На Втората годишна конференција на „Блумберг Адрија - Costumer trends“, водечките стручњаци од банкарството и осигурувањето во Македонија ја претставија својата визија за целосна дигитална трансформација. Едно е јасно: вештачката интелигенција станува двигател на промените и неизбежна алка во иднината на македонската економија. И државата, и бизнисот се усогласени во ставот дека примената на напредните технологии ќе овозможи автоматизација на процесите, поголема продуктивност и персонализирани услуги, менувајќи го досегашниот начин на функционирање.

Народната банка, комерцијалните банките и осигурителните друштва се главни двигатели на оваа трансформација. 

Санел Кустурица, претседател на Управниот одбор на „Шпаркасе Банка“ АД Скопје, смета дека токму банките се моторот на дигиталната трансформација во Македонија. Причината како што наведува е едноставна: денешните клиенти сѐ поретко сакаат да го посетат шалтерот и да чекаат во ред, туку бараат брзи, едноставни и дигитални решенија за своите финансиски потреби.

„Банките имаат значајна предност во знаењето и искуството со дигитализацијата и ќе бидат клучни во трансформацијата на целото општество,“ истакнува Кустурица.
Но, тој додава дека оваа промена не може да ја водат само банките – неопходна е и поддршка од државата, преку соодветна регулатива и промоција на безготовински плаќања, како и борба против сивата економија.

„Мобилното банкарство ќе овозможи целосна интеракција помеѓу банките и клиентите. Сепак, клиентите бараат персонализиран пристап, сакаат да се чувствуваат посебни. Банките ќе треба да изградат силни контакт центри, а филијалите ќе се трансформираат во советодавни центри. Со пристапот што го нарекуваме ДНК на клиентот, ќе можеме да понудиме квалитетни совети и услуги,“ вели Кустурица.

Банкарските услуги во Македонија влегуваат во нова дигитална димензија, каде што клиентите очекуваат сѐ – веднаш и од било каде. Катерина Јанковиќ, член на Управниот одбор на „НЛБ Банка“, вели дека технолошкиот напредок не само што го менува секојдневието на клиентите, туку влијае и врз начинот на работа на самите банки и нивните вработени.

„Денес, клиентите бараат банкарски услуги што се достапни 24/7, преку дигитални канали и без физичко присуство. Токму оваа визија е вградена во стратегијата на НЛБ – да станеме целосно дигитална банка,“ објаснува Јанковиќ.

Таа додава дека оваа трансформација не значи исчезнување на филијалите, туку нивна еволуција – од класични шалтери во советодавни центри, каде што експертите ќе им помагаат на клиентите со покомплексни финансиски прашања.

Гледајќи кон иднината, таа очекува дека воведувањето на вештачка интелигенција ќе донесе уште поголема персонализација и пристапност.

„Ќе ги користиме податоците за проактивно да ги препознаеме и задоволиме потребите на нашите клиенти, наместо да чекаме тие да ни се обратат. Целта е банката да биде вистински советник и партнер во нивниот финансиски раст,“ додава Јанковиќ.

Според Иван Величковски, директор на Секторот за операции на финансиски пазари и платни системи во Народна банка, дигитализацијата на плаќањата одамна го трасира својот пат за кој вели дека ќе се засилува во иднина.
„Издадовме пет лиценци на постоечки играчи согласно новата регулатива, а во преговори сме со нови играчи од регионот и ЕУ кои имаат финтек решенија коишто можат да ги понудат на пазарот. Влезот на нови играчи ќе ја зголеми конкуренцијата и ќе овозможи нови начини на плаќање и дигитални паричници кои комуницираат и прифаќаат трансакции со кју-ар кодови“, рече Величковски.

Дигитално осигурување 

Осигурителната индустрија, која со децении се потпираше на хартија, потписи и физички архиви, конечно влегува во дигиталната ера.
Марија Томеска, претседателка на Управниот одбор на „Еуролинк осигурување“, вели дека токму оваа компанија е меѓу првите што го менува традиционалниот пристап во Северна Македонија.

„Ние како австриска компанија направивме исчекор и водејќи се од потребите од клиентите ја создадовме ‚Еуролинк 360 платформата‘ што е наш најголем обид да ги дигитализираме услугите,“ објаснува Томеска.

Со ова решение, клиентите повеќе не мора да чуваат купишта документи дома или во сефови – сѐ е достапно онлајн, преку мобилен телефон.

„Можат да го менуваат начинот на плаќањето, па дури и да пријават барање за отштета онлајн. Осигурувањето е во рацете на клиентите во секое време,“ додава таа.

Томеска нагласува дека дигиталната трансформација не само што го олеснува секојдневието, туку значително ги намалува и трошоците за сите страни.

„Визијата е целосно дигитално осигурително искуство. Ќе користиме повеќе вештачка интелигенција за да воведеме смарт-договори кои со блок-чејн технологијата ќе овозможат веднаш исплата на отштетните побарувања,“ вели Томеска.

Македонија во глобалната дигитална трка

Додека светот бележи рекордни инвестиции во вештачка интелигенција и напредни технологии, Македонија заостанува на ова поле, покажувааат податоците на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“.

Тим лидерот на аналитика, Михаел Блажековиќ, вели дека домашните вложувања во истражување и развој се драстично ниски – дури осум пати помали од просекот на Европската Унија. Тоа ја вгнездува Северна Македонија на дното на регионалната скала.

Оваа состојба укажува дека Македонија итно треба да го засили фокусот на иновациите и технолошкиот напредок, ако сака да биде конкурентна и да ги следи современите глобални трендови.