Обновливите извори на енергија (ОИЕ) се  во фокус на светската јавност, не само поради енергетската криза, туку и поради се погласните апели за климатските промени предизвикани во голем дел и од производството на енергенсите.  Во зависност од околностите стратегиите и енергетските политики постојано се менуваат и глобално и одделно во секоја земја.  Производството на енергија од обновливи  извори стана приоритет во секоја држава, па и во нашата. Каде и како сме поставени сега ние како држава за да станеме енергетски независна е тешко да се дефинира-наместо национална стратегија за енергетика сите досегашни влади парцијално бараат излез за акутните состојби со недостигот и цената на енергијата. „Имајќи ја предвид  сегашната актуелна состојба и во нашата држава погледот за надминување на енергетската криза е свртен кон ОИЕ, вели Трајче Рушев, дипломат и иноватор кој голем дел од своето време го посветува на анализи и истражувања околу новите начини на производство на енергија. Според него ОИЕ не можеме бескрајно да се искористуваат, - можеме да ги користиме до 30 проценти, бидејќи се јавува проблем со балансирањето на енергијата. Проблем со кој се соочуваат сите европски земји. Еден од начините да се балансира со соларната енергија (не само ноќе, туку и кога е облачно, дождливо) би била можноста преку изградба на батерии што треба да го имаат сите потенцијални инвеститори. Вложувањата во овие батерии се речиси исти и поедноставни од инвестициите во фотоволтаици. Тие батерии ја складираат вишокот на енергија. Друга можност да се балансира со енергијата би биле постоечките или изградба на ревизибилни електрични централи (како Чебрен и Галиште). И трета работа е водородот. Чист, обновлив енергенс, којшто има долгорочна перспектива во целиот свет“, вели Рушев.

Може ли Македонија да започне со производство на енергетски растенија?

Во однос на енергетската независност, тој посочи дека многу се спомнуваат и мали  нуклеарни модуларни реактори. - Тие се со големина на еден контејнер, што овозможува лесно да се дистрибуираат. Немаат потреба од ладење, од ноу хау, затоа што се контролираат преку клауд и по 25 години искористување се враќаат назад. На пример, Романија порача 10 нуклеарни реактори од САД. Целта е да се диверзифицираат што повеќе извори на енергенси.“ Ова се најчесто користени идејни решенија за надминување на енергетската криза кои се применуваат во одредени земји, вели Рушев, кои кај нас засега тешко дека можат да се применат.  

Меѓутоа тој смета дека сепак во Македонија може да се започне со производство на енергетски растенија, кои се голем извор на биомаса, а кои како што самиот спомнува се доста  актуелни последниве години. Една од најважните култури за производство на биомаса е Miscanthus giganteus. Поради едноставното одгледување, големиот годишен принос, ниските барања а високите енергетски својства, Miscanthus претставува енергетска култура со голем потенцијал.

Рушев објаснува дека станува збор за кинеска трска којашто дава огромни количества на биомаса по единица површина. Поточно на еден хектар дава 30 тони биомаса која има огромна намена.

Колку за споредба еден хектар од ова растение дава биомаса која е компарација на 13 тони на нафта. Рушев смета дека Македонија има огромни неискористени земјоделски површини кои може да се засадат со вакви растенија.

Како сега стојат работите клучот е во Министерството за земјоделство кое треба да донесе правилник за  засадување и одгледување на ова енергетско растение, да се уреди која фирма ќе го увезува и поддржува производството на вакви енергетски растенија. Меѓутоа, како што вели Рушев, кај нив постои страв од инвазивноста – дали ќе ги потисне домашните растенија. Но тоа не е такво и веќе се произведува во други ЕУ земји.

Патем со неговото засадување ќе се заштити и сечата на нашите шуми и ќе ја запазиме ерозивноста, истакнува Рушев.

Нашиот соговорник ни посочи и поконкретни анализи за ова растение, врз основа на кои е уверен дека може да се одгледува и во нашата земја.

Во ова свое истражување, кое го пренесуваме целосно, Рушев ги опфатил објаснувањата, анализите и примената на ова енергетско растение во одредени држави.

 

Енергетски култури

Енергетски култури се оние култури кои се одгледуваат исклучиво заради производство на биомаса. Целта на одгледувањето на овие култури е производство на најголема можна количина на биомаса по единица површина со цел нејзино понатамошно претворање во енергија. Најголема површина под Miscanthus има во Англија. Таму се простира на 60.000 ha, во Германија на 40.000 ha, во Франција на 20.000 ha и во Австрија на површина од 6.000 ha. Растението расте во густи снопови широки до еден метар и по третата година од одгледувањето достигнува висина до четири метри.

Miscanthus giganteus се карактеризира со повеќегодишен раст, високо производство на биомаса (15-20 t/ha од третата година на одгледување) и можност за берба на сува биомаса (влага <16%). Оваа култура е исклучително отпорна на болести и штетници (не се спроведува третман со пестициди). Рационално ги користи хранливите материи, особено азотот од почвата. Бидејќи е стерилен вид, не постои можност за неконтролирано ширење.

Miscanthus giganteus во моментов најчесто се користи за горење

Miscanthus giganteus во моментов најчесто се користи за горење, директно согорување за производство на топлина и/или електрична енергија. Со користење на различни технологии на набивање, произведената биомаса се претвора во цврсти биогорива. По процесот на брикетирање/пелетирање, може ефикасно да се користи за производство на „зелена енергија“. Енергетското искористување на оваа култура овозможува значително зачувување на фосилните извори на енергија.

Енергетската вредност на 20 тони биомаса Miscanthus е еднаква на енергетската вредност на 12 тони тврд јаглен. Додека пак 30 тони е еквивалентна на 12.000 литри мазут. Во споредба со пченката која дава 19 тони биомаса и 1.890 галони етанол гориво, Miscanthus произведува 40 тони и 8.125 галони етанол по единица хектар после осмата година. Во однос на ефикасноста, таа ја надминува маслодајната репка, најраспространетиот извор на енергија од зеленчук во Европа. Кај семето од репка односот помеѓу енергијата вложена во одгледувањето и добиената енергија е 1:2, а кај Miscanthus фантастичен 1:15.

Може да се користи и за производство на хартија, градежен материјал, био пластика и друго.

Miscanthus giganteus може да се користи и за производство на хартија, градежен материјал, био пластика. Потоа како подлога во сточарството, но и за подобрување на структурата на почвата, намалување на ерозијата и процесите на фитоакумулација. Мискантусните влакна сè уште можат да се користат за производство на геотекстили, стапчиња за украсни растенија, во автомобилската индустрија за производство на веќе споменатата био пластика.

Имајќи предвид дека ова енергетско растение подолго време се произведува и се користи во земјите на ЕУ но и во регионот, корисно е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), сериозно да ја разгледа оваа можност и да овозможи одгледување на растението Miscanthus giganteus за намалување на енергетската криза но и заштита од ерозија и подобрување на деградираните почви. Во однос на прашањето што би се отворило во МЗШВ и Управата за семе и саден материјал, дали оваа растение е инвазивно, како што е наведено во текстот и дадениот линк со научно истражување, Miscanthus giganteus стерилен вид, и не постои можност за неконтролирано ширење.

Имајќи ги предвид овие анализи и искуства нашиот соговорник смета дека крајно време е и нашата држава посериозно и похрабро да се впушти во прифаќање на вакви нови култури кои во многу би придонеле и за поевтина енергија и за заштита на шумите. И пак нагласува, дека сега клучот е во Министерството за земјоделство кое треба да донесе правилник за  засадување и одгледување на ова енергетско растение, да се уреди која фирма ќе го увезува и поддржува производството на вакви енергетски растенија.