Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Србија првпат исплати пензии без грантови и заеми. Прв пат, од 1992 година, Фондот на Србија на своите пензиски корисници, на почетокот во јули, им ја исплати пензијата без да се задолжува или да користи средства од државниот буџет.
Србија излезе од магичниот круг на пензискиот фонд
Проблемот на ликвидноста на овој фонд е присутен во сите поранешни југословенски републики, освен тие што отидоа во ЕУ. Србија е на пат да излезе од тој магичен круг од кој тешко се излегува. Значи, Србија исплати пензии финансирани од плаќање придонеси за вработените. Од почетокот на годинава, наплатата на придонесите се зголемила за 36 проценти, а надлежните тоа го објаснуваат со зголемувањето на вработеноста.
Ако се вратиме три децении назад, работата хронолошки одеше вака:
- Во седумдесеттите години, четворица работеа, а еден примаше пензија, (во тогашните СИЗ-ови парите се прелеваа, што е уште еден податок на високиот стандард на тогашното живеење).
- Во осумдесетите години, приливот во пензискиот фонд беше точно колку да се исплатат пензиите.
- На почетокот на 1990-тите, не само во Србија туку и во Македонија СИЗ-от (Самоуправна интересна заедница) прерасна во „Фонд за пензиско и инвалидско осигурување“, кој постојано се субвенционира од државниот буџет.
Од 58 милијарди динари, потребни за месечна исплата на пензиите, во јуни е покриена исплатата за 1.400.000 пензионери кои некогаш биле вработени, додека државата ја субвенционира исплатата со 11,5 проценти на земјоделците и на пензионерите кои претходно работеле самостојно. Вкупната субвенција во 2012 година за сите пензии беше над 48 проценти, во 2016 година се намали на 35 проценти, а минатата година на 20 проценти.
„Тоа е директен показател за економско зајакнување на државата, зголемување на стапката на вработеност, намалување на сивата економија и се надеваме дека ова ќе продолжи и во следниот период“, изјави Дарија Кисиќ Тепавчевиќ, министер за труд, ветерани и социјални работи.
Значи односот на корисници на пензија и тие што уплаќаат во Фондот (вработените) последниве години има позитина линија, што значи дека процентуално се зголемува бројот на тие што уплаќаат во однос на тие што користат средства од пензискиот фонд. Овој однос сега е еден спрема 1,6 во корист на вработените кои плаќаат придонеси. Околу три милијарди динари придонеси доаѓаат месечно од компаниите што ја искористија можноста да ги платат своите обврски од оваа година поради короната.
Дотациите во Фондот се намалуваат
Придонесите за пензиско и инвалидско осигурување се остварени во износ од 288,1 милијарди динари и може да се рече дека тој тренд на раст е значаен и константен.
„Имајќи предвид дека во првата половина од оваа година, во буџетот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување има околу 64 милијарди динари повеќе пари отколку во претходната година, со растечкиот тренд можеме да очекуваме дека потребата за какви било дотации ќе се намали “, вели Кисиќ Тепавчевиќ.
Од 708 милијарди динари, потребни за оваа година за исплата на пензии и други бенефиции, Фондот сметаше на 153 милијарди од државниот буџет. Останува да видиме колку реално ќе биде потребно.
Сепак, можеме да заклучиме дека полека, но сигурно, српскиот пензиски фонд се осамостојува од државниот буџет и му остава пари што можат да бидат употебени за други развојни или социјални цели.

Во Македонија,Фондот за пензиско осигурување е во голема зависност од државниот буџет
Правата од пензиското и инвалидското осигурување се остваруваат во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија. Во Македонија, на крајот од 2020 година, евидентирани се 571.863 осигуреници со задолжително пензиско и инвалидско осигурување и 84.909 обврзници. Што е многу неповолен сооднос.
Во 2020 година, бројот на корисниците на пензија од работничко осигурување во Република Северна Македонија изнесува 325.125 корисници.
Покрај овој број, во Фондот на ПИОСМ се исплатуваат и
- 90 земјоделски пензии и
- 1.080 воени пензии.
Бројот на корисниците на пензија од работничко осигурување, воени и земјоделски пензии со состојба на 31.12.2020 година изнесува 326.295 корисници.
Стапката на придонесот за задолжително пензиско и инвалидско осигурување, од 01.01.2020 година изнесува 18,8%, а висината е утврдена со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.
Вкупните приходи на Фондот се остваруваат од изворни приходи од придонесите, трансферни средства од Буџетот на Републиката и Агенцијата за вработување по основa на придонес за пензиско и инвалидско осигурување за невработени лица кои примаат паричен надоместок. Покрај овие средства, Фондот остварува приходи и од акцизи, дивиденда, продажба на акции и удели и други приходи.
Вкупните приходи на Фондот во 2020 година изнесуваат 77.682,64 милион денари и се остварени од следните извори на финансирање:
- Изворните приходи (придонес од плата, бенефициран стаж, придонес од физички лица кои самостојно вршат дејност и вработените кај нив, придонес од индивидуални земјоделци и Агенцијата за вработување) изнесуваат 46.341,86 милиони денари,
- 1.334,88 милион денари од акцизи,
- 29.852,40 милиони денари од Буџетот на Републиката,
- 10,69 милион денари од дивиденда и
- 142,81 милион денари од други приходи.
- Средствата од придонесите кои се пресметуваат од бруто платата на вработените, во 2020 година се остварени во износ од 44.649,29 милиони денари.
- Средствата од државниот буџетот се остварени во износ од 29.852,40 милиони денари и истите се однесуваат за подмирување на законските обврски, за транзициони трошоци и за покривање на тековниот дефицит.
- Приходите од придонесот од доходот, изнесуваат 539,70 милиони денари.
- Приходите од физички лица што вршат самостојна дејност и вработените кај нив се остварени во износ од 1.008,96 милиони денари.
- Приходите од индивидуалните земјоделци се остварени во износ од 139,39 милиони денари.
- Приходите од акцизите изнесуваат 1.334,88 милиони денари, или 1,72% од вкупните приходи.
- Од Агенцијата за вработување за лицата кои примаат паричен надоместок, во 2020 година се остварени средства во износ од 4,52 милиони денари.
- Од дивиденда во 2020 година се остварени средства во износ од 10,69.
- Други приходи во 2020 година, се остварени средства во износ од 142,81 милион денари.
За колку време, Макдонија може да ги исплати своите пензионери без дотации
Вкупните расходи на Фондот во 2020 година изнесуваат 77.213,22 милиони денари.
Расходите на Фондот се однесуваат за: исплата на пензиите, трансфер на средствата за приватните пензиски фондови, надоместоци од инвалидското осигурување, интернатско сместување на деца инвалиди и телесно оштетување, придонес за здравствено осигурување за корисниците на пензија, други трошоци, капитални расходи, за реконструкција на деловните објекти и надоместокот на Стручната служба на Фондот.
Расходите за исплата на пензии во 2020 година изнесуваат 60.212,72 милиони денари, или 77,98 проценти во однос на вкупните расходи, од кои за редовните пензии 59.894,27 милиони денари; за земјоделските пензии 11,80 милиони денари; за воените пензии 306,65 милиони денари.
За придонесот за здравствено осигурување на корисниците на пензија во 2020 година се исплатени средства во износ од 7.881,72 милиони денари, или 10,21% во однос на вкупните расходи.
Трансферот на средства за приватните пензиски фондови во 2020 година изнесува 8.612,15 милиони денари.
Од податоциве се гледа дека Фондот за пензиско осигурување на Македонија е во голема зависност од државниот буџет.
Од државната каса на сметката на Фондот годишно се префрлаат 29 милијарди и 852 милиони денари, или во евра, тоа е приближно 500 милиони. Ова е фантастична сума, која, наместо на капитални, развојни, инвестиции, се троши на алиментирање на Фондот.
Дали можеме да правиме споредба или да се прашаме со која стапка на економски раст, односно за колку време, Макдонија може да ги исплати своите пензионери без дотации, односно својот пензиски фонд да го застане на свои сопствени нозе. Можеби на ова прашање сега никој не може да одговори, но барем таа цел да живее во плановите на креаторите на економската политика.
Бране Стефановски