-Дигитализацијата - можност за поеднаков свет, за еднакви права и можности, за помалку пристрасност при одлучувањето и подобри одлуки е една од карактеристиките кои овозможуваат и жените да го зајакнат својот бизнис и да остварат раст, се разбира доколку имаат или ги совладуваат дигиталните вештини, кои кај нас засега се ниски.- Ова е само една од констатациите кои влијаат за потенцијалот во дигиталната сфера и вклученоста на жените во дигиталната трансформација за кои Нина Ангеловска од Асоцијација за е-трговија говореше на панел дискусијата „Политики за поддршка на женско претприемништво“ на неодамнешната конференцијата „Од марш за работнички права до дигитална економија“ во организација на Центар за управување со промени.

Ангеловска како претприемачка и претседателка на Асоцијација за е-трговија и eTrade for Women Advocate на UNCTAD се обиде да го пренесе своето искуство околу можностите за развој на дигиталниот сектор и колку се тие важни за економијата.
Дигитализација- бавно вклучување во процесите
Според неа развојот на дигиталниот сектор не е важна тема само од аспект на родова еднаквост, туку уште поважна ако се земе предвид потенцијалот на дигитализација, којашто не успеваме да ја искористиме, односно сме многу бавни во нејзиното вклучување во процесите.
-Можностите што ги нуди дигиталната трансформација за економскиот раст и за малите бизниси, без разлика дали се водени од мажи или жени се големи, но самото воведување на некоја дигитална алатка не значи само по себе дигитална трансформација.
Дигиталната трансформација подразбира системски пристап што ќе предизвика и организациски промени во самите компании. За тоа се потребни навистина вештини и свесност дека можат да придонесат за зголемена ефикасност и продуктивност. А, зголемената продуктивност е основа за економски раст и без неа не може да зборуваме за забрзан економски раст, што очајно ни е потребен и за што со години наназад повторуваме дека мораме да го забрзаме,“ нагласи Ангеловска.
Доколку имаме предвид дека технологијата и дигитализацијата знчат виталност за одржлив и за забрзан раст на компаниите, за зголемена продуктивност, тогаш несомнено е дека мора да ја подигнеме свеста, убедена е Ангеловска. Како пример за ова, го посочи искуството што ни се наметна од Ковид кризата. Имено, сите ние зборувавме за дигитализација во изминативе години, но кога дојде ковидот видовме колку е важна дигитализацијата, што значи тоа за процесите, што значи за ефикасноста на администрацијата, што значи мерките полесно и побрзо да се имплементираат во дигиталните процеси и поедноставно да стигнат до сите на кои им се потребни и можат да ги искористат.
Дигитализацијата - можност за поеднаков свет
„Свесни сме дека дигитализацијата значи можност за поеднаков свет, за еднакви права и можности, за помалку пристрасност при одлучувањето и подобри одлуки затоа што го елиминира човечкиот фактор. (не знаеме кој седи позади компјутерот). – Ако сега ова нуди поголеми можности за жените, дигитализацијата навистина може да им помогне да го зајакнат својот бизнис и да остварат раст, но за тоа се потребни дигитални вештини - кои кај нас засега се ниски.“
Ангеловска смета дека иако оперативниот план вклучува бројни мерки за зајакнување на дигиталните вештини, сепак Владата тука треба да постави пример, да ги зајакне своите капацитети и да ги зајакне дигиталните вештини. Што пак од друга страна ќе повлече дигитализација и во приватниот сектор. -„Многу е комплексен целиот пристап, затоа дигитална трансформација треба да започне од секој од нас и од најмалиот бизнис. Е сега, прашањето е каков треба да биде пристапот: топ даун или ботон ап? -, за да можеме побрзо да ги почувствуваме придобивките. Бидејќи сега имаме шанса за забрзување на трансформацијата, или како што велам јас, да ставиме во петта брзина,“ рече Ангеловска во своето излагање.
И додаде: „Сите туркаме, но треба многу холистички пристап од сите страни и доста работа на свеста - потребна е јасна визија, стратегија, јасни планови, јасна координација во ресорите за да можеме стварно да ги видиме бенефитите.“
Од друга страна Ангеловска на панелот нагласи дека дигитализацијата носи и поголем стрес за жената. „Иако дигитализацијата носи поголема флексибилност за работа од дома, и од каде било- сето тоа носи и дигитален стрес. Потребата дека мора да се биде онлајн. Потребата, веднаш да се одговори. Притисокот дека тоа носи пристап за градење и добивање на нови потрошувачи и раст на бизнисот, носи и предизвици за постојано зајакнување, постојано учење. Бидејќи без постојано учење и јакнење на вештините во денешниот свет- оставањето од денес за утре може да биде пресудно за губење на моментумот.“
Ковидот ја забрза е- трговијата
На панел дискусијата „Политики за поддршка на женско претприемништво“, Ангеловска наглото зголемување на обемот на е -трговијата како можност за поголемо вклучување и на жените го поткрепи и со бројки.
„Ковидот ја забрза е- трговијата. Насекаде во светот онлајн продажбата за неколку месеци постигна повеќе годишни проекции. Значително се зголеми уделот од е- трговијата во вкупната трговија во светски рамки, а и кај нас се случи тоа, рече Ангеловска.
И бројките од истражувањата го потврдуваат тоа: Стапките пораснаа над 160 проценти за трансакции со домашни картички кон домашни трговци. А, во вкупен обем: е - трансакциите достигна 270 милиони евра обрт за девет месеци. Односно раст за 70 проценти на годишно ниво. Клучното прашање овде, нагласи Ангеловска е: колку од овој раст ќе се задржи затоа што беше инициран од ковидот. Бидејќи, како што рече Ангеловска,-најчесто во ковид периодот е-трговијата не беше избор туку неопходност да се стигне до безбедни производи и услуги од една страна, а од друга, исто така и за компаниите да го компензираат падот на нивните физички ротации. Односно, да ја искористат можноста и да ја зголемат конкурентноста. Но, добро е што тој раст се задржа и по олабавување на ковид мерките. Во согласност со последните податоци на Евростат, бројот на интернет потрошувачи е зголемен за 46 проценти.
Ова кажува дека има потенцијал, има забрзување, меѓутоа, прашањето не е да се споредиме со себе си, туку да се споредиме со другите за да видиме дали доволно брзо одиме. (растеме). Земјите од регионот побрзо напредуваат од нас во онлајн трговијата.
Мрежна поврзаност
Оттука се наметнува прашањето: Што е она што треба да се направи за да се забрза овој раст и да фатиме чекор со останатите земји во светот?
-Ако тргнеме од тоа дека граѓаните прво треба да имаат пристап на интернет за онлајн трговија, тогаш добри сме имаме солидна интернет пенетрација, над 80 проценти. Ако тргнеме од тоа дека се потребни дигитални вештини за да купуваат онлајн, тогаш не сме на солидно ниво, иако тие ни се и предуслов за развој на е- трговијата како интегрален дел од дигиталната економија.
Потоа останува да имаме добра поврзаност и добра логистика. Компаниите да инвестираат во технологии кои ќе го подобрaт и ќе овозможат пософистициранo искуство на потрошувачите, со цел да ги менуваат нивните навики. И тоа не е лесно. Водењето на онлајн бизнис и менаџирањето на е- трговија бара многу работа. Сето тоа моментално на жените им стои на располагање, преку е-трговијата, да се приклучат на постојните платформи да ги понудат своите производи и услуги пред илјадници нови клиенти. А, од друга страна сите тие порачки што ќе стигнат онлајн, потоа треба да се достават – затоа треба да се работи на делот на достава на логистичките процеси-, нагласи Ангеловска.
Меѓутоа, според неа уште поважно е дека ние какао држава и за дигитализацијата и за е-трговијата треба да работиме на целокупната мрежна поврзаност, - не зборувам за ИКТ, вели Нина, туку за индексот на мрежна поврзаност (подготвеност)“.
А според, индексот на мрежна поврзаност Македонија не е многу развиена и се наоѓа на 67 место од 134 земји. Овој индекс покажува колку една држава е подготвена да ги искористи придобивките и потенцијалот од дигиталната економија и да ги капитализира можностите.
Ангеловска појасни дека во овој индекс се содржат над 100-ици параметри, но како главни столбови се замаат технологија, луѓе, влијание и управување (Влади). Кај сите овие главни столбови Македонија бележи назадување. „Затоа мораме да инвестираме во идни технологии, во дигитализација, во дигитални процеси и вештини и тоа како што спомнав сите, и самите граѓани, и институции за поефикасна администрација. Бидејќи, тоа е единствен начин за зголемување на продуктивноста. Односно, вложувањето во човечкиот капитал и технологија во комбинација се основа за зголемување на продуктивноста. Имаме многу работа, но се надевам дека ќе успееме да забрзаме и да го искористиме потенцијалот, сублимираше Ангеловска во контекст на активните политики за родова еднаквост и креирање на овозможувачка околина која ќе отвори нови можности за економски развој и зајакнување на жените во Македонија.
М.Балдазарска