Дали роботите кои ги плеват нивите и ги чистат од троскотот би можеле да ја елиминираат потребата од пестициди
Клинт Брауер, поранешен технолошки директор од Калифорнија, се враќа на семејната фарма во центарот на Канзас откако неговиот татко се разболел. Брауер наскоро ги виде роботите како потенцијално моќна алатка за да им помогне на земјоделците да ја намалат зависноста од хемикалии и подобро да го заштитат своето здравје и животната средина додека се борат со плевелот.

Неговата компанија за земјоделска технологија, Гринфилд, сега гради и програмира роботи во просториите зад старата фарма каде што некогаш живеела неговата баба.
Дваесет фармери се пријавија за услугите на роботот оваа сезона, а компанијата се надева дека оваа година ќе расчисти околу 2.000 хектари.
Фармерите со векови се борат со плевелот на нивните полиња – влечејќи, сечејќи и уништувајќи го со голем број алатки и хемикалии. Плевелите буквално се натпреваруваат со земјоделските култури за влага во почвата и хранливи материи и можат да ја блокираат сончевата светлина потребна за растот на културите, намалувајќи ги конечните приноси.
Во последните 50 години или повеќе, хемиските третмани се метод на избор. Вообичаено е земјоделците да прскаат или на друг начин да нанесуваат неколку хемикалии кои убиваат плевел на нивните полиња во една сезона.
Но, како што се прошири употребата на хемикалии, така се зголемија и научните докази дека изложеноста на токсични материи во средствата за уништување на плевелите може да предизвика разни болести. Покрај поврзаноста на глифосатот со ракот, хемијскиот паракват за уништување на плевелот е поврзана и со Паркинсоновата болест. Друг вообичаен хербицид, атразин, може да биде штетен за репродуктивното здравје и е поврзан со неколку здравствени проблеми.
Исто така е утврдено дека хемикалиите за истребување на плевелот се штетни за животната средина, со негативни влијанија врз здравјето на почвата и опрашувачите и другите важни видови. Широката употреба на хербициди во полјоделството поттикна отпорност на плевелите, поттикнувајќи многу фармери да се борат да ги контролираат плевелите во нивните полиња дури и со повторени апликации на хербициди.
Компаниите кои произведуваат роботи за истребување на плевелите неодамна добија финансиска поддршка од различни извори кои сакаат да промовираат одржливо производство, како и заштита на природата и видовите.
Компанијата Aigen Robotics од Северна Дакота собра 19 милиони долари и прави компактни роботи кои се напојуваат од соларни панели прикачени на врвот на секоја машина и се дизајнирани да работат целосно автономно.
Компанијата ова лето ќе распореди 50 роботи на полињата со шеќерна репка во на Среден запад во САД, со цел да ја зголеми својата дружина на роботи на 500 за употреба со проширен опсег на култури.
Други компании воведуваат земјоделски роботи дизајнирани специјално да прскаат хербициди на начини кои се попрецизни од конвенционалните методи, според програмерите.
Дури и глобалната агрохемиска компанија Баер, која продава Roundup хербициди, е заинтересирана за ангажирање на роботи на фармите.
Што велат скептиците
Сепак, многу фармери и академици се скептични дека роботите можат да направат значителна разлика. Тие велат дека едноставно има премногу земјоделско земјиште и премногу различни потреби и плевел, како и земјоделски култури и разни видови почва, за да можат скапите роботи соодветно да најдат решенија, односно да се справат со разните штетни плевели.
Многумина велат дека подобар начин е земјоделците да работат со природата, а не против неа.
Моделот за регенеративно земјоделство -- со користење на различни стратегии насочени кон подобрување на здравјето на почвата, вклучително и ограничување на пестицидите, ротација на посевите, садење покривни култури за сузбивање на плевелот и избегнување на нарушување на почвата - е подобар начин, велат тие.
„Мислам дека роботите можат да бидат корисна алатка како дел од интегрираниот пристап за плевене, но нивното користење како единствена алатка... веројатно нема да функционира така добро“, вели Адам Дејвис, професор и раководител на одделот за истражување на посеви при Универзитетот во Илиноис.
Фармерот од Висконсин, Рајан Ерисман се согласи: „Роботите претставуваат уште една рунда во трката за вооружување против природата“.
И покрај различните мислења, фармерот од Канзас, Тори Бол со нетрпение ја чека испораката на роботи кои ќе ги исчистат неговите полиња со соја оваа година. Минатата година, роботите на компанијата ги исчистија неговите полиња со сончоглед.