„Фобас компани“ – производство на 40 брендови за хигиена, дезинфекција и козметика. „Clean“, Hydra san, Power fresh, „mom baby“ Eva, Lala, Brion, Lamour, се само дел од 40-те брендови под чија капа се произведуваат 100-ина производи во „Фобас компани“ дооел Скопје.  Семејна  компанија која веќе цврсто чекори во третата деценија од своето постоење.

„Фобас компани“– производство на 40-ина брендови за хигиена, дезинфекција и козметика

Претпријатие кое произведува домашни брендови со светски квалитет- средства за одржување на хигиената во домот, средствата за дезинфекција, средства за лична хигена -шампони, купки и креми за бебиња и возрасни, течен сапун, колекции за нега на кожата, лосион за после бричење,  специјализирани козметички креми и шампони.

-Кога ќе се вложи многу љубов и енергија во создавање на подобри производи, кога не се водите единствено од профитот туку и од задоволството на потрошувачите, кога ќе видите дека производите кои ги создавате се барани во повеќе од 10-ина земји во светот, тоа е сознание дека сте на вистинскиот пат. Тоа е пат кој го зацртав многу одамна, вели стопанственикот  Феим Тахири, креатор и сопственик на „Фобас компани“, а кој несебично го поддржуваат и продолжуваат и неговите деца (два сина и ќерката.)

 

Главната причина што се одлучив за производство беше мојата дамнешна желба да воспоставам производство, да бидам дел од општеството. Работев во Австралија, се вратив 1984 година и со тие средства подоцна го изградив објектот. Започнав со трговија, па потоа со застапништво на хемиски производи. Работата одеше добро и за да ги затворам средствата се одлучив за производство. Бидејќи работев како застапник на повеќе хемиски стопански субјекти ми се уврти во глава дека и ние можеме истото да го правиме. Тогаш во Македонија само „Охис“ имаше вакво производство, но и таа почна да се затвора.

Тахири во приватниот сектор е уште од 1989 година со својата фирма „Екстра деликатес“ со која како што вели:„ бев меѓу 10-најдобри компании со трговија во државата.“ На почетокот работел со прехранбени производи и со јужно овошје, а од 1993 година започнал со хемиски производи – средства за одржување хигиена и козметика.

За тоа како започна успешната бизнис приказна на Тахири, како започнал со производството во „Фобас копани“ со која технологија и со колку производи, нашиот соговорник вели:

-За среќа, јас бев генерален застапник на 18-ина хемиски индустрии во периодот од 90 -98 година за повеќе југословенски компании, почнувајќи од „Невена“ Лесковац па до „Парфеми -Кикинда, во Суботица. Го познавав и пазарот и луѓето, партнери кои беа во хемиската индустрија, со кои честопати разговаравме за наши идеи. На една таква средба во Ниш дознав дека се продаваат машините од Илирија ведро...И ги купив. Започнав со двајца- тројца луѓе и технолог од оваа бранша, за да не запознае со процесот на производство.

Повеќе продава името, а не квалитетот


Инаку, на пазарот во старт работевме со хемиски средства на други производители, па потоа, по одреден период произведовме неколку наши продукти. Практично започнавме со средства за различна намена за чистење под брендот „Clean“ по кој и денес сме препознатливи. Сега под овој бренд имаме над 20-ина производи за одржување на хигиената во домот. Потоа следуваа средствата како Белило, Амбиент, Глобал.

Но работата тргна откако се затворија повеќе фирми од поранешна Југославија – можам да речам гиганти како „Невена“ Лесковац, „Далија“, Београд. Како нивни застапник за Македонија, добро ги познавав брендовите, а по препорака на нивните тогашни генерални директори, заштитив дел од нивните познати марки, кои до тогаш не беа заштитени.“

Како резултат на тие искуства и совети беше и производството на „Косили“, што придонесе да станеме препознатливи на пазарот. Осум години го пласиравме на сите поранешни ЈУ пазари заедно со другите наши производи. Имавме извоз од околу 300 000 евра месечно. Прилив што не остана незабележан, поради што мислам дека ни ја зедоа марката „Косили“. Ако ме прашувате зошто? И денес не можам да објаснам – безлично. Инаку, сертификатот за производство на „Косили“ ни важи и денес и утре, се до 2025 година. Но, во државата се случуваат такви работи, бидејќи го нарушуваш пазарот на големите фирми-не гледам друга причина. Инаку, сега „Косили“ се произведува во Суботица, но тоа повеќе не е исто.  А, и ние „Косили“ го ребрендиравме во „mom baby“, но и ова не е тоа вистинското. Кај нас, за жал повеќе продава името, а не квалитетот.

„Фобас компани“– производство

Ако немаш пазар  нема просперитет


Тахири тврди дека најзаслужен факт за влегувањето во оваа производна бранша е неговото познавање на пазарот.

-Моја среќа што одлично го познавав пазарот. Тоа беше најдоброто, оти во бизнисот ако немаш пазар нема просперитет. Ништо не правиш. Ги познавав фирмите, бев во бизнисот и лесно можев да влезам во многу продажни објекти, за разлика од денес - влегувањето на пазарот, особено во продажните ланци е многу тешко.  Македонските трговски  ланци не нѐ прифаќаат. (Во Веро имавме порано пласман, но од х причини го раскинавме договорот за соработка). Повеќето увезуваат од странство, не сакаат домашни производи,“ раскажува Тахири.

За таа работа, според него е крива државата која не воведува закон со којшто ќе го заштити домашното производство. Тој се  присетува: „Во поранешната заедничка држава, Југославија тие правила важеа. Па, и подоцна во Србија не можеше некој да увезува течен сапун или сјај за садови како ќе му текне, затоа што давачките за увоз беа големи.  Денес правилата за увоз, кај нас се сосема поинакви, домашните производи се поскапи од увезените. Но, тоа само така изгледа навидум, затоа што не се обрнува внимание на квалитетот за сметка на ниската цена“, вели искусниот стопанственик.

Тој објаснува дека групациските компании-гиганти имаат воспоставено производни погони во повеќе земји. На пример, прашокот Ариел се произведува во пет, шест земји на Балканот, во Србија, Романија, Турција. Се разбира квалитетот не е еднаков, а ние како земја сме рангирани како петта класа. -Значи квалитетот не е еднаков, а тоа зависи од повеќе фактори во чија анализа не би навлегувал сега.“

Инаку без разлика на ваквите општествени состојби, Тахири вели дека тие како „Фобас компани“ се трудат да бидат препознатливи на пазарот со квалитет, што според него е основа за нивното опстојување.

LAMOUR- најдобар бренд на креми во државата


Производно-технолошкиот процес во „Фобас компани“ се остварува на автоматизирани машини со високо технолошки капацитет што можат да ги задоволат потребите на пазарот од цела поранешна Југославија. На пример, може да произведат автоматски и до 25 тони шампон, дневно. Инаку, Тахири објаснува дека се уште користат една од старите машини за полнење со една глава, но во основа располагаат со повеќе видови на современи квалитетни, автоматизирани машини со две, три па до осум глави за полнење.

 

Основачот е особено горд на производството на линијата за козметички средства, која всушност им носи и најголем профит. Станува збор за брендот кремови и серум за убавина –LAMOUR, за кои Тахири вели дека се најдобри во државата.

Кремовите се произведуваат на една од најдобрите сертифицирани машини во светски рамки и можеби единствена во државава од брендот „Думек“. „Ламур“ се подготвува од различни типови на екстракти од змија, од полжав, црно семе, од сусам. Креми коишто се многу пријатни и благодатни за кожата. Од истите состојки произведуваат и посебна категорија на специјализирани шампони со дадена функција на делување. Кремите и шампоните од брендот LAMOUR се пласираат на пазарот во Австралија, Албанија, Косово, Македонија и БиХ. Од оваа колекција произведуваат и серум за одредена фирма за дерматологија– 10 000 парчиња под нивна марка.

Еден од првите вработени во производниот погон на фирмата е технологот Анета Христовска. За неа Тахири вели: ја зедовме така речи од клупа, како еден од најдобрите студенти на Технолошко-металуршки факултет. Таа од првиот ден, па цели пет години работеше со ментор со 40- годишно искуство од „Охис“. Сега е самостојна. Христовска пак признава дека е голем благодат да започнеш да работиш во својата струка со личен ментор со 40- годишно искуство во козметиката. Работата со менторот е уште еден факултет. Ова што го научив во мојата пракса, никаде не го сретнав во книга.

Ентузијазмот, желбата за создавање на нови производи и можноста да се направат корисни препарати се секогаш во фокус на овој искусен стопанственик. Тахири сакајќи да му помогне на својот пријател, хирургот Арсенков, кој имал проблем со кожата на рацете од хируршките ракавици, заедно со својот тим направиле крем за него, што го носи неговото презиме-„Др. Арсенков“, крем за исклучително сува кожа, со висок процент на масла кои ја потхрануваат кожата.

Секој квалитет се плаќа


Нашиот соговорник објаснува дека од нивната широка палета на производи, голем дел произведуваат и за одредени маркети, како што е на пример, „Биг маркет“ од Албанија – „нивно лого, нивни дизајн, а наш квалитет. Во моментот произведуваат и за Охис, добро познатите брендови „Сјај“ и „Лира“ – и тоа е политика-, вели Тахири.

„Фобас компани“– производство

-Секој квалитет се плаќа, меѓутоа во општеството немаме моќ да плаќаме добар квалитет. Ние на пример, имаме средство за садови „Power fresh“, концентрат со кој со една капка може да се измијат 8000 чинии. Меѓутоа, ретко кој гледа на квалитет, секој сака поевтино. Поради тоа се занимаваме со тендери, каде за жал квалитетот е второстепена работа, важни се само ниски цени. За каков квалитет да зборуваме кога продавате средство за миење или течен сапун од литар за 20 денари (обоена вода?). Едноставно само за вода плаќаме 15 денари, шишето за пакување не чини осум денари, а тие бараат 15 – 20 денари за литар. Тоа е главен услов за добивање на тендерите пред се во државните институции. За жал тоа е нашето секојдневие. Минатата година работевме со македонската армија и јас тврдам дека тие имаа еден добар квалитет. Не велам одличен, само добар“, објаснува Тахири.

И додава: „Секако тоа се општите состојби, но ние не го правиме тоа, без разлика дали имаме или не пласман, сепак држиме до некој квалитет, бидејќи ова е фамилијарен бизнис – не е компанија отворена од денес за утре.“

Средствата за дезинфекција не одржаа во кризата


Тахири признава дека последниве две години во кои бизнисот потклекна пред пандемијата за нив има и позитивни трендови. Пандемијата од една страна негативно се одразила на извозот, но од друга страна потребата за дезинфекциски средства во државата им овозможила да го надминат тој негативен тренд.  Тие со средствата за дезинфекција, Hydra san за време на пандемијата биле први по производство од приватниот сектор во државата.

- Добро беше што се поклопија некои моменти. Имавме суровини и добивме релативно брзо дозвола за алкохол – акциза (за два тона се наплатува околу 7 000 евра.) затоа што и требаа дезинфекциските средства на државата.

Од друга страна, наша среќа беше и тоа што  технички бевме подготвени. Имавме технологија, машини -мешачи од шест тони, што кај нас освен „Алкалоид“ не верувам друг да ги има. Значи, технички бевме спремни да произведеме големи количества од одреден наменски производ за кратко време, направивме само промена на концентратите. Тогаш работевме во три смени 24 часа непрекинато. Практично со обемот на производство на средствата за дезинфекција бевме веднаш зад „Алкалоид“, вели Тахири.

„Фобас компани“ – производство

Предност на „Фобас“ претставува и фактот што процесот на производство е заокружен. „За сите наши производи сами го организираме производството на амбалажата во посебен производен дел. Шишињата се развиваат од епрувети спрема одредени калапи, а цената за нив се движи од три, четири па и до осум илјади евра за еден, како што е на пример калапот за „mom & baby“. Во основа цената на овие калапи зависи од тоа со колку гнезда се, колку е полесен или посложен производот. Сега имаме околу 30 –ина калапи за амбалажа. Инаку целата амбалажа е био- разградлива, вели овој стопанственик.

Рецепт за успех


Овој искусен стопанственик и трговец смета дека за да се успее во еден бизнис, нема рецепт, треба принципи на работа за да се одговори на предизвиците,  да се оди напред. Но, за да се воспостави и развива бизнисот, тој вели дека влијаат повеќе фактори. -Покрај личните амбиции, визија, истрајност важно е и државното признание. Државата треба да има осет за приватниците, особено за производителите-не може електричната енергија за индустријата да биде толку скапа. Тоа, многу не погодува, бидејќи немаме толкав обрт.

„Без разлика дали имаме или не пласман, држиме до некој квалитет, бидејќи ова е фамилијарен бизнис – не е компанија отворена од денес за утре.“

 

Државата треба да го брани македонскиот производ, а не да ни сервира конкуренција од далечни земји. Девизите наместо да останат кај нас, ние ги носиме надвор.

Да не зборувам дека станавме хуманитарна организација за маркетите. Не се редовни плаќачи, прават договори на 90 дена, а во тој рок повлекуваат милионска роба.

Исто така, државните субјекти треба да ни овозможат пристап до одредени фондови за обнова на машинскиот парк. Јас на пример, за овие 30 години не сум искористил никави фондови.

Но како и да е, визијата е она што ме турна да вложувам во овој бизнис. Постигнавме заокружено производство, не зависиме од останати добавувачи. Нашиот успех резултира со 100-ина производи. А, формулата за успех се должи на несебичниот ангажман, одбраниот тим вработени (25) и што е најважно добар квалитет на брендовите. Затоа што ова е фамилијарен бизнис – не е компанија отворена од денес за утре.“

Сега сопствениците на „Фобас компани“  се пред голем предизвик, албански  големи корисници на нивните производи (на албанскиот пазар снабдуваат со роба околу 150 маркети) бараат да ги променат натписите на етикетите на производите и да ги брендираат со италијански натпис.

 

Процесот на создавање на козметичките кремови претставува висока технологија на производство по однапред зададен протокол за работа- по дефинирана шема.  Секоја крем има своја специфика на работа, бидејќи има повеќе типови на емулзии кои не трпат еднаков број на вртежи. Секоја одделно се адаптира во согласност со смесата што треба да се добие – полесен или потежок крем. Имаме убави креми, се вложуваме максимално за да имаме квалитет, спецификација со прецизни параметри за да трае колку што е деклариран, објаснува Христовска. Работат со еко суровини, кои не се токсични и се безбедни за кожата.

Македонка Балдазарска