И денеска Скопје е загадено. И тоа не е вест. Сепак, вест е дека државата најавува нова мерка според која ќе се донесе зелена иднина во градот.
Станува збор за проект за споделување на електрични автомобили. Проектот ќе го спроведува приватната компанија „Аванткар“ која веќе изнајмува вакви електрични автомобили во Словенија, Австрија и Хрватска. Државата со оваа компанија потпиша писмо за поддршка.
Според плановите за Скопје, од февруари треба да стартува пилот проект во три општини: Аеродром, Чаир и Гази Баба со 100 електрични автомобили, кои ќе може да ги користат владини институции, компании и граѓани преку мобилна апликација која ќе биде како клуч. Плаќањето ќе биде по минута време и поминат километар, а за електричните автомобили ќе има посебни паркинг места достапни само за нив.
„Преку оваа мобилна апликација пронаоѓате достапно возило, го резервирате, го отклучувате, го возите и кога ќе завршите со патувањето го оставате возилото на утврдено паркинг место и го заклучувате. Плаќањето се врши директно преку картичка или друг дигитализиран начин на плаќање“, рече Матеј Чер од компанијата „Аванткар“.
Тој додаде дека трошокот за заедничко користење на услугата ќе биде пониско од возење со такси. Едно патување во просек да чини од 3 до 6 евра, додека возење од центарот на Скопје до меѓународниот аеродром би чинело од 10 до 15 евра.
Проектот ќе стартува откако претходно ќе биде направена подготовката на инфраструктурата, со паркинг места и полначи за кои беше речено дека ќе користат зелена енергија. Целата инвестиција до 2030 година, би чинела околу 30 милиони евра, рече Чер.

Но, за еколошките организации мерката е недоволна и сметаат дека тоа е погрешна одлука бидејќи како што велат ќе го зголеми бројот на автомобили во Скопје во ионака ограничениот простор за возење по улиците и булеварите.
Но, проблем е и што со аерозагадување не се мачи само Скопје. Речиси иста е ситуацијата скоро во сите градови: Струмица, Тетово, Битола, Велес, Гевгелија, со висок надминати дозволените граници за загадување пропишани од Светската здравствена организација.
Причините за загадувањето се повеќебројни: транспортот и старите возила, но и употребата на неквалитетни горива за греење, индустриските емисии, недоволниот број на зелени површини. Дополнителен проблем е слабата примена на законите за заштита на животната средина.
Ефикасни мерки со години нема, иако здравствените последици од овој проблем се сериозни. Лекарите предупредуваат на пораст на карциноми, респираторни и кардиоваскуларните заболувања кај населението, особено кај децата и постарите лица.
Иако владата најави мерки, како субвенции за енергетски ефикасни домови и почиста енергија со претставувањето на Планската програма за почист воздух 2024-2030, граѓанските организации бараат поагресивен пристап за решавање на проблемот.
Граѓаните на Скопје и Тетово се изложени на значително повисоки нивоа на токсични честички (PM2.5), во споредба со лица од Западна Европа, како што неодамна рече директорот на Светска банка за Косово и Северна Македонија, Масимилијано Паолучи кој посочи и дека загадениот воздух во земјава годишно убива околу 2.800 жители.
Граѓанските организации апелираат на итна акција. О2 Иницијатива предложи низа конкретни мерки за намалување на аерозагадувањето во Скопје, со цел да се заштити здравјето на граѓаните и да се усогласат вредностите со новите стандарди на ЕУ за квалитет на воздух. Според нив клучните предлози се:
- Забрана на загадувачки енергенси: Постепено укинување на користењето на нафта, мазут, јаглен и слични горива за греење и индустриска употреба, со временски рокови за домаќинствата (2026–2028) и индустријата (2030).
- Филтри за дрва: Поставување филтри за субјектите што ќе продолжат да користат дрва за греење, со субвенции за најранливите категории.
- Контрола на сообраќајот: Ограничување на сообраќајот на возила со пониска еколошка категорија во зимскиот период и денови со висока загаденост (од 2026 година).
- Индустриска модернизација: Забрана за употреба на мазут и други загадувачки горива во индустриски погони, каде што е возможно користење на гас или електрична енергија од обновливи извори.
- Надзор и казни: Инсталирање камери за мониторинг на палење отпад и брза реакција од страна на службите.
- Компостирање на отпад: Бесплатно собирање и компостирање на органскиот отпад за да се спречи палењето стрништа, со компост како награда за граѓаните.
- Мониторинг на градежна прашина: Задолжителен мониторинг на прашината околу градилиштата како обврска за градежните компании.
Властите го предложија ова ново решение во борбата против аерозагадувањето, додека официјални бројки на домашни и меѓународни организации укажуваат на податоците дека од 3.828 до 5000 луѓе во државава ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5.