Бумот на вештачката интелигенција (ВИ) доведе до инвестиции во овој тип на технологија да достигнат невидени размери. Не само во САД, туку и во Европа.

На пример, францускиот стартап Mistral собра преку една милијарда долари инвестиции, додека германскиот Apleh Alpha одамна ја надмина цифрата од половина милијарда.

Меѓутоа, она што го откри новиот извештај од фирмата за ризичен капитал Accel е дека најдобро финансираните компании за вештачка интелигенција во Европа ги основале претприемачи со искуство во американските технолошки гиганти. Покрај тоа, причина за овој успех е големото влијание на универзитетите во Европа, кои станаа таканаречени „фабрики на основачите“.

Искуство во големи компании

Извештајот открива дека една четвртина од основачите на 221 компанија ( опфатени со истражувањето) за генеративна вештачка интелигенција во Европа и Израел, претходно работеле во Apple, Amazon, DeepMind, Meta, Google и Microsoft.

„Тие се навистина паметни во смисла дека видоа колку раното лидерство во оваа област може да доведе до огромна конкурентска предност“, вели Хари Нелис, генерален партнер во Accel, додавајќи дека постои ‘златна можност’ за луѓето со ‘претприемачки начин на размислување’ да создадат сопствен genAI потфат“.

Многу основачи на истакнати стартапи со вештачка интелигенција кои развиваат генеративни алатки за вештачка интелигенција доаѓаат од Google, DeepMind и Meta.

Францускиот стартап Mistral, поддржан од Мајкрософт, на пример, го има Артур Менш, поранешен научник за вештачка интелигенција на DeepMind, како свој извршен директор. Ко-основачите Тимоти Лакроа и Жил Лампл работеа во Мета.

И во уште една француска фирма за вештачка интелигенција „H“, која ја поддржува Амазон, основачите се поранешни истражувачи на „DeepMind“, Лорен Сифр и Карл Туилс, и поранешниот студент, Шарл Кантор од Универзитетот Стенфорд.

Фабрики за основачите на AI

Accel забележува дека универзитетите играат голема улога во создавањето генеративни стартапи со вештачка интелигенција. Многу европски универзитети, како што велат, сега служат како таканаречени „фабрики за основачите“ кои произведуваат нови основачи на стартапи.

Повеќе од една третина (38 проценти) од компаниите имаат барем еден основач кој има или имал позиција - како професор, истражувач или предавач во академска институција.

„Тоа е навистина ново за бранот на вештачка интелигенција. Ова не беше случај за бранот на е-трговија, на пример, или бранот на корпоратиивниот софтвер; тоа е нешто што е навистина единствено за вештачката интелигенција“, вели Нелис.

Британските универзитети се најпопуларна студиска дестинација за основачите на генеративна вештачка интелигенција, покажува истражувањето на Accel. Универзитетот во Кембриџ ги создава најгенеративните компании за вештачка интелигенција, со 7,9 проценти од основачите кои студирале таму. Француската Ecole Politechnique е втората по големина „фабрика за основачи“.

Исто така, треба да се спомене и Центарот за фундаментално истражување на вештачката интелигенција (FAIR) во Париз, кој компанијата Мета го основа во 2015 година. (Бонитет)