Драстично поскапување на храната, во некои сектори и 40 – 50 отсто, најавуваат преработувачите, доколку не се изнајд соодветни решенија кои би го ублажиле ударот од ценовниот шок врз потрошувачите.
Драстично поскапување на храната, во некои сектори и 40 – 50 отсто
Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, со оглед на светските трендови поскапувања секако ќе има, но колкави ќе бидат, најмногу зависи од државата и од тоа, какви одлуки ќе се донесат.
Ако суровините поскапеа изминатата година и до 40 проценти, се очекува поскапувањето на крајните производи да биде од 40-50 отсто, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите. На пример, само цените на сувомесните производи се очекува да се зголемат за 20 – 40 проценти, но зголемување на цената ќе има и кај лебот.
Прехранбената индустрија бара помош
-Драстично поскапување на храната ќе има, имајќи ги во прењдвид сите досегашни случувања и дома и во другите земји. Поради тоа целата прехранбена индустрија бара од Владата да и се помогне за да може да функционира, а и потрошувачите да бидат заштитени. Ако суровините минатата година поскапеа до 40 отсто, се очекува поскапувањето на крајните производи да биде од 40 – 50 проценти, а тука секако треба да се додаде и новата цена на енергенсите. Додека домашните малопродажни синџири кај нас се уште молчат и тивко покачуваат цени, супермаркетите во САД и Велика Британија отворено објавуваат дека цените на храната ќе растат наесен. Комотни се и големите синџири на маркети, но на крајот ќе мора да реагираат, истакна Васко Ристовски, менаџер во организационата целина за претставување на членките и вмрежување во Комората.
Домашните компании од преработувачката индустрија, како што потенцира Ристовски, се соочуваат со зголемување на цените на суровините. На фармерите основните производни трошоци им се зголемени за 70 – 80 проценти, поскапени се и фолиите, енергенсите. За 10 – 11 отсто се зголемени директните трошоци во млечната индустрија, а од друга страна и фармерите притискаат. Слична е ситуацијата и во месната индустрија.
Од Комората предупредуваат и дека субвенциите растат но потребно е да се измени методологијата за нивно давање. Наместо по површина, истите треба да се даваат по класи, односно квалитет и предадено на домашни откупувачи. Во спротивно, многу лесно ќе дојдеме наскоро во ситуација кога ќе немаме домашно производство и целосно ќе зависиме од увоз на храна.
Загубите на земјоделско-прехранбениот сектор во 2020 година беа проценети на околу 22-40 отсто, со намалена профитабилност за 41-60 проценти.
Клучните прехранбени производи, како што се житарките и маслодајните семиња, драстично поскапеа, така што нивните цени во Македонија во моментов се повисоки за 20 до 100 проценти отколку пред една година. Со оглед на тоа што житариците и маслата се составен дел на многу прехранбени производи, се стравува дека скокот на нивните цени ќе предизвика бројни зголемувања на цените на храната во продавниците, што би го загрозило животниот стандард на граѓаните
Купувај домашно- пак да сеактивира
Како сега стојат работите Ристовски смета дека државата нема слух за укажувањата на секторот. Проблем е, рече, и тоа што примарното производство (суровините) се во ингеренции на Министерството за земјоделство, а преработките во Министерството за економија, па наместо на еден, проблемите мора да се решаваат на два фронта кои често не се усогласени. Комората повторно ќе предложи да се активира кампањата за купување домашни производи, бидејќи сметаат дека на тој начин директно го помагаат домашното производство.
-Во Албанија на пример, Владата ги субвенционираше извозниците на земјоделски производи и денес домашниот пазар е преплавен со земјдоелски производи од соседството, а во Србија, како резултат на лош род и намалени приноси, се забрани извоз на голем дел од суровините, посочи Ристовски според кој, крајно време е компаниите и трговците да креираат заедничка ценовна политика.
Според него неопходна е средба со вицепремиерот задолжен за економски прашања и тоа во проширен состав.
-Вицепремиерот најави нови мерки за да се заштитат потрошувачите. Ако се мисли на замрзнување на цените како минатата година, тоа ќе биде катастрофално и ќе доведе до загуби кај компаниите. Минатата година беа замрзнати цените на одредени домашни производи додека на оние од увоз не беа, со што се направи голема штета кај домашните компании, рече Ристовски.
Претседателот на Групацијата за месо и месни преработки, Гоце Трајчев дополни дека едно обезбедување поддршка, а сосема нешто друго нејзино реализирање во реалноста.
-На поскапувањето укажувавме неколку пати од почетокот на годината. Поскапувања ќе има, но колкави ќе бидат, тука можеме секако да влијаеме. Поскапувањето на месните преработки се очекува да биде 15 отсто колку што е на глобалните пазари, но може да е и повеќе, 30 – 40 проценти ако државата продолжи да ја игнорира поддршката. Само 20 – 30 отсто се царинските давачки за увоз на смрзнато свинско месо за преработка. Значи, од државата зависи колкави ќе бидат поскапувањата, подвлече Трајчев.
Зависиме од увоз
Бројките покажуваат дека пченицата во жетва лани чинеше 10 денари за килограм, а годинава е 12 денара што е зголемување од 20 отсто. Јачменот минатата година се купување за 8,5 денари, додека годинава цената е зголемена 23,5 отсто и се купува за 10,5 денари. И кај пченката има забележливо зголемување на цената – лани се купуваше за девет денари, а оваа година производителите ја купуваат за 13. Сојата минатата година се купуваше за 340 – 380 евра за тон, а на почетокот на годината скокна до 500 евра.
-Како држава сме зависни од увоз според потребите и тоа од 120.000 тони пченица поради квантитавиен и квалитативен кусок, како и пченка од 70.000 тони. Во исто време цената на превозот се зголеми за 20 отсто, додека електричната енергија за правните лица кои купуваат на слободен пазар за 100 проценти. Брашното поскапе 20 проценти за 12 месеци. Во исто време, цената на увезеното српско брашно, од 212 евра за тон во 2020 година, се зголеми на 280 евра оваа година или за 68 евра. Многу производители на млеко со ужас забележуваат дека цената на килограм добиточна храна се приближува до цената на литар млеко, што да биде уште полошо, се намалува во последните месеци, создавајќи се поголеми загуби за нив, истакна Ристовски.
Млекарството и месната индустрија, мелничарството и винарството се клучните под сектори во агро индустријата со потенцијал за развој, за што бизнис секторот има конципирано предлог мерки. Но изминатата година кулминираа проблемите во сите четири сектори, што покажа дека е потребно интервентно решавање на одредени суштински проблеми за да се зачува сточниот фонд, лебното жито и лозарството како стратешка суровинска база за дури потоа да може да се размислува за стимулативни мерки кои ќе носат до раст.