: туку според студијата на социолозите, еден процент од оние со најдобра плата од 200.000 евра, иако заработуваат речиси двојно повеќе од другиот процент,  се „помалку интелигентни“, како што објаснува Којшниг.

Значи, добрата вест е: преплатените шефови не се попаметни од вас.(DW)