Дигиталната трансформација на наставата и услугите во високото образование не подразбира само примена на дигитални технологии во образованието, туку предвидува и длабока интеграција на дигиталните технологии во образованието. Тоа е трансформација на целиот модел и систем на функционирање преку дигитални технологии за подобро да им служи на корисниците и да ги оптимизира процесите.

Со недостаток на дигитална трансформација се засегнати сите студенти од земјата, како на државните, така и на приватните универзитети. Поради фактот што најголемиот и најстариот универзитет во земјата „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје, но и останатите универзитети немаат целосно функционален дигитализиран систем за своите услуги, односно, постојано ги прилагодуваат своите дигитализирани услуги и настава на далечина, студентите и младите се принудени да минуваат низ редици процедури кои траат со часови, а универзитетите заостануваат зад глобалните трендови што влијае и врз квалитетот на наставата и пад на светските ранг листи на квалитетни високообразовни институции.

„Прва причина зошто се потребни дигитални услуги е намалување на патните трошоци на студентите кои не доаѓаат од градот каде што се наоѓа универзитетот. Потоа, дигиталните услуги ќе овозможат полесно и побрзо заверување на семестар, запишување семестар, но и пријавување испити. На тој начин, ќе заштедат и време“, семта Ева Митева, претседателка на Факултетско студентско собрание за компјутерски науки при УГД – Штип“

Во анализата „Дигитални реформи за современо високо образование – младински перспективи“, дело на Институтот за напредно политичко лидерство „АЛПИ“ се наведуваат низа предизвици и пречки за дигитална трансформација на високообразовните институции.

Застарен информатички систем

Tрите универзитети користат наследени информатички системи кои се застарени и несоодветни за употреба во контекст на дигитализацијата. Често овие наследени системи не се соодветно обезбедени или интегрирани за да обезбедат поддршка и оперативност потребна за подобрување на деловните процеси и подобрување на искуството на крајниот корисник. Универзитетите посочуваат дека процесот на дигитализација кај нив е започнат пред 15 години и постојано се вложува во надградба на системите.

Недостиг од ИТ поддршка и управување

УКИМ, УГД и УЈЕ немаат формализирано управување од страна на ректоратите со информатичките технологии, односно структура која обезбедува ефикасно користење на информатичката технологија со цел поддршка на целите институцијата. Истовремено, персонализирани информатички решенија е многу тешко да се направат навремено и со ограничен буџет. Овие персонализирани процеси на дигитализација и софтвери бараат скапо одржување и поддршка. Предизвик е и привлекување и задржување на талентиран кадар потребен за имплементација и поддршка на технологиите потребни за трансформирање на институцијата. Типичните одделенија за информатичка технологија при ВОИ за високо образование често се соочуваат со недоволно кадар и финансии. Дигиталните вештини на дел од персоналот на универзитетите (во прв ред, службениците во администрацијата и професорите) заостануваат зад останатите вештини. Дополнително, луѓето начелно одбираат да го спроведат она што веќе знаат како да го работат и не сакаат да излезат од зона на комфор, што влијае на бавна имплементација на процесот на дигитализација. Исто така, многумина во образованието се плашат од неуспех и се двоумат дали е подобро да научат нови вештини или процеси и дали доколку се прилагодат на новата технологија, култура или менталитет ќе имаат успех

„За квалитетна дигитализација важно е да имаме квалитетни технички ресурси и опрема. Тоа го бара дигитализацијата, независно дали се компјутери или оптичка мрежа. Секако, потребен е и сериозен буџет за имплементација, затоа што технологиите се менуваат, нешто што било атрактивно пред 5 години, сега е веќе застарено. Она што е многу важно, техничкиот персонал, професорите, па и студентите, да имаат сериозна техничка поддршка. Многу важно е сите стручни служби па дури и професорите да имаат континуирани обуки за нови технологии. Ова се услови кои многу значат за еден таков систем не само да се воведе, туку и да се користи, смета проф. Христина Спасевска, проректорка за настава на УКИМ.

Недостаток на потребни вештини

Еден од детектираните проблеми е недоволно персонал, несоодветно обучен кадар и недостаток на финансии за дигитална трансформација на повеќе нивоа – како во однос на човечки ресурси и обука, така и за обезбедување технологија. Само дел од институциите ги имаат потребните ресурси за привлекување и задржување на квалитетниот ИТ кадар потребен за амбициозни дигитални трансформации. За успешна дигитализација потребно е сите вклучени во процесот да имаат одредено ниво на ИКТ вештини и експертиза, и истата треба постојано да се надградува.

Дополнителен голем предизвик е и фактот што македонските граѓани значително заостануваат зад своите врсници од ЕУ во однос на дигиталните вештини, како и користењето на дигиталните вештини во секојдневниот живот и работа. Споредбените податоци покажуваат дека нивото на дигитални вештини на македонското население е релативно ниско.

Според Евростат, само 35% од населението во 2021 година поседувало основно ниво или над основното ниво на дигитални вештини во однос на 54% од населението во членките на ЕУ. Хрватска и Естонија се земјите со највисоко ниво на дигитализација, додека земјите од регионот имаат пониско ниво на дигитални вештини во споредба со просекот на ЕУ. Во периодот од 2019 до 2021 година, процентот на граѓани со основно или над основно ниво на дигитални вештини се зголемил за 3 процентни поени.

Недоволно алоцирани финансиски средства

Самите универзитети, но и владините институции не нудат унифицирана и сеопфатна применлива стратегија и финансиска поддршка со цел да се поддржи овој процес во високото образование. Истовремено, охрабрува фактот што сите испитаници со кои беше разговарано во текот на подготовката на овој документ јасно истакнаа дека ја разбираат важноста и работат на имплементација на дигитална трансформација во рамките на своите можности и овластувања.

„Универзитетот со сопствени средства ги надоградува системите. Но, ако државата има визија, ако се одлучи да спроведе подолготраен процес на дигитализација, би ни значела многу финансиската поддршка од нашите министерства. Ќе ни даде поголема слобода да се развиваме во насоките во кои што сакаме. проф. Мишко Џидров, проректор за настава на УГД – Штип“

Недостаток или несоодветна стратегија за дигитализација

Една од клучните пречки за напредок е немањето сеопфатна стратегија односно конкретни и јасни насоки како да се спроведе и надградува дигиталната трансформација во кој било сектор или индустрија, соодветно и во образованието. Од особена важност е да се предвидат оперативни дејства за спроведување на ваквите стратегии, односно секоја Стратегија за дигитална трансформација да биде проследена со конкретни акциски планови кои содржат јасни индикатори за успешност, временски рокови, одговорни лица за процесите и слично.