„Биооил“ е бренд на ладно цедени масла од сончоглед и од афион произведени од домашни суровини, како и преработки од нив, кои моментно се етаблираат на домашниот пазар. За да бидат препознаени и интересни за потрошувачите, производителите сметаат дека треба да изградат концепт за доверба. Тие поголемиот дел од своето едногодишно производство засега го пласираат онлајн, меѓутоа ги прават и првите чекори во поголемите маркети во земјава. Фаза каде практично согледуваат дека е потребна поголема промоција- информираност и насока на потрошувачите дека маркетите располагаат со асортиман од премиум домашни производи.

Ова е генерално заклучокот до кој дошол тимот на скопската компанија „Биооил“ по краткотрајното претставување на домашниот пазар. Ваквата констатација како што објаснува младиот менаџер на „Биооил“, Александар Димитриевски произлегува од едно поново истражување за тоа како се рангирани домашните производи на пазарот.

 
Доверба во тимот за безбеден и квалитетен производ

-Резултатите покажуваат проблеми со дистрибуцијата, изложувањето и продажбата на производите од домашно потекло. А, според мене причина за тоа е несоодветната промоција, односно недостиг на маркетинг од една страна, а од друга, луѓето незнаат дека во Македонија се произведуваат производи од домашни суровини, од земјоделски култури од нашево поднебје. Едноставно како по некое непишано правило нашата популација има поголема доверба кон увезените производи.

Оттука произлегува и примарната цел на „Биооил“, градење на довербата и тоа во два сегмента. Прво, гаранција за континуиран квалитет на производите, поаѓајќи од константно одржување на рецептурата во производството, и на тим којшто ќе креира безбедност и ќе стои зад квалитетот на производите. И второ, како што веќе реков, развивање на маркетингот за опстојување на производите на пазарот. Тоа се клучни елементи кои верувам ќе влијаат во градењето и одржувањето на довербата за нашите сегашни и идни проекти,“ вели Димитриевски. 

„Сакаме да ги увериме нашите консументи дека континуитетот на квалитетот не само што ја гради довербата кај нив, туку влијае и на одржувањето и довербата кон тимот на „Биооил“, заклучува младиот менаџер.

Според него, довербата се прави со искуството, организација и реакцијата на (не) издржување на пазарот. Факт е дека тоа се елементи на маркетингот за што малите компании одделно не се подготвени, но верува дека заедно, како премиум домашни производи може да станат видливи и препознаени. Затоа, нашиот соговорник е убеден дека многу повеќе треба да се вложува во претставување на придобивките од премиум домашните производи и во однос на финансиски и во однос на социјален и здравствен план, како гаранција за квалитет што го нудат.

Практично сите овие заложби се сведуваат на градење доверба, што според нашиот соговорник, -  тоа е клуч преку кој „Биооил“ ќе се етаблира во јавноста како бренд за ексклузивни масла и премиум производи кои се гаранција за квалитетот што го нуди.

По довербата од кооперантите, сега и од потрошувачите

Иако менаџерот на оваа релативно млада компанија заедно со својот тим е целосно насочен кон градење на довербата кај потрошувачите за нивното производство и производи, тие сепак веќе го изградија и поминаа првото скалило од оваа важна позиција – доверба. Всушност тие со самото тоа што веќе организираат договорен откуп на суровинскиот материјал од земјоделците, ја стекнале и нивната доверба. Нивните кооперанти задоволни и мотивирани од првичната соработка веќе организираат поголеми површини со посеви од сончоглед и афион. Веруваат во тимот на „Биооил“ кој им гарантира целосен откуп на родот по цена и до 30 отсто поголема од актуелната берзанска цена.

Значи првото, можеби и најважно скалило од довербата е стекнато: земјоделците –кооперанти имаат договорен откуп на родот од посевите од „Биооил“.

Тие за година ипол, откако е поставена линијата за производство на ладни цедени масла успеале да договорат соработка со 10-ина кооперанти за афион и околу 30 за сончоглед. Секако годинава очекуваат нивниот број да се зголеми.

„За нас од посебен интерес е довербата што ја изградивме со кооперантите да ја изградиме и со потрошувачите“, нагласува Димитриевски.

Маркетингот е една многу важна алатка за да дознаат луѓето дека овие ладно цедени масла се произведуваат во Македонија и тоа од домашни суровини.

На полето доверба, веќе се чувствува раздвижување и заинтересираност и од страна на поголемите синџири на маркети, како Веро, Рептил, каде во моментот се пласираат производите на „Биооил“.

Фамилијарна фирма

„Биооил“ е фамилијарна фирма во која се испреплетуваат идеите, искуството и функционирањето на две семејства од различни генерации, вели Димитриевски. -Покрај мене тимот во моментот го сочинуваат и највозрасниот Роберт Коцев, советник во компанија, Кристијан Коцев, раководител на производство, и соработничките Љупка Коцева и Зорица Димитриевска.

А за идејата и мотивацијата, која ги водела при поставување на производството на премиум масло, Димитриевски вели:

„Креирањето и воспоставувањето на одреден правец во бизнисот најчесто се заснова на некое решение за одредена проблематика што сте ја согледале на пазарот. Јас се движев во деловни кругови каде што увидов дека не се обраќа многу внимание на развојот на одредени земјоделски култури во земјава, да не речам и во целиот сектор. Земјоделците постојано се соочуваа со нередовен откуп на родот, со ниски цени, кои не ги покриваат ниту трошоците за производство, и како резултат на сето тоа се создаваат резерви кои ја губат ефективната цена. Оттука и идејата да направиме потези со кои ќе придонесеме за развој на дел од тие култури, од една, и да создадеме квалитетен производ од нив, од друга страна. Според нашите сознанија квалитетно масло на домашниот пазар ретко се наоѓа, особено произведено од домашни ресурси, скоро и нема. Токму тоа беше поттик за поставување на линија за производство на ладно цедено масло. Проект што беше основа за користење на средства за самовработување. Потоа следеше градбата на објект и набавка на машини (со кредит преку државата) за поставување на мала линија. Идејата ни се реализира, а мотивацијата резултираше со готови производи- ладно цедено масло од сончоглед, ладно цедено масло од афион, колаген и уште некои интересни финални производи чие испитување е сѐ уште во тек. Значи имаме линија, имаме производи, добар тим и сега работиме на нашата заемна промоција, затоа што засега не сме компанија која може сама да се прехрани.“

 

Технолошкиот процес на маслото по франшиза 

За организација и спроведување на процесот на производство во „Биооил“ е задолжен Кристијан Коцев, раководител на производство.

Тој објаснува дека во нивната мини фабрика, технолошкиот процес на производство на ладно цедено сончогледово и афионово масло се работи по франшиза на странски партнер.

„Значи применуваме квалитетна рецептура која ја откупивме заедно со машината преку која се одвива поголемиот дел од технолошкиот процес на цедење на маслото. Практично со набавката на машинскиот парк ние добивме и франшиза и соработници. Говориме за американска компанија која има кооперанти низ цел свет, која применува технологија што традиционално ја користеле неколку семејни колена. Инаку, официјално стартувавме на почеток на 2021 година и со оглед дека сезоната за откуп на родот од земјоделски култури беше завршен, првично ги преработивме преостанатите залихи на наши земјоделци. Производителите беа изненадени, семето од афион што беше во нивните амбари, го откупивме.

Пробно откупивме два до три тони афион. Така што од првата саржа протекоа 500 литри масло од афион, потоа следеа уште 400, па 300 литри. Односно, првично произведовме вкупно 2,5 тони масло од сончоглед и од афион. Рецептот за производство на масло од афион, исто така ја добивме заедно со машината. Практично и целиот проект од таму почна, од машината, раскажува Коцев.

Што се однесува до капацитетот на преработка што „Биооил“ може да го испорача, математиката оди вака: Дневно, за 16 работни часа (две смени) може да се произведат 200 литри масло. Односно 400 парчиња афионово масло од 0,5 литри и 400 килограми колаген (производ од обезмастеното афионово семе) од коишто се пакуваат 1300 парчиња. (Досега се произведени 1000 парчиња колаген по 300 грама.)

Доколу пак се произведува сончогледово масло, тогаш за 16 часа ќе се произведат 1000 парчиња по 0,75 литри. „Меѓутоа, вели Коцев, - со преработката на сончогледот, покрај маслото добиваме сончогледова погача од 2000 килограми, која се применува за сточна храна. За што во моментов имаме загарантиран откуп.“ 

Митот од нивите олицетворен во колаген

Тимот на „Биооил“ годинава планираат да преработат над 200 тони суровини –сончогледово и афионово семе за да може компанијата да функционира. Кооперантите се претежно од Пелагонија, Велес, Ресен и Куманово, а најпрво доверба им укажале земјоделците од Могила од Прилеп и Битола и делумно од Куманово. Афионовото семе пак, претежно го набавуваат од радовишкиот крај, од каде потекнува и највозрасниот член на тимот, советник на компанијата.

Нашите соговорници објаснуваат дека мотивацијата за преработка на афионовото семе се темели на приказните од нивните баби од кои слушале дека на бебињата им ставале афион под нос за да спијат. Исто така и колагенот традиционално  (свесни или несвесни за придобивките) низа генерации го користеле како толчено афионово семе – дудук за зацврстување на организмот и издржување на тешката полска работа. Гледано од денешен аспект, митот од нивите за придобивките од афионовото семе ги потврдуваат и нутритивните вредности што ги содржи колагенот.

„Ова е природен колаген што функционира. Анализата покажува дека нашиот колаген содржи 37 проценти протеин што е одлично за коските. Значи го обезмастуваме семето, поминува низ третман на природно загревање вклучувајќи го и моментот на пакување во посебна опаковка која овозможува да се задржат состојките“, објаснува Коцев.

„Биооил“ е еколошки одговорна компанија, не само што нема отпад туку и сите пакувања се биолошки разградливи материјали и повторно можат да се рециклираат.

Брендирани полици за видливост на домашните производи 

На крај на нашиот разговор Димитриевски вели: -целиот свет се потпира на мали компании. Големите не се рентабилни, тие не го ранат народот. 

Според него, како земја на сончоглед, афион, пиперка, мед, чаеви... колку побрзо се препознаваат преработките од нив на домашниот пазар, толку повеќе придобивки ќе има и за малите компании и за економијата. И идеологијата за формирање на Алијансата за премиум домашни производи, преку која се промовираат 11 македонски компании е во тоа- информирање и насочување на потрошувачите. Постапка што треба  да се реализира преку поставување на брендирани полици на соодветно место во маркетите каде ќе се промовираат премиум производите од домашни суровини, како дел од маркетинг програмата.

„Всушност, Алијансата за премиум македонски производи е моја иницијатива, објаснува Димитриевски, - која како проект преку „Биооил“ го презентирав пред швајцарска амбасада и ИМЕ за заеднички настап и видливост на домашните производи на пазарот. Тие ја препознаа нашата идеја и не поддржуваат во тоа. Доколку ние изложиме премиум производи на 50 сталажи низ Македонија, нема да доаѓаме во ситуација органските производи да ги даваме по многу ниски цени кај трговците и за извоз.

Вториот сегмент на кој што се концентрираме, а кој е во согласност со нашата цел како општествена одговорна компанија е производство на биогориво, кое во моментов го произведуваме за сопствени потреби, дистрибуција на своите и производите на членките на Алијансата. Пилот проект за горивото од сончогледово масло кое бара дополнителни вложувања за да се преточи во редовен производ, е во тек. Исто како и постапката за лиценцирање на производство на сапун за одмастување“.