Создавањето можности за работа во ерата на дигитална трансформација е актуелна тема која бара проактивен пристап што подразбира предвидување на промените и испорака на вештини потребни за работниците да успеат во бизнисите. Иако, можеби сѐ уште постои не толку отпор, колку страв од непознатото кога се говори за дигитализацијата во процесите на производството и услугите, дигитална трансформација носи огромен потенцијал за подобрување на социјалните и економските исходи.

За тоа што конкретно се подразбира под терминот дигитална трансформација, како ние ја толкуваме (секако секој воден од своите професии) и како се применува во практиката зборува  Билјана Северинова, сертифициран обучувач за дигитална трансформација на приватниот сектор. Таа водејќи се од искуството како тренер и консултант во процесот на дигитализирање на малите и средни претпријатија забележува:

-Кога зборувам за дигитална трансформација, секако морам да ги споменам оние нешта што кај луѓето создаваат забуна. Односно, сакам да ја споменам поделбата меѓу дигитизација, дигитализација и дигитална трансформација- термини кои луѓето ги доживуваат кака синоними.

Во принцип дигитизацијата е претворање на аналогните во дигитални нешта–тоа практично би значело на пример скенирање на фотографиите од детството за да ги ставиме на компјутер.

 Дигитализацијата е постапка кога аналогните процеси ги претвораме во дигитални – тоа значи дека ако до вчера ги потпишувавме и печатиравме фактурите, денес со еден KIBS-ov сертификат можеме да ги потпишеме дигитално без да користиме пошта, курир, секретарка, асистент и.т.н.

Додека дигиталната трансформација е нешто многу, многу  повеќе од тоа. Дигиталната трансформација е постапка во која претпријатието користи комплетно нов дигитално трансформиран модел за своето работење.

Тоа не значи само дигитален маркетинг, туку  дигитална администрација, дигитално водење на сметководството, дигитален преглед на сите резерви, дигитализирани извештаи со кои може да се поткрепи еден стопанственик без оглед на тоа каде е“, објаснува Северинова.

Според неа, едно друго прашање кое се надоврзува на ова е всушност, која е големата слика за едно претпријатие коешто е дигитално трансформирано? – Не зборувам само за оптимизација на процеси, оптимизација на трошоци, поголеми заштеди, или не толку инволвирање на голема инфраструктура, туку зборувам за голема профитабилност, многу поголеми приходи, многу поголема перспектива за развој на тоа претпријатие. Пред сѐ многу подобра распределба на ресурсите и секако претпријатието коешто е дигитално трансформирано има многу поголема вредност како на пазарот на трудот, така и на берзата, особено кога ќе реши да се продаде“.

 Само 20 отсто од компаниите во Македонија се дигитално зрели

Кога се зборува за дигитална трансформација не може а, да не се повлече и прашањето: Што е со Македонија? Каде сме ние во тој контекст и дали постои некоја статистика?

За жал, како што пренесува нашата соговорничка, во нашата земја не постои институција која води детална статистика. Единствената компанија која прави нешто во тој сегмент е Телеком, која заедно со компанија ИПСОС секоја година спроведуваат истражување на примерок од околу 500 компании. Според резултатите од таа анкета за дигиталната трансформација на бизнисите произлегува дека само 20 отсто од компаниите во Македонија се дигитално зрели. И што е уште позагрижувачки, овој податок од година во година не бележи некој позитивен тренд на раст. Или, како што вели Северинова, - аналогно на овие констатации за сферата на дигиталната трансформација кај нас во Македонија имаме кочничари и многу мали стимуланси за тоа што треба да се развива во овој домен.

 Од  една страна кочничар е традицијата - мајнсетот на  самите претприемачи дека процесите  треба да се реализираат по традиционален пат, дека нештата што се останати како know-how од минатото треба да се повторуваат и да не отстапуваат од клишето, да останат како такви. Од друга страна стравот од промените кај сопствениците, дека  доколку го премостат начинот на работа и се трансформираат дигитално, нешто ќе се промени со бизнисот. И не само тие, туку и вработените се плашат од трансформираниот начин на работа. И тие не се имуни на влезот од дигитални алатки во компанијата, автоматизацијата, рутите, машините, софтверите - се плашат дека сите тие иновации комплетно ќе ја заменат работната сила, а не дека ќе ја трансформираат,“ појаснува Северинова.

Како сертифициран искусен тренер, таа вели дека наспроти овие кочничари постојат и природни забрзувачи на дигиталната трансформација. Во таа насока многу влијаеше ковидот и здравствените промени, кои не поттикнаа да користиме што е можно повеќе дигитални алатки. „Но, факт е дека дигиталната трансформација, воопшто не треба да се земе како закана, или пак како нешто, што ќе го намалува бројот на вработените во претпријатието. Туку напротив  тоа е постапка која ќе го замени фокусот на работната сила – место луѓето да бидат посветени на оние редундантни, вообичаени работи, како бележење, запишување, исцрпна работа на компјутер, да бидат повеќе насочени кон умствена работа- да бидат креативни, иновативни и исполнителни. Дотолку повеќе што Македонија како мала земја, која кубури со работната сила уште како би требало да работи на својата конкурентност за да се носи со претпријатијата во регионот, кои се побрзи, смели и многу повеќе дигитално подготвени да сработат одредена нарачка за интернационалните партнери.“ 

Жените побрзо ги прифаќаат дигиталните промени

Иако впечатокот од страна е дека компаниите се свесни за дигиталната ера и дека ги прифаќаат промените, гледано од стручен агол по се изгледа дека сѐ уште каскаме зад реалната дигитална трансформација, барем според овие сознанија кои ја отсликуваат актуелната состојба за дигитализација во Македонија.  

Водејќи се од своето искуство нашата соговорничка вели дека кога е во прашање воведувањето на дигитализацијата во системот на работа во домашните претпријатија, жените се убедливо похрабри и повеќе сакат да ги користат алатките на трансформацијата. Според консултантските видувања тоа е така затоа што жената не се откажа од традиционалните семејни обврски, но истовремено се повеќе ги прифаќа обврските што ги наметнува денешната цивилизација. Жените во принцип се оние кои побрзо прифаќаат и применуваат ситните трансформациски алатки поради поголемо организирање и подобра ефикасност кај нив. Денес новиот начин на дигиталната комуникација овозможува дневна достапност и информираност за обврските. Значи сите оние алатки кои налагаат надградба на софтвер, на сметководствените програми, на социјалните мрежи како и алатките на Outlook и Explore се од голема придобивка.

Консултантските услуги се бараат кога настануваат проблеми

Северинова нагласува и кои се клучните мотиви во поглед на отпочнување на процесите на трансформација кај клиентите, одлуката да се едуцираат за да го започнат процесот, односно кога бизнисот станува свесен дека сака да биде посетен од консултант?

Водејќи се од своето искуство, вели дека во принцип луѓето стануваат свесни за потребата од консултантски услуги во процесот на дигитална трансформација кога бизнисот претрпува загуби, кога има голем проблем, кога не можат да ги достигнат своите проекции и својот профит. „ Најчестите случаи се засноваат на тоа што бизнисите трупаат луѓе за да ја направат успешна одредена трансакција, процес или активност и наместо тоа заглавуваат со планот, тогаш имаат потреба од консултант.

Билјана Северинова, сертифициран обучувач за дигитална трансформација на приватниот сектор

На пример, сум видела претпријатија кои во секторот финансии имаат толку многу луѓе кои се грижат за наплатата, дополнително многу ресурси во администрација или пак луѓе- вработени за контакт со клиентите, а за тоа има поинаква поддршка, институции кои можат да се погрижат, постојат супер алатки, собрани податоци во еден систем, кои преку еден клик овозможуваат следење на целокупната работа со клиентот (кога ја започнал  соработката, кои фактури му се отворени, какви услуги добил,  од што е задоволен, а од што не).

Дигиталната трансформација во принцип многу придонесува за општото задоволство за испораката на услугата. И тука не станува збор само за компании кои имаат големо портфолио на клиенти туку и за оние, кои можеби пружаат услуги на неколку поголеми компании, а сепак процесите се комплексни. Постои заблуда. Малите компании сметаат дека не им треба посебен дигитален систем, затоа што мислат дека е голема инвестиција, дека не се зрели за трансформација, дури повеќето веруваат дека голем дел од примањата треба да ги употребат за надградба на претпријатието.

Вложувањето во иднината и поголем развој на претпријатието преку дигиталната трансформација не претставува трошок, напротив ресурсите остануваат исти, бројот на вработени е ист – едноставно се менува само задоволството кај вработените, наместо да телефонираат и да ги бараат компаниите за наплата, може многу повеќе да придонесат умствено кон развојните бизнис цели, кон нови клиенти. Процесот на дигитална трансформација во една компанија е цела дијагностика на тоа претпријатие, при што се забележуваат сите најгорливи точки кои треба да се третираат една по една.

Како препорака како овој процент да се зголеми и како малата македонска економија да стане пофлексибилна и полесно инкорпорирана во светските трендови?- Северинова јасна:

„Потребно е повеќе вмрежувања и поголема комуникација меѓу себе - јавен и приватен сектор и обратно.

За дигитална трансформација не постои факулет не постои школа, информатор или весник што само таа тема ја третира. Компаниите вообичаено не знаат што им треба, не знаат и како да го артикулираат тоа, затоа важна е улогата на консултантот кој ги носи тие информации ги структурира за потребите на едно претпријатие и ги предлага.“

Пример - успешни дигитално трансформирани  

Нашата соговорничка вели дека на овој пат на дигитална трансформација голема придобивка имаат од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), која ги прави консултантите да бидат подостапни за претпријатијата преку своите програми. Инаку таа смета дека во оваа постапка многу можат да помогнат и коморите, кои имаат бројно членство од компании за да може таа трансформација, како пример, култура да се покаже пред поголем аудиториум. А, секако компаниите и луѓето најмногу учат од примерите. „ Кога едно дигитално трансформирано претпријатие направило голем подем, успех во една област, верувам дека тоа е пример што ќе го следат и другите. Меѓутоа, она што навистина ни недостасува во моментов се тие платформи каде можат да се  видат овие процеси, каде може да се пренесе целата таа идеја и трансформација. Затоа, засега тие позитивни примери остануваат во џебовите во рапортите во ситните дискусии меѓу нас. Верувам дека оваа приказна ќе се шири и ќе привлече повеќе заинтересирани за спроведување на дигиталната трансформација.“     

Ова свое видување Билјана Северинова, како сертифициран обучувач за дигитална трансформација на приватниот сектор  го изложи на конференцијата по повод меѓународниот ден на жената „ Жените и дигитализацијата – надминување на бариерите, отворање можности за унапредување на родовата еднаквост“  која се одржа во организација на агенцијата на Обединетите Нации за родова еднаквост и зајакнување на жените (УН Жени) и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).