Најновите превирања на берзата, предизвикани од непромислената политика на Доналд Трамп за наметнување царини на целиот свет, покренаа легитимно прашање: како треба да одговориме на падовите и евентуалниот слом на берзата? Ова прашање се поставува без оглед на низата одлуки и настани што неодамна доведоа до пад на акциите- анализира Global Inequality and More.

 

Не е тешко да се разбере зошто членовите на капиталистичката класа и десничарската елита се ужаснати од ваквите настани. Ова е очигледно од реакциите на тинк-тенковите и мејнстрим медиумите. Значи тоа се катастрофални настани - за нив, пренесува РТС.

Нивните ставови се засноваат на два принципа: да ги намалат даночните стапки и да го зголемат своето богатство со зголемување на вредноста на нивниот капитал. Затоа е сосема логично зошто треба да бидат огорчени од падовите на берзата.

 Падот на берзата ја намалува нееднаквоста, но и вработеноста?

 Но, се поставува прашањето зошто левицата треба да биде против тоа? И не само тоа: на прв поглед, сите аргументи водат до заклучок дека левицата треба да се радува на падовите на берзата.

Прво, затоа што падот на берзата ја прави нееднаквоста на богатството помалку драматична. Ова е емпириски точно; но е очигледно и од аналогијата на спротивните движења, како кога неодамнешниот раст на берзата создаде скандалозни капитални добивки за многу плутократи, вклучувајќи го и Елон Маск, чие богатство се зголеми од околу 200 милијарди долари на 400 милијарди долари.

Оваа епизода ги наведе многу левичарски економисти и Оксфам, меѓународната организација која се занимава со проблемите на нееднаквоста, да ја илустрираат концентрацијата на глобалното богатство со слика на која група милијардери, која би наполнила мал автобус- поседува богатство колку и преостанатите  осум милијарди луѓе.

Но, сега се случува спротивното. По аналогија, би се очекувало дека трендот на  пад на берзата, што процентуално повеќе ги погоди богатите, е добредојден бидејќи ја намалува нееднаквоста. Сега, за милијардерите ако ја употребиме метафората на Оксфам, би требало поголем автобус.

Второ, многу неодамнешни левичарски политики се залагаат за оданочување на  богатите, па дури и постоеше идеја дека секој чие богатство надминува една милијарда долари треба да биде оданочен за целиот вишок од таа сума, т.е. конфискување на целото богатство над таа една милијарда долари.

Ова дава дополнителна поддршка на тезата дека падовите на берзата се добри. Наместо владата да ги оданочува супербогатите капиталисти, тие треба, преку работењето на своите пазари, сами да си нанесат болка.

 Постои и трета причина која оди во прилог на овој став. Околу 60 отсто од Американците, како и луѓето во другите развиени земји, немаат приход од имот.

Според тоа, само 40 отсто од Американците имаат каков било приход од средства, додека во повеќето земји во развој овој удел е помеѓу три и седум проценти  (на пр. во Перу е 4%, во Колумбија 7%, итн.).

Ако ги собереме сите луѓе во светот, малку е веројатно дека ќе најдеме повеќе од 10 отсто (и веројатно само 5%) од оние кои имаат каков било позитивен приход од финансиски средства. Значи, што не ги погодува  90 до 95% од светската популација, можеби малку е преувеличено од мејнстрим медиумите чии сопственици и клучни клиенти се богатите? Многу е можно да е така.

Да продолжиме понатаму. Приходите од финансиски средства, дури и кај 5-10% од светската популација и 40% од Американците кои ги поседуваат, се изразени на страна на богатите. Нееднаквоста во финансиските приходи не е како нееднаквоста во приходите од трудот. Таа е многу повисока. На пример, индексот Џини(Gini), кој ја мери нееднаквоста на приходите од трудот (пред оданочување) во САД, обично е околу 0,55; индексот Џини за капиталниот приход е над 0,9. Истото важи и за речиси секоја земја во светот.

Приходите од финансиски средства се како богатство: непропорционално ги примаат оние на самиот врв на распределбата. Во САД, околу 90% од сите различни финансиски инструменти и средства се во сопственост само на најбогатите 10% од Американците (видете ја книгата на Ед Волф „Векот на богатството во Америка“ и студијата на Кун, Шуларик и Штајнс „Нееднаквоста во приходите и богатството во Америка 1949-2016“). Значи, тврдењето дека 40% од Американците имаат некаков приход од финансиски средства е донекаде погрешно, бидејќи повеќето од нив имаат многу малку од него - и само неколку поседуваат огромни акции.Што значи дека треба да бидеме уште помалку загрижени ако берзата падне.

Од падот на берзата губат и обичните луѓе

Значи, да резимираме: постојат три причини да се поздрави падот на берзата:

-ја намалува нееднаквоста во богатството со намалување на богатството на врвот;

-не влијае на приходите на повеќето луѓе (60% од Американците и 90-95% од светот); и

-меѓу оние кои се погодени, најмногу губи „кремот на кремот“ (crème de la crème).

Меѓутоа, тоа не е она што го гледаме во реалниот живот. Левицата не ги оплакува падовите толку колку десницата, но очигледно не ужива во тоа. Постојат две причини што генерално се наведуваат за тоа зошто нема радост за падот на берзата.

Првиот аргумент е дека иако е вистина дека 60% од Американците воопшто немаат капитален приход, некои од нив имаат средства во пензиските фондови како што се IRA или 401(k). До овие финансиски инструменти може да се пристапи само под одредени услови (како што се старост и вонредни ситуации), но за време на фазата на акумулација не се пристапува до нив и затоа не се појавуваат во годишниот приход. Но, тие ќе бидат значајни во иднина.

Луѓето кои имаат вакви инструменти, а не се милионери, ќе видат како нивните средства се намалуваат во случај на пад на берзата. Тие нема да имаат пад на приходот само затоа што сега не добиваат ништо од тој фонд. Но, тие би можеле да имаат помал приход од очекуваниот само кога ќе пристапат до овие средства, можеби за 3, 5 или 30 години. Ако овие финансиски средства останат со ниска вредност, нивниот иден приход ќе биде помал. Но, идниот приход е секогаш резултат на многу непредвидени ситуации, од кои една е перформансите на берзата;

Луѓето кои имаат пензиски планови од типот на PAYG (Pay-As-You-Go), во кои самите го одредуваат методот и износот на вложувања, повеќе не можат да бидат сигурни дека кога ќе се пензионираат ќе добијат сè што инвестирале. Многу ќе зависи од ситуацијата на пазарот на трудот и дали има доволно тековен приход за исплата на пензии. Следствено на тоа, ако падот на берзата продолжи, сопствениците на пензиските фондови ќе добиваат помалку приходи во иднина. (Дополнително, кога ги вклучуваме приходите од приватни пензии како дел од приходите од финансиски средства во која било дадена година, придонесот на пензиските фондови не прави никаква разлика бидејќи оние што ги примаат се веќе меѓу 40% од оние што имаат приходи различни од нула)

Друг аргумент е дека на падот на берзата и претходи повлекувањето на инвеститорите, бидејќи нивните очекувања за идна добивка се намалуваат, па со самото тоа и вложувањата, а на крајот и вработеноста, ќе биде пониска. Капиталистите би се впуштиле во еден вид „штрајк на капиталот“. Но, ако е вистина дека секое намалување на богатството меѓу најбогатите на крајот ќе доведе до рецесија и пониска вработеност, по која основа заговараме  оданочување на многу богатите? Зар тие нема, ако би биле оданочувани да ги намалат своите инвестиции на ист начин како што ги намалуваат кога берзата не функционира?

Аналогно на тоа, за да бидеме доследни, треба да престанеме да се залагаме за повисоки даночни стапки за богатите, бидејќи таквите даноци би имале штетно влијание врз идното вработување и платите на работниците. Токму ова е десничарскиот аргумент што левицата премолчено го прифати - но се однесува само на падовите на берзата, а не на даноците.

Третата линија на одбрана за берзата е можеби најинтригантна. Таа има идеолошки елемент. Фактот дека важноста на берзата стана толку несразмерна (во споредба со улогата што ја игра во реалниот живот) и фетишизирана (слепо обожавана) не само од десницата и центарот, туку дури и од левицата, покажува подлабока недоследност во идеите што некои ги негуваат за надминување на капитализмот и неможноста да се размислува понатаму од берзата.

Како ќе се надмине капитализмот ако не може да се надмине берзата

Како ќе се надмине капитализмот ако не може да се надмине берзата и ако не можат да се замислат различни системи на капитализам (а камоли некапитализам) кои не се потпираат на берзата за распределба на инвестираните средства?

Постои капиталистички модел каде што кредитирањето на клиентите главно го вршат комерцијалните банки. Берзата игра многу помала улога тука. Постои и модел на самофинансирање каде што компаниите не распределуваат дивиденди, туку го користат поголемиот дел од својата добивка за инвестиции. Ова е она што кинеските државни претпријатија го прават во последните 40 години.

 Постои дури и трет модел каде што државата инвестира многу. Маријана Мацукато покажа дека дури и во Соединетите американски држави, многу клучни технолошки достигнувања (особено во ИТ индустријата) го должат своето постоење на државните инвестиции. Значи, не е вистина дека капиталистичкиот систем мора да подразбира доминантна улога за берзата. Уште побизарно е верувањето дека капитализмот не е „природен“, туку историски систем што треба да се надмине, а потоа се сопнува на првиот чекор кога некој ќе праша зошто левицата би била загрижена за цените на акциите на богатите.

 *** ПС: Распределбата на финансискиот приход (вклучувајќи ги и приватните пензии) во САД во 2022 година изгледа вака: 59% од домаќинствата имаат помалку од 100 долари по лице годишно. Медијаната е 22 долари годишно (т.е. помалку од два долари месечно). Оние 1% во врвот  имаат просек од 122.000 долари по лице годишно. Значи, кога се грижите за берзата, се грижите за оваа конкретна распределба. (Пресметено од Анкетата за приходи во Луксембург, врз основа на Анкетата за моменталното население на САД од 2022 година.)

 Кога е во прашање распределба на приходите од финансиски средства (вклучувајќи приватни пензии) во САД 2022 година, можеби треба да споменат очигледна и добро позната разлика помеѓу (фиктивни) финансиски средства и реални средства. „Загубата“ на богатството што се случува кога берзата паѓа е едноставно поради нашата повторна проценка на идните перспективи. Ништо навистина не се променило, освен нашите очекувања. Ако споредите, на пример, милијарда долари во такви фиктивни загуби со уништувањето на милијарда долари во недвижен имот - да речеме, во катастрофален земјотрес што уништува згради - тогаш е сосема очигледно дека постојат реални последици за благосостојбата на луѓето: илјадници од нив стануваат бездомници. Тоа е голема разлика.

извор: Global Inequality and More