Европската агенција за заштита на животната средина во својот извештај за 2025 година ја оценува Северна Македонија како земја со сериозни еколошки предизвици – од екстремно загаден воздух и изразена енергетска сиромаштија, до слабо управување со отпад и заостаната енергетска транзиција. Документот претставува детална проценка на состојбата и трендовите во животната средина, климата и одржливиот развој, заснована на податоци од 38 европски држави, меѓу кои и Северна Македонија.
Трите анализирани димензии – животна средина и клима, социо-економски промени и системски промени во енергијата, мобилноста и храната – се оценети од македонски експерти од Европската мрежа за информации и набљудување на животната средина. Проценката ги опфаќа податоците за периодот 2007–2023 година, според 20 индикатори утврдени од ЕЕА и Евростат.ж

Во делот за животната средина, извештајот наведува дека загадениот воздух предизвикува 3.800 смртни случаи годишно, што е речиси 18% од вкупната смртност, ставајќи ја Северна Македонија меѓу најзагадените земји на континентот. Економските трошоци од овие последици изнесуваат меѓу 5,2% и 8,5% од бруто националниот производ – или повеќе од половина милијарда долари годишно. Истовремено, секоја година се евидентираат над 7.200 нови случаи на рак, а смртноста достигнува 3.780 лица.
Кога станува збор за отпадот, Северна Македонија е далеку од остварување на целта за негово значително намалување. Иако е во тек подготовка на нова стратегија и план за управување, системот останува нефункционален. Депонирањето е главниот метод за отстранување на отпад, со мали можности за рециклирање и компостирање, што предизвикува дополнителна контаминација на почвите и подземните води. Нелегалните депонии сè уште се честа појава, а недостасува системска селекција на отпадот.
Во поглед на емисиите на стакленички гасови, земјата нема утврдена национална цел, освен во делот на користење на земјиштето и шумарството. За да се достигне целта на ЕУ до 2030 година, потребен е фактор на промена шест пати поголем од просекот на ЕУ.
Енергетската сиромаштија, пак, погодува речиси четвртина од домаќинствата (23,85%), што е трипати повеќе од просекот во ЕУ. Дел од ова се должи на фактот дека 61% од домовите користат дрва за греење, што ја влошува состојбата со загадувањето и уништувањето на шумите. Иако државата воведува стимулации за обновливи извори и енергетска ефикасност, развојот е бавен. Првиот издаден „зелениот заем“ во 2023 година од 10 милиони евра означи почеток на нови проекти, но уделот на обновливата енергија во финалната потрошувачка изнесува само 17,8%, а вработеноста во еко-секторите е под европскиот просек.
Извештајот укажува и дека малите и средни бизниси сè уште ги доживуваат зелените инвестиции како финансиски товар, а не како можност за развој.
Во делот за системски промени, анализата ја опфаќа храната, енергијата и мобилноста. Производството на храна е трет најважен економски сектор во земјата, со 11% удел во бруто додадената вредност и 14% од вработените. Сепак, продуктивноста е ниска поради мали и раздробени земјишни поседи и недоволна примена на модерна технологија. Урбанизацијата и стареењето на населението дополнително го оптоваруваат секторот, додека руралните области остануваат маргинализирани.
ЕЕА препорачува воведување одржливи земјоделски практики кои ќе ја зајакнат отпорноста и ќе овозможат фер развој. Зајакнувањето на земјоделските задруги, пристапот до пазари и насоченото користење на обновлива енергија се оценети како клучни за идниот напредок.
Во транспортниот сектор, според извештајот, Скопје треба да ги зајакне мерките за одржлива урбана мобилност. Во следните три години се очекува велосипедската инфраструктура да расте за 30 до 50%, додека користењето велосипеди би можело да се зголеми за 5%. Железницата бележи подобрување со нови електрични и дизел единици, но бројот на електрични автомобили останува минимален – само 451 во 2022 година.
Европската агенција препорачува континуиран развој на инфраструктура за електрични возила и нови стимулации со цел поттикнување на поодржлив транспортен систем во земјата.