Градежништвото во Македонија е во алармантната состојба, апелираат  Синдикатот за градежништво при ССМ и Здружението за градежништво при Стопанска комора на Македонија. Доказ за тоа претставува и статистичкиот податок според која за прв пат во последните пет години бројот на вработените лица во градежништвото падна под 50 000 работници, односно за една година е намален за 12.622 лица. Факт што упатува на заклучокот дека последиците од кризата ги чувствуваат не само работниците туку и работодавците. 

И Синдикатот и Здружението на градежниците забележуваат дека секторот е неатрактивен за работниците бидејќи платите во нискоградба се во просек 29.000 денари што е под просечната плата во државата за цели 5.000 денари. „Ако градежништвото е стопанска гранка со долга традиција во нашата држава и домашните градежни компании имаат стекнато бројни референци во земјите ширум светот тоа значи дека инженерскиот и стручниот кадар имаат богато искуство за изведба на комплексни проекти од сите сегменти на градежништвото. Меѓутоа, за жал состојбите во последните години се значително променети. Домашните градежни компании се сè помалку присутни на домашниот пазар, исклучиво поради лошите владини политики особено ако се знае дека од капиталните инвестиции 96 отсто од средствата одат во странски компании наспроти само четири проценти кон домашните компании и домашните работници. Од државата ќе се излеат 1.926.859.761 евра кон странски компании и странски работници, додека само 80.877.532 евра кон домашни компании и домашни работници што е поразителен податок за негрижата на Владата кон домашните фирми и домашните работници. Ако се има предвид фактот дека Македонските работници и граѓани ќе ги враќаат кредитите за финансирање на овие проекти, а средствата од нив ќе се прелеат во странски држави и со тоа Македонија, домашните градежни компании и домашните работници ќе пропаѓаат, ќе се затвораат и ќе се иселуваат, а странските компании, странските работници и држави ќе просперираат и заработуваат на грбот на Македонија и нашите работници и граѓани,“ децидни се здружените градежници. 

Загрижувачка состојба

Поради тоа и Синдикатот и Здружението за градежништво изразуваат заедничка загриженост за состојбата во која се наоѓа градежништвото и сметаат дека е време државата да се заложи за враќање на угледот на оваа стопанска гранка која опфаќа седум отсто од вкупниот број на вработени лица во земјава.

„Поразителен за нас е фактот што домашните компании се сè помалку присутни на домашниот пазар, особено кога станува збор за реализацијата на најзначајните капитални проекти во делот на патната и железничката инфраструктура на Коридорите 8 и 10.

Изминатиот период, две од трите делници на железничката пруга 8 (Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка) во вредност од околу 200 милиони евра беа доделени на странски компании.

Автопатите на Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во вредност од над 1,3 милијарда евра се доделени на странски конзорциум Бехтел и Енка без никакво залагање од страна на Владата за ангажирање на домашните компании и домашните работници. Во вакви услови легитимно се активира прашањето за ангажманот на домашните градежни компании и работници во следните години, имајќи ја предвид големината на нашата држава и фактот што ова се најзначајните капитални проекти за државата. Нејасно е како условите за работа на странските компании се поповолни отколку за домашните компании, а важечките прописи не предвидуваат механизми за заштита на домашниот пазар.

Очигледно е дека тековни и планирани инвестиции има, реализацијата на капитални расходи расте, меѓутоа домашните градежни компании згаснуваат, а бројот на вработени опаѓа. Поради тоа, најавената градежна офанзива мора да отвори фронт за развој на домашните градежни компании и работници, доколку државата сака да ја зачува оваа стопанска гранка и вработените во неа, а со тоа Владата да ја зачува и државата во целост. Имајќи предвид дека најголемите идни проекти се однесуваат на Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола), а кои ќе се реализираат со стратешки партнер (конзорциум Бехтел – Енка) за што е предвидена законска обврска стратешкиот партнер да ангажира минимум 51 процент локални ресурси, очекуваме дека обврската доследно ќе се почитува. А, домашните градежни компании во кои особено работниците се синдикално организирани и истите ги почитуваат работничките права ќе бидат вклучени со минимум 51 отсто во проектирањето и изведбата на посочените патни делници. Ова е во согласност со усвоената и ратификувана Конвенција 94 на Меѓународната организација на трудот,“ посочуваат обединетите градежници.

Според нив со ваквото склучување на договори Македонија ја прекршува оваа Конвенцијата за јавни договори поради тоа што покрај другото и спротивно на член 2, точка 3 при утврдување на клаузулите во јавните договори (склучување на договорите) не се консултирани ниту организациите на работниците, ниту на работодавачите.

Македонската јавност е презаситена од бројните афери и скандали со јавните набавки

Тие укажаа и на одредените законски нерегуларности кои се однесуваат на овој сектор: „Предупредувавме и кога Собранието го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на овој проект, поради неуставност на членот 12 со кој се  предвидуваше  дека стратешкиот партнер треба да има целосно право да го организира и распоредува работното време на работниците кои ќе бидат ангажирани на проектот со можност работното време за секој поединечен работник во просек да трае 60 часа неделно во текот на годината.

Потсетуваме дека Уставниот суд ја прифати иницијативата на Синдикатот СГИП поради тоа што мора да се почитуваат и нашите закони и Конвенциите на МОТ и не сакаме да се доведеме повторно во ситуација да бараме заштита од Уставниот суд.“ 

Поаѓајќи од ова, тие нагласија дека сите претходно наведени барања итно ќе ги достават до Владата со единствена цел да се спречи згаснувањето на компаниите и намалувањето на бројот на вработените во градежништвото. 

Тие уште еднаш укажуваа на нелојалната конкуренција која оди во прилог на поединци за сметка се поголемата сиромаштија: Македонската јавност е презаситена од  бројните афери и скандали со јавните набавки. Појавата трае непрекинато од почетокот на деведесеттите години. Последиците се богатење на поединци и на тесни кругови од бизнисот и политиката, пропаѓање на цели стопански гранки и зголемување на сиромаштијата. Претпријатијата кои ангажираат работници на црно, или се блиски до политичките партии, нудат пониска цена и ги победуваат претпријатијата кои ги извршуваат обврските кон работниците. Од корупцијата во јавните набавки се засегнати сите дејности, додека последиците најдиректно ги чувствува градежништвото и гранки тесно поврзани со градежништво. 

Ваквиот начин на доделување работа и градење мора да престане.“