Стопанската комора е засегната од она што се случува во образованието. За комората, дуалното образование е најефикасен начин како да се стигне до стручен кадар потребен за стопанството. Покрај пристапот на воведувањето на практичната настава, односно практичната обука на реално работно место за учениците во компаниите, многу е важно дека преку дуалното образование се постави како една синергија која постои меѓу образовните институции и компаниите.

 Како што вели Наташа Јаневска од Стопанската комора на С Македонија, сега веќе заеднички се подготвуваат наставни планови и програми. Тоа се системски документи, како што се стандард на занимање и стандард на квалификација, каде се преточени знаењата и вештините кои треба да ги постигнат учениците во текот на образовниот процес. Тоа, пак, се преточува во образовните програми каде што се учат во училиштата и практичната обука која се реализира во компаниите.

„Изминатиот период интензивно работевме на сертификација на методите, односно на обука на ментори на лица вработени во компании, кои ќе ги примат учениците и ќе ги водат низ целиот процес и верификација на компанијата. Воедно, ги проверуваме условите дали можат да примат ученици на практична обука, односно дали имаат опрема и материјали за учениците. Во различни региони имаме различни потреби на квалификации во зависност од спецификите и дејностите на компаниите. Во Вардарскиот регион има потреба од заварувачи, техничари на индустриско производство. Источниот регион – рудари, Скопскиот регион - водоинсталатери и лепење плочки. Во целата држава потребни се машински техничари, електромеханичари, месо и млеко преработувачи, недостаток во угостителскиот сектор, агротехничари, конфекционери“, вели Јаневска.

Од неодамна, во функција е ставена и нова веб – страница „www.praksa.mchamber.mk“, која претставува алатка каде учениците, родителите, наставниците и координаторите можат да се запознаат со информациите во делот на дуалното образование. Таму се регистрирани сите ментори како и компаниите. Тоа е платформа која се наоѓа во рамки на Стопанската комора.

„Ако гледаме краткорочно, трошоците се многу поголеми за компаниите, бидејќи мора да обезбедат ментори, да платат услови за работа, обука за безбедност и здравје при работа, надоместок за ученичкиот труд, превоз и храна. Ако гледаме долгорочно, компаниите имаат придобивки. Имаат обезбеден кадар, ги подготвуваат според нивните работни процеси и специфики на компанијата, не вложуваат во доквалификација на учениците. Потоа, ги оспособуваат со стручни и меки вештини кои се многу побарувани. Една третина од компаниите бараат вработените да имаат корпоративна одговорност, тимска работа, да бидат посветени и одговорни кон компанијата. Тоа го имаме преку менторскиот пристап кога учениците одат на практична обука“, вели Јаневска.

Според последните податоци со кои располага Стопанската комора, вкупно 500 компании потпишаа меморандуми со стручните училишта. Не станува збор само за големи компании, напротив, во оваа група се и средните и малите претпријатија. Дел од неа се и занаетчиски дуќани, односно фамилијарни занаети кои веќе се свесни дека треба да обучат свој кадар според нивните специфики на работењето.

Во 2022 година, во споредба со 2021, има раст од 6% запишани ученици во техничкото образование, не земајќи ги во предвид економската и медицинската струка кои се секогаш атрактивни. Бројката можеби изгледа мала, но, во големата слика, тоа значи зголемен број на запишани ученици. Од Стопанската комора се надеваат дека и оваа година ќе има поголем број запишани ученици.