
Во овој момент почетокот на преговорите за пристап на Македонија во ЕУ се доведени во пршање и реално е да се каже дека тој почеток не се гледа ни на хоризонтот. Економскиот интерес на Македонија за влез во ЕУ е најголемиот мотив за толкав мачен пат за пристап до Унијата, но со оглед на политичките случувања, што произлегуваат на блокадите на нашите соседи, таа мисија изгледа многу тешка и ќе трае долго.
Многубројни се размислувањата и сугестиите, како Македонија да го скрати тој пат. Се разбира без да ја напуштиме патеката, желбата и идејата еден ден да станеме полноправна членка на европското семејство.
Пример можеме да земеме од нашиот северен сосед, Србија, земја со која немаме ниеден спор, а еконимската размена ни е на второ место, по размената со ЕУ.
Имено, во јануари 2020 година, Европската иницијатива за стабилизација (ЕСИ) објави извештај за кризата во процесот на пристапување во ЕУ и тврди дека Унијата има голем интерес да и понуди на секоја заинтересирана земја од Западниот Балкан шанса да се приклучи на нејзиниот единствен пазар како привремена цел.
Две недели подоцна, на 31 јануари 2020 година, Србија предложи ЕУ да и понуди можност „да се приближи до единствениот пазар на ЕУ.
„На овој начин нашите граѓани ќе видат конкретни придобивки. Се разбира, со разбирање дека на европскиот пат на Србија клучот за нас останува приклучувањето кон ЕУ како полноправна членка на крајот“, изјави тогаш претседателот Вучиќ.
Членството во единствениот пазар ќе им овозможи на државите од Западниот Балкан, откако ќе ги исполнат сите услови, да имаат корист од четирите слободи – слободно движење на стоки, на капитал, на услуги и на лица. Во исто време, скептичните членки на ЕУ би можеле да избегнат каква било дебата за прифаќање нови членки.
ЕСИ препорачува две фази на реформски процес за пристапување во ЕУ.
Прво, една или повеќе влади од Западниот Балкан треба да им се обратат на земјите-членки на ЕУ, кои се загрижени за политиката на проширување - Франција, Германија, Италија, Шведска, Австрија, Холандија - и до Европската комисија дека се заинтересирани за процес што ќе им овозможи на земјите да се приклучат на единствениот пазар на ЕУ откако ќе се спроведат сите потребни реформи.
Второ, заинтересираните членки на ЕУ подготвуваат конкретен предлог со институциите на Европската унија што ќе биде претставен пред највисоките органи Унијата. Ова изгледа многу блиску до апликација за полноправно членство во ЕУ. Граѓаните и компаниите би ги уживале слободите што ги уживаат граѓаните и компаниите од Норвешка и Исланд денес. Владите на Западниот Балкан би можеле да им докажат на скептиците во ЕУ дека можат да ја одржат дисциплината на пристапување и почитување на правилата на ЕУ откако ќе влезат внатре.
Трето, понудата за приклучување кон Единствениот пазар е проширена на сите земји од Западниот Балкан, вклучително и на Косово. ЕУ јасно кажува дека овој предлог не е им е наметнат на земјите од Западниот Балкан, туку претставува фер и кредибилна понуда за владите што сакаат да докажат дека можат да ги спроведат многуте реформи потребни за интеграција во следните неколку години. Ова би ја променило играта и за оние земји кои сè уште не ги отвориле пристапните преговори: Косово, Босна и Херцеговина, но и Албанија и Македонија.
Четврто, ЕУ и земјите од Западниот Балкан, заинтересирани да се приклучат на единствениот пазар, развиваат институционална рамка за ова, така што штом земјите ќе се приклучат на Единствениот пазар, тие, како што прави Норвешка денес како членка на Европската економска заедница (ЕЕА), ќе продолжат да ги усвојуваат идните правила и регулативи на ЕУ во областите опфатени со Единствениот пазар.
Транспортната заедница ЕУ-Западен Балкан, формирана во 2017 година нуди интересен модел. Ги вклучува сите шест земји од Западниот Балкан и има за цел целосна интеграција на полето „патен, железнички, внатрешен воден и поморски транспорт, како и развој на транспортната мрежа меѓу Европската унија и шесте земји од Западниот Балкан“.
Договорот за основање на Транспортната заедница ги наведува сите применливи правила, вклучително и тие поврзани со јавните набавки и државната помош. Тој предвидува секоја земја да стане целосно дел од пазарот на ЕУ во оваа област откако ќе ги исполни условите.
Институционалната структура на Транспортната заедница лесно може да се развие понатаму во институционална рамка за поширока економска област ЕУ-Западен Балкан, вклучително и постојана улога на Европскиот суд на правдата и Европската комисија по пристапувањето на земјите.
Спроведувањето на реформите потребни за приклучување кон Единствениот пазар и за приклучување кон ЕУ беше многу корисно за периферните економии. Земајќи ги предвид разликите во ценовните нивоа, Литванија отиде од 37 отсто од просечниот БДП по глава на жител на ЕУ во 1999 година на 81 отсто во 2018 година. Во истиот период, Романија отиде од 26 на 66 отсто.
Македонија денес е на ниво на Литванија во 1999 година. Босна и Херцеговина денес е на местото на кое беше Романија во 1999 година.
Како што напоменавме на почетокот на овој текст, Македонија мора да ги бара сите начини и патишта за да го оствари својот економски и политички интерес, зацртан уште од осамостојувањето – влез во Европската заедница, како друштво на развиени земји со многу повисок стандард на живеење и политичка стабилност. Патот е долг и, како што видовме во последниве години, непредвидилив. Но, до секоја голема цел тешко се стигнува.