„Онкало“ е фински збор за пештера или шуплина. Тоа значи нешто големо и длабоко: не знаете каде завршува и дали завршува некаде. Тоа е соодветно име за огромниот тунел изграден во Финска во последните 20 години. „Онкало“, кој се наоѓа на 450 метри длабочина во карпите на островот Олкилуото во југозападниот дел на земјата, е првото постојано складиште во светот за потрошеното нуклеарно гориво.

 

На Олкилуото се наоѓаат три нуклеарни реактори, кои стојат еден покрај  друг на морскиот брег. Третиот е пуштен во употреба токму оваа година, со што стана првиот нов реактор што обезбедува електрична енергија во Западна Европа во последните 15 години. Овие реактори, заедно со уште два други во Ловис на јужниот брег, произведуваат 33 отсто од електричната енергија во Финска.

На неколку минути возење од реакторот Олкилуото, при крај е изградбата на првата во светот депонија за Геолошко складирање (GDF) на потрошено нуклеарно гориво.

Изградбата на Онкало чинеше една милијарда евра и се очекува да започне со работа за околу две години. Многумина, вклучително и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), го поздравија проектот. „Сите знаеме за идејата за геолошко складиште за радиоактивен нуклеарен отпад на високо ниво, но Финска беше првата што ја спроведе“, коментира Рафаел Маријано Гроси, генерален директор на МААЕ, за време на посетата на локацијата во 2020 година.

Други земји, вклучувајќи ги Велика Британија, САД, Шведска, Франција и Канада, веќе бараат слично решение, вели Герет Лоу, професор по радиохемија на Универзитетот во Хелсинки, кој не е вклучен во финскиот проект. „Финска е најмалку една деценија пред сите останати“. 

Дали Финска го најде одговорот

Онкало е дизајниран да складира нуклеарен отпад на високо ниво што може да остане радиоактивен одреден временски период што е неразбирлив за луѓето. Но, тоа веќе предизвика дебати за тоа дали нешто може да тргне наопаку. Дали Финска навистина го најде одговорот за нуклеарниот отпад - и дали некој може да гарантира дека тој ќе остане безбеден во далечната иднина.

Нуклеарната енергија моментално обезбедува околу 10 отсто од светската електрична енергија. Бидејќи е гориво со малку јаглерод, многумина го гледаат како важен играч во борбата против климатските промени.

Но, употребата на нуклеарна енергија сè уште е контроверзна тема во многу земји поради високата цена и долгото време на изградба, како и загриженоста за безбедноста на нуклеарните реактори и нерешеното прашање што да се прави со нуклеарниот отпад.

Сепак, неколку земји, вклучувајќи ги САД и Велика Британија, градат нови реактори или ги надградуваат постојните за да го зголемат капацитетот, додека други како Индија, Кина и Русија планираат големи проширувања.

Остануваат отворени дебатите за безбедноста на самите постројки, но треба да се најде решение и за огромните количини на потрошено гориво и радиоактивен отпад што се акумулираат и остануваат закана за животната средина и здравјето на луѓето со стотици илјади години. Овој отпад треба да се чува подалеку од луѓето и да се изолира од околината во период кој е речиси неразбирлив за човечкиот ум. Овој проблем го направи безбедното управување со радиоактивниот отпад еден од најголемите проблеми на нуклеарната енергија.

 МААЕ проценува дека околу 260.000 тони потрошено нуклеарно гориво од 2016 година наваму е распоредено во привремени складишта ширум светот, повеќето од нив на локациите на реакторите. Околу 70 отсто од потрошеното гориво во светот се наоѓа во резервоари за складирање, а остатокот во бетонски и челични контејнери наречени „суви буриња“. 

Малкумина веруваат дека оваа ситуација може да се одржува на неодредено време.

„Повеќе од 60 години сите имаме корист од нуклеарната енергија“, вели Луис Блекбурн, професор на Универзитетот Шефилд во Велика Британија. „Одговорност на нашата генерација научници и инженери е да го прифатат предизвикот и соодветно да го отстрануваат отпадот, наместо да им го препуштаат на идните генерации.“

Тој додава дека Онкало ја има поддршката од јавноста и дека е создадена низ демократски процес. „Тоа е извонредна и огромна пресвртница. Финска му даде пример на светот што може да се постигне преку успешна соработка и транспарентна комуникација со јавноста“. 

Сè уште никој не понудил поинакво решение

Научниците со децении се борат со начинот на отстранување на опасниот нуклеарен отпад. Потрошеното гориво е еден од најтешките видови отпад за управување, бидејќи е многу опасен. Тој произведува ниво на радијација што може да испорача смртоносна доза за луѓето во близина, предупредува Блекбурн.

Проф. Лоу наведува дека постои научен консензус според кое геолошкото складирање на период од стотина илјади години во посебо дизајнирани складишта, како што е Онкало, со стабилна формација на карпите е „најспроводлив пристап“ за истрошено нуклеарно гориво. „Имаме инженерски решенија за копање и тунелирање, складирње отпад и градење бариери со кои го заокружуваме.“

Финската управа за радијација и нуклеарна безбедност заклучи дека карактеристиките на основната карпа Онкало се поволни за обезбедување на безбедно конечно отстранување на потрошеното нуклеарно гориво. Онкало, како и остатокот од Финска, е  геолошки многу стабилен и ризикот од земјотреси е мал. „Карпата во Онкало е мигматит-гнајс: мешавина од два различни типа на карпи во една карпа“, објаснува Анти Јоутсен, главен геолог во Посива. Стара е речиси две милијарди години и е многу тврда“.

Ова е важно бидејќи карпата е една од трите безбедносни бариери во концептот за складирање. Исто така, мора да биде доволно стабилен за да овозможи изградба на тунели за таложење во дупки длабоко под земјата.

Близината на Онкало до постоечката нуклеарна централа исто така беше релевантна и за одлуката да се постави таму, вели проф. Лоу. „Кога станува збор за нуклеарни инвестиции, еден од проблемите ширум светот е ставот: „не во мојот двор“, и додава „Луѓето во овој дел од Финскавеќе користат нуклеарна енергија и го прифатиле тој предизвик. Така што складирањето на овој отпад за нив не е голем предизвик.“ Со текот на времето ќе бидат изградени 85 тунели. 

Принципот на складирање во Онкал

Во Онкал ќе се складираат потрошените горивни прачки без претходна обработка. Некои научници велат дека повторната обработка - процесот на одвојување на плутониум и ураниум од потрошеното нуклеарно гориво кое произведува нуклеарен материјал за повеќекратна употреба и високо ниво на нуклеарен отпад - ќе го направи побезбедно со намалување на вкупната количина на отпад што останува. „Ураниумот и плутониумот можат повторно да се обработат и повторно да се користат за производство на ново гориво“, објаснува Марја-Ситару Каупи, предавач на хемискиот оддел на Универзитетот во Хелсинки, која спроведе истражување за „Посива“. Околу една третина од нуклеарниот отпад во светот повторно се обработува, кој потоа може да се претвори во стакло.

Но, други велат дека преработката го зголемува ризикот од нуклеарен тероризам. На долг рок, стаклениот отпад може да се раствори и во контакт со подземните води. Посива, компанијата основана за да го изгради и управува Онкало, самата вели дека преработката е технички напорна и скапа. Исто така, сè уште произведува одредена количина отпад на високо ниво, нагласува Јохана Хансен, координатор за истражување и развој во Посива. „Значи и во тој случај би бил потребен објект за депонирање.“

Финска одлучи да го изгради објектот Онкало пред повеќе од две децении, кога двата нуклеарни производители во земјата се согласија да го отстранат потрошеното нуклеарно гориво на една локација. Финската влада ги одобри плановите за изградба на објектот во декември 2000 година, велејќи дека „од проучуваните опции за отстранување,  длабокото  складирање во темелни карпи нуди најдобри и најреални опции за изолирање на нуклеарниот отпад на високо ниво од биосферата и човечкото живеалиште“. 

Три бариери пред поставување во тунелот

Складиштето Онкало се базира на концептот КБС-3 развиен од шведска компанија за управување со нуклеарно гориво и отпад, во соработка со „Посива“. Идејата е да се создадат три бариери околу нуклеарниот отпад: прво тој се става во бакарни канистри, потоа канистрите се завиткуваат во бентонит - глина што ја апсорбира водата - и на крајот, тие се закопани во тунели длабоко во карпата.

Досега се изградени пет независни тунели за седиментација во должина од 350 метри. Уште 85 ќе бидат изградени со текот на годините додека објектот се полни. Секој тунел има околу 40 вертикални кружни дупки на својот под, секоја длабока осум метри и широка два метра. Вкупно има место за околу 3.000 канистри.

„Вкупно ќе собере пет и пол тони отпад“, вели Јоутсен. „Значи, Онкало ќе го земе целиот нуклеарен отпад на високо ниво произведен од петте фински нуклеарни централи во текот на целиот нивен животен циклус“.

Откако ќе се закопа секој канистер, неговата дупка ќе биде исполнета со бентонит, вели Хансен. „Откако ќе го ставиме канистерот во секоја дупка, ќе го наполниме тунелот со повеќе бентонит и ќе го запечатиме со бетон.

Конечното отстранување на искористеното нуклеарно гориво ќе започне некаде во следните неколку години. „Посива“ проценува дека ќе бидат потребни од 100 до 120 години додека не се наполни складиштето. Во тој момент, целиот објект ќе биде запечатен, дозволувајќи им на канистерите да лежат, се надеваме непречено, најмалку 100.000 години, со нивната смртоносна радиоактивна содржина изолирана од надворешниот свет.

Иако ризикот од земјотрес овде е мал, сеизмичката активност е земена во предвид, вели Јоутсен. „Ќе има неколку ледени доба во следните милион години и тие ќе претставуваат ризик од земјотреси. На врвот на Онкало ќе има ледена покривка дебела два до три километри што ќе ја турка Земјината кора надолу за стотици метри. Онкало е изграден да го издржи тоа“.

Кога ќе заврши леденото доба, кората повторно ќе почне да се крева - а потоа може да има земјотрес чија сила би можела да ги скрши канистрите, додава Јоутсен. „За да го спречиме ова, ги ставаме на најдобри можни места: дупките за депонирање се наоѓаат во нераскршени делови од карпата.

 Дали има подобро решение

Овој фински проект не е единствената идеја за безбедно долгорочно управување со радиоактивниот отпад. Норвешка, на пример, ја разгледува можноста за фрлање во длабоки дупнатини, каде што отпадот би се спуштал во канистри на многу поголема длабочина од три и пол илјади метри низ тесни дупнатини без изградба на тунели.

Предложени се и други речиси остварливи опции, како што е лансирање нуклеарен отпад во вселената со ракета или негово поставување во зони на субдукција - региони каде што Земјината тектонска плоча е под друга плоча.

Сепак, има смисла да се продолжи со истражување на алтернативи - не само затоа што некои научници се загрижени за пристапот на Финска.

Една од темите што ја одбележа изградбата на тунелот била пронаоѓање на универзално разбирлив знак на опасност, доколку во далечна иднина денешниот јазик исчезне. Во фирмата „Понсива“, пак, сметаат дека Онкало воопшто не треба да се означува. „Идните генерации не треба да знаат за ова“, тврди Јоутсен. „Толку е длабоко и толку изолирано. Ќе има многу бакар и плутониум овде долу и знак може да ги поттикне луѓето да почнат да копаат за да го најдат. Речи си како пирамидите во Египет кои беа ограбени од ограбувачи на гробници“. 

Конечната одлука се уште не е донесена. Нема брзање бидејќи објектот ќе остане отворен од 100 до 120 години.

Професорот Каупи вели дека е важно да се започне дебата за обележување на местото за идните генерации. Тој често ги потсетува своите студенти на Универзитетот во Хелсинки дека радиоактивноста била откриена пред само 120 години. „Сега зборуваме за работи кои би можеле да се случат во следните стотици илјади години. Не ни знаеме што би можело да се случи во следните сто години“.

Каупи вели дека е „многу уверена“ дека Финска прави добра работа со Онкало, но верува дека вратата треба да остане отворена за други решенија.

Можеби после нас ќе има помудри луѓе кои ќе имаат нови идеи за тоа што да прават со нуклеарниот отпад“. Можеби ќе смислат нешто подобро. Но, сега мораме да дадеме се од себе, со нашето сегашно знаење засновано на искрено истражување“.