Електрична енергија: дилентантизмот чукна на вратата. Енергетската ситуација во Македонија е многу ризична не само во моментов туку и на долг рок. Во најважниот сектор, енергетиката, малку се вложуваше, многу се грабаше (за што има и судски пресуди за манипулации со јавните набавки).

Производството на струја уште се потпира на еден главен капацитет, РЕК Битола, со застарена технологија со три генератори, кои ретко кога работат заедно поради дефекти и ремонти, што значи дека и ретко кога го постигнува својот производен максимум со своите три блока од по 233 MW и нето годишно производство од околу 1.200 GWh по блок.

Електрична енергија: дилентантизмот чукна на вратата

Има уште еден многу помал термо-капациетет, РЕК „Осломеј“ (Кичево) со инсталирана моќност на блокот од 125 MW. За него може слободно да се рече дека никој никогаш не сметал на него како на некој сериозен енергетски субјект на кого можеме да се потпреме поради неговата мала сила и честото и долгорочно „отсуство“ од производството.

Македонија веќе нема јаглен во сегашните рудници што го користат овие две централи, а нови не се копаат. Стручњаците, пак, велат дека јаглен има на домашен терен, но во моментов течат рокови за тендери за увоз на јаглен. Ова го има само во бурлеските!

Вкупните резерви на јаглен заедно со потенцијалите од Пелагонискиот басен се проценуваат на 2.5 милијарди тони. Од вкупно утврдените 664 милиони тони геолошки резерви на јаглен во РСМ, се проценува дека 38% можат да се експлоатираат со површинско откопување, а остатокот со јамско-подземна технологија. Јамската експлоатација на јагленот на нашите простори се уште не е застапена! Зошто? Затоа што е потешко и поскапо да се копа под земја!

Голема маана на јагленот, од која главно настрада целава планета, е тоа што го загадува воздухот, како и другите фосилни горива.  Светските норми ја ограничуваат употребата на јагленот како необновливо фосилно гориво и тоа е што ја става Македонија со двете нозе во една ногавица.

Дргуги капацитети


Во поново време, 1978 година, е изградена термоелектроцентралата „Неготино“ (нерентабилна централа на мазут, која не работи, затоа што произведува загуби и која се чува за крајна нужда) и во последно време акумулациите и центалите „Козјак“ и „Света Петка“.

Когенеративната централа ТЕ-ТО - Скопје е акционерско друштво кое е основано во 2005 година од странски и домашни инвеститори. Oсновна дејност на компанијата е когенеративно производство на електрична и топлинска енергија во таканаречен комбиниран циклус. Во февруари 2012 година, постројката почна со комерцијално работење.

Потоа, во последниве 20-тина години, не е изграден ниеден капитален енергетски објект. Малите хидроцентрали не се сметаат за капитални туку за бизнис на „ситните“ инвеститори, обично, според општото мислење, блиски до власта.

Хидропотенцијал


Хидроцентралите, со кои градежниците, со право се фалат како со градежни дострели, сепак, не се големи произовидтели за да можеме да сметаме на нив, во случај битолскиот производител, од која и да е прчичина, го намали производството или да престане краткорочно или засекогаш да произведува. „Хидрото“ е зависно од климатските услови, најмногу од „плимата“, па затоа тие можат да се сметаат како резерва и како туристичка атракција: Мавровскиот систем, Шпиље и Глобочица на Дрим, Козјак и Света Петка на Треска и тиквешката на Тиквешкото езеро.

Најголемиот број и најкапиталинте капацитети со кои се произведува струја се направени по ослободувањето во Титова Југославија.

Гасоводниот систем напредува „како ракот“, па безброј власти имаа време да се испофалат со неговата изградена километража, а сегашниот учинок на овој евтин и еколошки енергенс е незначителен.

„Чебрен“ и „Галиште“  


Проектот за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“ датира од седумдесеттите години на минатиот век, но неколкуте тендери за изградба, завршија неуспешно. Инвестицијата е проценета на 600 до 800 милиони евра (толку колку што чинеше лудоста олицетворена во скопскиот споменичен кич), а се предвидува дека производството на електрична енергија од „Чебрен“, би се движело од 870 до 1.140 гигават-часа.

За „Чебрен“ и „Галиште“ се појавија многу странски инвеститори, но, ниеден од нив не препозна профитабилен проект.

Државата сама не може да ги гради, (бидејќи веќе ги потроши парите за СК 2014), па треба да се задолжи до гуша, со опасност да банкротира. Освен тоа, поради климатските промени, вода има се помалку.

Мали хидроцентрали - големи еколошки проблеми


Малите хидроцентрали се покажа дека не се никаков фактор во производството на струја, дури многу граѓански друштва се спротивставија на бетонирањето на реките. Дури, тие настапија со паролата „Стоп за хидро мафијата“, сомневајќи се дека зад нарушувањето на природните текови на реките и на уништувањето на околината стои само паричниот интерес по секоја цена, а не жалбата да и се помогне на државата во збогатувањето на количеството  потребната електрична енергија.

Граѓанските организации предупредуваат дека политиката свесно го штити бизнисот.

Ветер


Паркот на ветерни електрани „Богданци“ (ПВЕ „Богданци“, познат и како Ветропарк „Богданци“) е вклучен во дистрибутивната мрежа за електрична енергија на 21 март 2014 година. Но, инсталираната моќност на ветропаркот е исто така мала, 36,8 MW и зависи од ветерот.

Членство во ЕУ   


Кога земјите од Западниот Балкан утре би станале членки на ЕУ, сите термоелектрани на јаглен преку ноќ би банкротирале. Тоа е заклучокот од новата студија на Јанез Копач, кој е директор на „Energy Community“, здружение на Европската унија и на земјите од Источна и Југоисточна Европа за енергетика.

Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија трошат и по 170 милиони годишно на субвенции за термоелектраните. Ако петте земји би биле членки на ЕУ, би добиле уште една милијарда годишно. Причината за тоа е трговијата на ЕУ со квотите за дозволени емисии.

Имено, компаниите во ЕУ кои го загадуваат воздухот со гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина мораат да платат за тоа. Испуштањето еден тон јаглерод диоксид, на пример, чини околу 20 евра. Термоцентралите на Балканот се особено големи загадувачи и штетни за  здравјето на луѓето. Затоа е висока сумата што би требало  да се плати за да можат да продолжат да работат, откако земјите ќе станат членки на ЕУ.

Тука е болката на македонската електоенегетска стратегија, но и излезот од кризата. Копање нови јагленови рудници и производство со нова техологија.

Огромни државни субвенции за струја добиена од јаглен има и во самата Унија, на пример во Германија и Полска. Еропската комисија со години бара да се поттикне производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија. До 2020 година 20 проценти од струјата потрошена во ЕУ требаше да потекнува од обновливи извори на енергија. До 2030 година треба да се 32 проценти. Но, многу земји, членки на ЕУ, меѓу кои и Германија, не ги постигнаа поставените цели до 2020 година.

Модернизација на термоценралите


Значи, проблемот го имаат и развиените земји кои ја диктираат еколошката политика. Ако се модернизираат постојните термоелектрани, ќе можат да произведуваат повеќе струја. Подобра енергетска мрежа и апарати можат да помогнат да се заштеди енергија. Има повеќе причини зошто ова не се спроведува. Делумно е поради тоа што недостасуваат компетентни луѓе и ресурси, за на пример, да се постави законска регулатива за заштита на животната средина и да се спроведе. Но, најчесто недостасува политичка волја. За да биде поефективна електричната мрежа во регионот, мора мрежите на земјите да бидат подобро поврзани меѓу себе. Но, тоа бара и меѓусебна доверба, велат стручњаците.

Некои, што се фалат дека знаат како да ја решат енергетската криза во Македонија со искористување на македонскиот јаглен, зошто тоа не го направија досега? Сега темницата ни се заканува, исто како и во темните времиња на средниот век.

Бране Стефановски