За тоа што подетално претставува „МКА 2000“, која е нејзината функција, каква е практиката на македонските компании и институции да користат консултантски услуги, како, кога и кој се може да се стекне со статус на СМС - сертифициран менаџмент консултант, разговараме со Глигор Михаиловски, СМС претседател на „МКА 2000“ од Скопје.

Тој од јули 2023 година е претседател на организацијата и истовремено претседател на УО. Веќе е во втор мандат на УО на „МКА 2000“ каде тече процесот на формирање на извршна канцеларија, но и статутарни измени што треба да овозможат адаптирање на новите времиња, дигитализација за пристап до поголем број на заинтересирани страни.  

Менаџмент консалтинг асоцијацијата е формирана 2000 година од искусни менаџмент консултанти, односно од консултанти докажани во својата професија и кои во различни области се обидуваат да им помогнат на претставниците од приватниот, јавниот и граѓанскиот сектор да ги подобрат  своите достигнувања на начин кој е препознатлив во светот.

-„МКА 2000“ е здружение кое вклучува пред сѐ искусни консултанти, коишто сакаат да разменат мислење, да се вмрежуваат и при тоа да го подобрат своето работење. И токму тука е улогата на сертификатот CMC што „МКА 2000“ го обезбедува ексклузивно како франшиза од International Council of Мanagement Consulting Institutes. Практично CMC - сертифициран менаџмент консултант – сертификаторот е формиран уште во далечната 1967 година на светско ниво, објаснува Михаиловски.

Според него значителен дел од членовите на асоцијацијата се сертифицирани и баш во овој период траат повиците за ресертификација. Практично после секоја трета година, членот на „МКА 2000“ кој е сертифициран менаџер консултант, мора повторно да помине низ процесот на докажување. Всушност, консултантот треба да покаже дека квалитетно работи, дека постојано се едуцира и дека реализира минимум 80 консултантски денови годишно. На тој начин се потврдува дека е фокусиран на своето работење.

*Кој е патот што еден консултант треба да го помине до CMC сертификат? 

-Процесот е прилично тежок и ригорозен. При аплицирањето покрај работната биографија, апликантот подготвува и пополнува апликација во која детално ги опишува активностите во однос на својата професија. Неретко голем број од консултантите, како што впрочем сум и јас имаат сопствено правно лице, организација или консултантска фирма, и во таа апликација пишуваат што се испорачале во последните три години како менаџмент консултантски услуги. Поентата е да докажат дека имаат минимум 80 консултантски денови во годината со потврди од клиентите. Значи една третина од работните денови мора да бидат врзани со консултантската професија што е услов да го одржи и да го добие сертификатот.

СМС бордот што постои во рамки на Асоцијацијата, назначува ментор и оценувач кој дава задача за изработката на студија на случај. Кандидатот низ пример објаснува како се справува со предизвици во една од консултантските мисии.

Потоа следува презентација пред комисија и доколку е позитивно оценет, се стекнува со СМС сертификат, што може да го истакне во своите профили, социјални медиуми. Ваквиот сертификат им отвора ангажман во различни меѓународни организации, јавни и владини институции (за тендери), а препораки за лица кои можат да бидат ангажирани како консултанти од асоцијацијата бараат и од Светска банка, од Европска банка за обнова и развој и други меѓународни организации.

*Која е тука улогата на „МКА 2000“?

-Всушност „МКА 2000“ има две клучни функции: Прво да ги вмрежува, односно здружува консултантите (моментално брои околу 30 членови). Во овој период тече акцијата за нови членови и за (ре)сертификација. Значи тоа е првата функција, вмрежување на консултантите.

Втората е лобирање и застапување. Веќе сме во преговори со одговорни владини службеници, со вицепремиерот за економски прашања и инвестиции, наскоро ќе биде реализиран и состанок со министерот за информатичко општество и администрација на кого ќе му понудиме поддршка во новиот процес на зајакнување на администрацијата. Значи ќе се обидеме заеднички да воспоставиме стандарди и се надевам на квалитетен излезен резултат. Со други организации, како што е и „Анторис“ потпишуваме меморандуми за соработка со цел да ги пружиме нашите услуги, што значи соработуваме со неколку асоцијации кои промовираат стартапи или им е потребна поддршка на воспоставениот бизнис. Консултантски партнер сме и на Стопанската комора на северозападна Македонија, а имаме и наш член консултант во нивниот проект за промоција на зелени бизниси за што им помогнавме да добијат околу 40 000 евра за енергетска ефикасност, за да ги оптимизираат трошоците. Значи вклучени сме на повеќе места.

„МКА 2000“ на некој начин е како канал за сите консултанти да добијат можност за ангажман. И тоа е третата работа што би ја потенцирал. Вмрежувањето и обезбедување на информации за аплицирање.

Нашата цел е по четири години од сега да бидеме плус 50, а моја лична цел  е  што поголем број консултанти да добијат лиценци за сертифицирани консултанти. Инаку јас самиот сум ресертифициран, а од неодамна и оценувач асесор во процената дали кандидатот заслужува да биде СМС сертифициран, бидејќи со тоа преземаме голема обврска и одговорност дека услугите кои ги испорачува се квалитетни.

*Кој се може да стане менаџер консултант?

-Во Заводот за статистика нема посебна шифра на дејност- менаџмент консултант. Дел од нашите консултанти кои имаат и сопствени фирми се регистрирани за различни активности како на пример, моите компании се регистрирани како ентитети кои вршат дејности за советување и управување. Но, има бројни правни лица регистрирани за обука, за организација на настани и слично, кои се исто така дел од нашата бранша. Тоа е еден голем предизвик што ние, консултантите би сакале да го истрчаме да стане јасно: кој е тој што може да биде менаџмент консултант, со тоа што и во самата дефиниција правиме разлика со останатите консултанти. Има разлика меѓу член на МКА и СМС сертифициран менаџер консултант. И не само структурна туку и во категоризација на членарината, бидејќи сметаме дека секој од нас треба да се труди во иднина да стане сертифициран менаџмент консултант. Секако дел од членовите се двоумат на тој свој пат дали да работат за некого или да бидат индивидуални менаџмент консултанти. Ние им помагаме да ја донесат таа одлука. Многумина од нив работат во различни меѓународни институции и истовремено се директори на консултантски куќи, други се претседатели на здруженија кои работат како развојни консултанти, и тоа е многу важна дистинкција – искрено јас себе си се сметам како развоен консултант. Факт е дека како менаџмент консултанти очекуваме да генерираме добивка од нашата активност, опипливи позитивни промени за компанијата и за здружението, но очекуваме да видиме и долгорочни промени и пошироки импликации во повеќе слоеви и целни групи во општеството.

*Колку трае таа обуката за СМС и колку чини сертификатот?

- Три до шест месеци. Ние велиме дека до шест месеци мора да излеземе со одлука дали кандидатот е за CMC консултант. Мислам дека сме најевтини во регионот, 600 евра е стекнување на сертификати и околу 125 евра секоја трета година за обнова... Имаме разбирање и за млади луѓе кои сѐ уште студираат. За нив имаме посебна категоризација на членарина за само 1000 денари годишно, доколку сакаат да ни се придружат и да учат од поискусни.

*Дали кандидатот мора да има определено образование ?

- За консултанти се јавуваат луѓе со различни профили. Кандидатите потребно е да имаат високо образование, петгодишно искуство во работењето и мора да се согласат да бидат членови на „МКА 2000“ како услов за аплицирање за СМС сертификат со потпишување договор дека ги прифаќаат овие принципи на делување, кои се воспоставени со Статутот на „МКА 2000“.

*Која е разликата меѓу сертифициран СМС консултант и другите?

Разликата со CMC е што работиме на етички начин. CMC вклучува и етички кодекс. Со тоа практично консултантот се согласува дека ќе работи на доверлив начин, дека нема да наштети никому во тој доверлив процес. Затоа и кажав дека процесот на CMC сертифицирање е обемен и во самата студија на случај бараме како консултантот ги зел предвид интересите на повеќето засегнати страни. 

Мислам дека можеме да помогнеме со нашите CMC членови во подобрување на процесите на раководење и управување во самите институции, тоа е едно и второ со стопанските комори имаме добра соработка, но сакаме уште да се унапреди за да ги понудиме услугите на членките независно од нивните индивидуални  консултанти и консултантски куќи. И трето, граѓанскиот сектор кој е доста битен. Работиме со здруженија на граѓани и фондации за да им помогнеме да испорачуваат квалитетни услуги понатаму во делот на обуки,  тренинг, како еден нов пристап во работењето или во делот на консалтинг.

Значи тие се трите сектори во кои вообичаено нашите менаџмент консултанти имаат искуство во работењето. Ние во сите три сектори имаме претставници, но имаме и претставници кои вршат евалуација- една многу благородна функција. Всушност во склоп на „МКА 2000“ функционира Мрежа на македонски евалуатори (МЕН)– активност која подразбира оценување на комплетниот ангажман пред да започнат консултантските активности. Во смисла дали се добро дефинирани потезите кои треба да се преземат и дали се добро дефинирани показателите на успешност. Оценувањето на работниот ангажман може да се спроведе и во текот на одреден проект или на крај. Евалуаторите се едуцирани низ призма на параметри што треба да бидат претходно дефинирани врз база на што се определува и процентот на успешност на активноста. Се вклучуваат оценувачи, обучувачи, коучи кои имаат посебна технологија различна од советник, со која добро владеат дел од нашите консултанти. Секако имаме членови кои се бават и со стандарди, што е многу битна функција и која законски е  потребна за оценување на повеќе субјекти од јавниот и од приватниот сектор.

*Каков е вашиот впечаток, колку нашите компании или јавни институции се подготвени да ангажираат консултанти?

Анализа на консултантскиот сектор е направена пред повеќе години. Сметам  дека сега е време за следна анализа, но се соочуваме со предизвици, во смисла не толку на побарувачката на услуги, туку во стандардизирање на понудата на услугите. Има многу нелојална конкуренција, која не е сертифицирана и валидирана да испорача квалитетни услуги. Се обидуваме да укажеме на клиентите и секако на нашите консултанти дека ова е еден од начините на потврда на нивните услуги и дека здружувајќи се ќе можеме да диктираме и цена на надомест пред институциите и пред фирмите, а компаниите ќе имаат зголемено ниво на сигурност дека консултантот што го избрале поминал низ одредена проверка.

*Колку се заинтересирани да ги користат вашите услуги компании кои постојат повеќе децении, односно кои се поставени во еден друг систем и се соочуваат со новите стандарди на стопанисување?

-Не е непознат процес. Со оглед дека имаме 70 000 фирми, кај поголемите фирми имаме примери на стопанственици, сопственици кои сѐ уште се држат до старите начини на функционирање, фамилијарно менаџирање, каде квалитетот на менаџерот е помалку важен отколку лојалноста и поврзаноста со сопственикот. Но, такви случаи се сѐ поретки. На пазарот брзо ќе ве откријат ако не работите квалитетно. Патем се повеќе имаме млади претприемачи кои разбираат дека имаат потреба од консултантска поддршка, и работат на мобилизација на фондови, на структурирање на компаниите, на поврзување во синџирот на соработка со добавувачи, набавувачи. Морам да кажам дека квалитетните консултанти имаат и премногу работа.

Целта на „МКА 2000“ и моја лична цел е да обезбедиме квалитетни услуги, што најчесто се познава преку концептот на поврат на постојани купувачи. Во моите компании 90 проценти од комитентите се исти. Затоа што се задоволни, знаат дека заедно можеме да бидеме и поуспешни.

*За што компаниите најчесто бараат консултантски услуги- тим билдинг, стратегија, лидерство?

- Нашата консултантска куќа организира годишно тим билдинзи за своите вработени и ангажира консултанти. Тоа се континуирани процеси за да поминеме и понудиме успешни услуги. Морам да потенцирам дека работиме со сите сектори, приватниот, јавниот и граѓанскиот. „МКА 2000“ е отворена за млади консултанти, обучувачи, коучи, советници, тренери и секој кој се чувствува и тоа може да го потврди со диплома, сертификат, референци, може да им помогне на правните лица, тогаш е добредојден да го сподели тоа знаење, вештини и искуство заедно со „МКА 2000“.

*Препорака?

Сите кои сакаат да помогнат на развојот на компаниите и на организациите и се чувствуваат спремни за тоа, да ни се приклучат во „МКА 2000“ и да го споделат своето знаење. Колку сме поздружени толку повеќе можеме да влијаеме на нашите клиенти да растат.