Европа не ги дава шумите
Многу предлози доаѓаат од сите страни и од невладини организации и од експертите, па дури и од политичките партии - како да се излезе од енергетската криза и како да се зачува животната средина, сега откако вселената ни враќа со тешки удари врз условите за живеење, со поплави, со суши, со ветришта и урагани.
Европа не ги дава шумите
Човекот почнал да ја загадува околината од самото свое раѓање, но најинтензивно продолжи во претходните два века и во овој во кој живееме. Сепак, можеме да речеме дека секоја иницијатива, заснована врз научни согледувања, е добредојдена, а верувајќи во науката и само во науката, можеме и да се надеваме дека на долг рок ќе се регулира огромното загадување, кое не води сметка за рационланото искористување на земјините природни богатства, туку само за профит. Овој пат, од сите тие богатства, ќе зборуваме за шумите во нашата родна Европа, во која ние сесрдно даваме голем придонес во уништувањето на сопствените шуми, било со сечење, било со намерно палење.
Европските мерки
Неодмана Европската комисија предложи нови правила за спречување на уништувањето на шумите кај членките на ЕУ, што значи речиси во цела Европа. Сакале-нејќеле, земјите што не се членки на ЕУ (Запдниот Балкан) ќе мораат да ги почитуваат тие мерки, ако сакаат да го комплетираат поглавјето што се однесува на заштитата на животната средина.
Комесарот за животна средина, за океаните и за рибарството, Вирџинијус Синкевичиус, вели дека овие закони што го регулираат односот кон шумите се најамбициозни законодавни обиди за справување со овие прашања ширум светот досега.
Само од 1990 до 2020 година, светот има изгубено 420 милиони хектари шума - површина поголема од Европската унија. Предложените нови правила ќе гарантираат дека производите што ги купуваат граѓаните на ЕУ нема да придонесуваат за глобално уништување и за деградација на шумите.
Една од главниот причини за уништување или за деградација на шумите, ЕК ја апострофира земјоделската експанзија поврзана со интензивното производство на соја, говедско месо, палмино масло, дрво, какао, кафе и производи од нив. Регулативата поставува задолжителни правила за длабинска анализа за компаниите што сакаат да ги пласираат овие производи на пазарот на ЕУ со цел да се осигура дека на тој пазар се дозволени само производи произведени без уништување шуми и дека се легално произведени. Комисијата ќе користи стандардизиран систем за да ги процени земјите и нивното ниво на ризик од уништување и деградација на шумите предизвикани од стоките во опсегот на регулативата.
Комисијата инфомрира дека ќе го засили дијалогот со големите потрошувачи и ќе се ангажира тој дијалог да се прошири во што поголем број земји. Со промовирање на потрошувачката на производи „без уништување на шумите“ и намалување на влијанието на ЕУ врз глобалното уништување и деградација на шумите, новите правила се очекува да ги намалат емисиите на стакленички гасови и загубата на биодиверзитетот. Конечно, справувањето со уништувањето и деградацијата на шумите ќе има позитивно влијание врз локалните заедници, вклучително и домородното население чиј живот во голема мерка се потпира на шумските екосистеми, информира Комисијата.
Шумите во Македонија
Македонија е европски пример за уништување на шумите, негрижа, палење, дрвокрадство, сечење без план, подметнување пожари и сл. Пожарите пеплосаа неколку региони и уништија илјадници хектари шума, предизвикаа ненадоместлива штета. За неколку години пожарите направија штета од 50 – 70 милиони евра.

За да се обнови, ќе бидат потребни најмалку 50 години. Станува збор за опустошување на „белите дробови“ на најубавите планински предели во земјата - Берово, Пехчево, Делчево, Кочани, Битола, Гевгелија, Старо Негоричане...Само во Старо Негоричане во пожарите пролетоска што беснееја неколку дена, изгореа 600 хектари шума.
За четири години милионски штети
Најголем број пожари имало во 2019 година - 402 и во 2017 година, кога се евидентирани 364 огнени стихии. Најголема штета шумите претрпеле токму таа година, кога проценките се дека сумата достигнала над 31 милион евра. За изминативе пет години штетите предзвикани од пожарите надминуваат над 35 милиони евра.
Поради ова, не треба да се чека ни еден ден со почетокот на ново пошумување. Но, податоците од пошумувањето на нови површини во Македонија покажуваат дека тоа опаѓа во изминатава деценија. Според податоците од Државниот завод за статистика, во 2020 година во земјата биле засадени нови дрвја на површина од 569 хектари, што е второ најниско ниво во изминатава деценија, по 2017 година, кога биле пошумени 553 хектари.

Сето ова значи дека надлежните институции не успеваат да ја контролираат ситуацијата на теренот. Донесени се голем број забрани против дивото сечење, непалење стрништа, забрана за движење во шумите во летниот период, но – шумите горат и слабо се обновуваат.

Македонија има потпишано и ратификувано многу меѓународни договори и конвенции за заштита на шумите и животната средина кои влијаат врз шумарскиот сектор. Ориентацијата на земјата кон Европската Унија бара хармонизација на шумарската политика со обврските кон неа.
Напишани се безброј текстови за превработеноста во јавното претшријатие (Македонски) Национални шуми, но изгледа не со цел да се зачува шумата туку да им се најде место на луѓе блиски до власта.
Шумарството во Р.С. Македонија е стопанска гранка која во Бруто домашниот производ учесвува со 0,3 до 0,5 проценти, меѓутоа, ако се валоризираат опшокорисните функции, придонесот е значително поголем.
Реалните услови во моментов ја налагаат потребата за создавање ефикасен систем за многуфункционално стопанисување со шумите и развој на модерна дрвна индустрија со високи стандарди.
Бране Стефановски