
Дрзок, неприфатлив, невкусен, арогантен, лаички, ненароден, насилнички одговор даде градоначалникот на Скопје на новинарското прашање – „зошто мора на се урне објектот „Езерце“ во градксиот парк?“. Демек, за тој објект немало никаква документација, па човекот решил да го срамни со земјата. Новинарот го прашува – „зошто?“, а тој: „Така сакам, тоа е мојот концепт, мене ме избра народот и ќе правам што сакам, знам дека тоа удира по вашите спомени, ама спомените се нешто минато и неважно“, рече неукиот млад човек, чија гордост извира од силата, а не од мудроста.
Никој не те тера да преземеш нешто нелегално, ама барем да се обидеш и да најдеш начин тоа место да си го задржи своето значење како реликвија. Тој објект му даваше посебна ексклузивност на просторот, како поранешна железничка станица на малиот „Ќиро“, како билетарница за првиот луна парк, зборно место на ногу личности, многу уметност, многу муабети и идеи, многу инспирации на тие маси, многу свадби, но така е кога некој што ги нема овие сензори, не може да им ја процени вредноста и не се труди таквите објекти да се легализираат, или да се финансираат, ама дивоградбите, особено таму кај што македонскиот дел од власта не смее да помириса, се легализираат, по цена на животот и на здравјето на граѓаните.
Ако немал документација, паметните градоначалници се’ би направиле, според сите законски можности, да му обезбедат „лична карта“, како што им се обезбедува на лица кои добиваат право и на глас и на живот, па и како што се правеше за потребите на изборите на државјани од соседните земји, така требаше и за овој и за сличните скопски објекти што се урнаа, без некому око да трепне, божем се обични камења.
Градоначалникот треба да не’ увери какви се неговите стручни квалификации за дефинирање на просторот, дали не постојат стручни здруженија на урбанисти, на екологисти, на граѓани што треба да се прашаат дали да се осакати еден извор на спомените и на романтиката, која на овој град одамна му е смачкана и поништена со најглупавите решенија во Европа која со тапија не’ прогласи за најкичерајската нација на планетава, која нема однос кон ништо што е свето, ни кон етиката, ни кон естетиката, ни кон просторот, ни кон зеленилото, ни кон самите себеси.
Немаш право да одлучуваш сам за овие прашања, ако малцинството од населението не ти го дала маднатот, ако невкусот е концентиран во мнозинството што те избрало, не значи дека можеш да правиш што сакаш.
Вистинските скопјани што го преживеаја „холокасусот“ на Скопје останаа во малцинаство, тие што дојдоа го донесоа непочитувањето на градското живеење на еден вистински град во кој градбите на модерната архитектура им изгледаат туѓи и несфатливи, кои се одушевуваат на грдите квазиуметнички „дела“ и плашила и така градот добива се погрд изглед, без ниедно романтично место. Тие што останаа, се собиат во Дебар Маало околу „Горан Стефановски“ за да се засолнат под неговиот голем дух од нападот на провинцијализмот, но и тој духовен простор е под силна присмотра, тој ги нервира, тоа се гледа преку грозната архитектура околу Горана, згради на кои не им се отвораат прозорците, зашто соседите си дишат уста на уста.
Спомените, како и нашиот градоначалник, тие ги сфаќаат како нешто што го носи ветерот, а не како мисловна структура што ја држи нацијата сплотена, па и историјата е структура од спомени, поткрепена со факти, артефакти и документи. Дури и патриотизмот е исто што и спомените. Тие се продолжување на животот на повозрасното население, ако не се тие спомени и раскажувања на седенките во скопските кафеани, во кои можат да се сретнат се’ помалку скопски примероци, огромен дел од него досега ќе беше под земја, ако не ви е тоа и целта?!
Сите скопјани ќе ти кажат дека на тој простор, што го бришеш од нашите спомени, работеше најстариот луна парк на градот со два круга „точаци“, наредени по различна висина, врзани со шипки за централниот железен столб околу кој, за одреден паричен надомест, се вртеа кругови неколку минути, а до нив имаше чамчиња како лулашки со по две седишта едно спроти друго. Тоа беше големата атракција и задоволство, затоа што ретко кој родител можеше на детето да му купи мало „точаче“. Да беше некој паметен, и тие реквизити ќе ги зачуваше, ништо не ќе беше за срамење, тоа се нашите споемни, ееејјј, па какви и да се. Добиената довераба од страна на мнозинстовот не значи чкртање со фломастер по ѕидовите на кои се насликани нашите свети и стари фрески. Да, нашите спомени се фрекси, па оди ти сега варосај ги, затоа што „јас така сакам“!
На прашањето на новинарот – „дали Камениот мост има документи?“, градоначалникот со колеблив глас му одговори дека има, но овој беше упорен, па му реплицира дека ни во архивот нема такви документи и дали поради таа причина на Камениот мост му се заканува уривање? Тој му даде несигурен одговор, не знаеше точно што зборува, тоа му се гледаше во постојаното, речиси тиковско кревање на рамениците и нервозно мрдање со главата, говор на телото кога човек не се чувствуа сигурен и убедлив, се доведе во ситуација да го изнервираат здодевните новинари, па почна да ја спомнува Даниела, за да заклучи дека не постои прашање за кое не треба да се даде одговор, а тој не даде релевантен одговор на ниедно прашање, освен што остана да звучи пораката: „Тоа е мојот концепт“!
Кој ти го бара твојот концепт? Концептот треба да има основа во мислењата на независните стручни здруженија, ако уште постојат, ако не ги уништивте и нив, на мислењето на широката јавност и на граѓаните. Тие еднаш се собраа околу иницијативата „Да го гушнеме ГТЦ“ со што го одбранија, а ако не го одбранеа сега ќе беше исто така некое плашило за потсмевање, или јавен клозет, каков што се направи „Паркот на жената борац“ (чие име можеби и намерно не се изговара правилно, туку му се калемат некакви кованици како „паркот жена“ или „жена парк“, со цел да се заборави дека тој парк им е посветен на македонските жени борци во антифашистичката војна и е симбол на антифашизмот, поим што веќе ништо не значи за младите градоначалнички соколи).
Ако се прашате - кој градоначалник е најуспешен за градот Скопје, сите потраги ќе ве доведат до името на Јосиф Михајловиќ Јурукоски (Тресонче, Гостиварско, 1887 - Скопје, 11 март 1941 ), живеел само 54 години, архитект-урбанист, антифашист, кому му е посветена само една мала зафрлена уличка зад Чаршијата, која никој не ја знае, дали дека е од Тресонче, а не е од Драчево? Јосиф бил градоначалник на Скопје од 1929 – 1936 година. Сите се гордеат со градбите од неговиот мандат: со собранието, со „Ристиќевата палата“, со „Офицерскиот дом“, со браната на Матка, со старата железничка станица на која исто така некој абдал ни ги избриша сомените, старата зграда на Народната банка на Македонија, градскиот парк и зоолошката градина и многу други градби, па, по аналогија, за така лесно да го прекројуваш градскиот парк треба да добиеш дозвола не само од скопјани, туку и од Јосифа Тресончанецот лично, а тоа сме сите ние на кои здивот ни мириса на липите на Илинденска, на обилното зеленило што го искорнавте од корен, на корзото, на Чаршијата, на Кремес, на Езерце, на Драмски, на МНТ (предземјотресниот и карши старата „Нова Македонија“), на „Универзалната сала“ на „Пелистер“, на кината „Вардар“, „Култура“, „Бамби“, на лизгалиштето, на чистотата на македонскиот литературен јазик и на скопскиот дијалкт, „ако ти текнуе“, ама гледам дека не ти текнуе! Дечко!
А, и ние задоцнивме! Никој не ја препозна намерата за „ликвидација“, па навреме да го гушневме објектот, како што цел живот ги гушкаме во нашите најтопли пазуви спомените за нашата прекрасна скопска младост од ослободувањето, до осамостојувањето. Оттогаш, до денес, се’ е маскарада.
Ни ти, ни „светиот“ совет ваквите одлуки не смеете да ги донесувате на ваша волја и расположение, без сеопфатен стручен предлог, за да не се оштети или изгуби патината на ниеден агол од градот. Една таква катаклизма од стиропор ја живееме ден-денес која никогаш нема да се санира. Скопје вечно ќе го носи срамот на најгрд град во Европа, а можеби и во светот. Затоа запрете, доволно беше, целта е постигната!