Франшизите се докажан концепт на успешен бизнис, затоа што пренесувањето на искуството на корисниците на франшизата е големо. Тоа е еден од начините што ги намалува можностите за неуспех во самиот бизнис и овозможува атрактивност и перспектива. За тоа што конкретно претставува франшизата, и колку како бизнис модел, со сите свои предности и слабости се искористува во Македонија, зборува за Анторис магазин д-р Вера Бошковска, доцент на Факултет за меѓународен маркетинг менаџмент при Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје и Претседател на Македонската национална асоцијација за франшиза.

Во Македонија најголем број, околу 65 проценти од франшизите, имаат по една франшизна единица или работат во корнер франшиза, што практично значи дека делат една продажна просторија со други франшизи, а само  девет отсто од франшизите имаа повеќе од две франшизни единици.

*Г-Ѓа Бошковска вие сте претседател на Македонската национална асоцијација за франшиза. Колку време постои и која е нејзината основна функција ?

- Македонската национална асоцијација за франшиза (МАКФРАН) постои од почетокот на март  2018 година. Идејата беше  франшизата да биде подлабоко интегрирана во секојдневните облигациски односи во деловното работење во Република Македонија. Исто така, развојот на франшизната индустрија во Република Македонија да овозможи воспоставување на силна основа за пракса на етика во франшизниот однос. Да придонесе кон градење на доверливи и силни врски помеѓу франшизерот, како давател на франшизата и франшизантот, како корисник на франшизата, со цел промоција на тој однос како поволно бизнис решение.

Eден бренд на повеќе локации


*Кои се иницијаторите за основање на ваков вид асоцијација?

-Десетина македонски компании кои работат во франшизниот сектор, а кои имаа долгогодишно искуство во франшизното работење ја сознаа потребата од формално здружување, како би можеле поефикасно да функционираат и да ги остваруваат своите планови како за тековно работење така и за развој на своите бизниси.

*Што е франшизен модел на бизнис и колку е распространет во Македонија?

-Франшизниот систем го претставуваат бизниси кои функционираат под еден ист концепт на работење, користејќи еден бренд на повеќе локации во една или повеќе држави, па и континенти.

Кога еден локален бизнис направил успех на едно место, продолжува да го шири својот успех, со пресликување на својата  успешна работа на други локации на други територии.

Франшизите се веќе докажани успешни бизниси во пошироки рамки на други пазари.

Франшизите во Македонија функционираат од 90-ите години на минатиот век, кога на нашиот пазар влегоа преку банкарскиот сектор и индустријата за брза храна, ланците на хотели, а подоцна и со малопродажбата на текстил.

На територија на Македонија присутни се повеќе од 140 франшизни бизниси, странски компании кои го прошириле својот бизнис овде користејќи франшиза, и само неколку македонски компании кои сѐуште го развиваат франшизниот концепт на работење.

Во Македонија најголемиот број на франшизи се во малопродажба на текстил


Франшизите се докажан концепт на успешен бизнис

* Во кои индустриски сектори доминира франшизата?

Во светски рамки најголем сектор кај што функционираат франшизите е угостителството. Всушност и првите десет најголеми франшизи се во угостителство и тоа во брза храна, барем според рангирањето на глобалните франшизи.

Во Македонија најголемиот број на франшизи се во малопродажба на текстил, потоа во сектор храна, едукација, хотелиерство и уште во десетина сектори.

*За кои интернационални етаблирани трговски марки односно, брендови има интерес на нашиот пазар?

-Големите франшизни системи имаа одредени правила и критериуми под кои го шират својот бизнис. Најчесто се однесуваат на големината и потенцијалот на пазарот. Ние сме сепак мал пазар и со самото тоа и имателот на франшизата и тој што сака да ја работи таа франшиза на нашиот пазар прават сериозни истражувања и стратегии пред да започнат бизнис. Анализираат дали таа франшиза би била успешна во Македонија како што е во својата основна форма во согласност со стандардизацијата на работење или е потребна и некоја модификација т.н адаптација на франшизниот модел како би остварувале профит.

* Постојат ли даватели на франшиза од македонски компании?

- Во Македонија нема официјална статистика за франшизи, што е резултат и на тоа што македонското законодавство не го препознава терминот франшиза како посебен ентитет. Нема ниту институција која би водела евиденција и би правела анализи. Единствено според интерни сознанија и информации на  нашата асоцијација може да се каже дека има неколку фирми кои работат на етаблирање на франшизното работење.

Обуката кај франшизерите ги намалува можностите за грешки


*Кои се предностите на ваквиот бизнис модел?

- Една од основните предности на франшизата е овозможување на развиен и претходно проверен бизнис план. А, наведениот бизнис план е докажан во праксата со резултати кои носат профит. Носителот на франшизата со своите почетоци на работење веќе ги „прележал детските болести“ и врз основа на тоа искуство, можностите за грешки во работењето се многу мали. Целокупното знаење со веќе воспоставените процедури и процеси подразбира знаење и искуство т.н. know –how и неговото пренесување е всушност и најголемата придобивка која ја носи франшизата.

Обуката како вообичаен начин на поддршка се користи кај речиси сите франшизи. Обуката е наменета за вработените во сите сегменти на функционирањето на бизнисот и има цел да ги намали можностите за грешки кои се типични при започнување на бизнис.

Со овој вид поддршка се намалува можноста за губење на квалитет на производот или услугата и се дава можност за намалување на времето потребно за достигнување на точка, каде што ќе се постигне квалитет задоволителен за стандардите на франшизата.

Маркетинг поддршката на франшизантите им овозможува преку спроведување на локални и национални рекламни кампањи да ја подобри продажбата. Станувајќи дел од кампањата на франшизерот се заштедуваат финансиски и човечки ресурси за креирање на сопствена промоција.  Воедно се користи креативниот потенцијал на франшизерот при создавање на единствен бренд со што се намалува ризикот од нанесување штета на брендот доколку се креираат посебни промоции на локално ниво без координација со франшизерот.

Пристапот до финансиски средства се одвива на полесен начин со оглед дека франшизантот е дел од франшизниот систем и веќе има некаков вид гаранции за успех во работењето. Франшизантот добива банкарско портфолио како дел од франшизниот систем и овозможува банката или друга финансиска институција полесно да добие слика за иднината на бизнисот. Воедно како поддршка од франшизерот ќе добие знаење во делот на креирање на бизнис план со кој ќе ги придобие можните финансиски инвеститори.

Зголемената можност за успех на започнатиот бизнис со користење на франшизата е заснована врз база на статистичките податоци кои покажуваат дека по пет години од започнување на еден бизнис, само 20 проценти опстојуваат. Додека со самото користење на франшизата, како веќе разработен бизнис систем се намалува ризикот од неуспех.

Пристапот до информации за пазарните текови е голема предност кај користењето на франшизата. Истражувањето и развојот се скапи процеси, но доколку ги користи цел систем тогаш инвестирањето во овие процеси е оправдан. Ова се само дел од предностите.

Франшизата е релативно скап модел и бара големи инвестиции


*На што треба да внимаваат претприемачите кои ќе се одлучат да работат со франшиза (кои се слабостите на овој модел) и што треба да поседуваат за да стартуваат?

- Не секогаш е практика дека со користењето на франшизата ќе се дојде до реализирање на успешен бизнис и создавање профит. Слабостите може да придонесат франшизантот да не може да опстои на пазарот.

Една од слабостите на франшизата е цената на чинење. Франшизата е релативно скап модел и бара големи инвестиции. Меѓутоа, секој успешен бизнис е скапа инвестиција, па така и франшизата, но на долгорочни патеки претставува евтина и исплатлива инвестиција. Високата почетна цена на франшизата може да биде пречка и да ги исцрпи финансиските можности на франшизантот.

Секој франшизант треба да биде финансиски спремен да ги поднесе надоместоците кои ги бара почетокот на франшизното работење и надоместоците кои се предвидени во текот на работењето. Некои од надоместоците се однапред дефинирани и познати, но отсекогаш се појавуваат и скриени трошоци на коишто франшизантот би требало да биде спремен.

Друга слабост на франшизата е зависноста од системот. Секој франшизант треба да биде спремен дека ја дели судбината со целокупниот франшизен бизнис модел. Ова подразбира, доколку носителот на франшизата и другите франшизанти имаат тешкотии во работењето, тоа ќе се одрази на сите учесници во тој франшизен систем.

Како битен недостаток на франшизата се смета фактот што франшизантот не може да има целосна контрола на својот бизнис. Односно него му  се ограничени можностите за иновативност и креативност и најважно е дека франшизниот однос е временски лимитиран. Односно за одреден временски период, согласно договорот, франшизантот може да го изгуби бизнисот.

Франшизите успешно се адаптираат на нашиот пазар


* Колку  франшизниот модел се етаблираше во македонското стопанство, имајќи ги предвид стандардите и строгите правила за адаптација на ваков франшизен модел локално?

-Франшизата работи на принципот на реплицирање на испробаните и проверени бизнис формати во нови пазарни области и стандардизацијата во работењето е од круцијално значење. Меѓутоа, во овој процес на проширување на пазарот, франшизерите треба да ги балансираат двата стратешки императиви на единството и стандардизација од една страна и адаптација на локалните варијации во услови на економска средина.

Франшизите се докажан концепт на успешен бизнис, искуството што го пренесуваат на корисниците на франшизата е големо, а со тоа се намалуваат можностите за неуспех во самиот бизнис

Стабилната слика на концептот на франшиза е од суштинско значење за нејзиниот интегритет и масовна промоција. Сепак, како иновативен момент кај франшизата се смета приспособувањето кон одредени компоненти на одреден пазар. Исто може да се каже и за Република Македонија. Франшизите успешно се адаптираат на нашиот пазар.

*Што значи нивната примена кај нас за економскиот ситем во земјава ? (во однос на приходи, вработеност)

- Во Македонија најголем број, околу 65 проценти од франшизите, имаат по една франшизна единица или работат во корнер франшиза, што практично значи дека делат една продажна просторија со други франшизи, а само  девет отсто од франшизите имаа повеќе од две франшизни единици.

Од хотелските синџири на франшизи имаат само по еден хотел.  Опфатените франшизни системи во едно од последните истражува покажа дека во Македонија од вкупно 70 франшизи, има околу 130 франшизни единици или во просек околу 1.6 единици по франшизен систем.

На пример, во Обединетото Кралство Британија, со 935 франшизни системи во 2015 година имало 48.600 франшизи и преку 710.000 вработени.

Кај нас бројот на вработени е релативен со оглед што некои франшизи функционираат во состав на компанија која всушност ги дели човечките ресурси, во сметководство, ИТ, логистика и др., што всушност го намалува и бројот на вработени по франшизен систем.

Мерки, но недоволно за да ги ублажат или санираат последиците


*Каква е состојбата на франшизерите по минатогодишниот локдаун од пандемијата. Како се одрази на ликвидноста на компаниите и договорите со давателите на франшизата?

-Како и за сите останати економски подрачја така и франшизниот бизнис беше и сѐ уште е под големо влијание на новонастанатите ситуации. Посебно што имаше целосно затворање на моловите каде што функционираат голем дел од франшизите во малопродажбата. Исто така и целата хорека индустрија претрпе големи загуби.

*Македонската национална асоцијација за франшиза во име на засегнатите компании од ограничувачките сет мерки имаше одредени економски барања. Што од тие барања се реализира и колку им помогна на компаниите да го премостат овој период ?

-Една од главните функции на асоцијацијата е да ги застапува интересите на своите членови, но и за помош и на останатите засегнати страни.

Како Асоцијација од името на членките и колегите од секторот и 300 малопродажни продавници, се обративме до поголем број релевантни  институции во јавноста, со изложување на факти за моменталните состојби на франшизите во РМ и во името на 8.000 вработени во овој сектор.

Се обративме со низа барања за итни економски мерки за намалување на последиците од кризата и за преживување на бизнисите, како без каматни кредити, замрзнување на кредити и отплата на кредитни задолженија и неколку други барања.

Како и за останатите економски сектори беа донесени некои мерки, но недоволно за да ги ублажат или санираат последиците.


Промоцијата на франшизингот во нашата држава- можност за нов бизнис


*Каква е сега состојбата на пазарот со франшизерите?

Постојат повеќе предлози и мерки за подобрување на состојбите во франшизното работење во Република Македонија

За развој на франшизингот во земјава потребно е да се запазат повеќе сегменти. Еден од нив е промоцијата на франшизингот во нашата држава, како можност за отворање на нови бизниси или како проширување на веќе постоечки бизниси. Потребно е да се формираат асоцијации или здруженија на франшизи кои би биле членки и на глобалните здруженија каде може да се добиваат совети и помош за напредок на франшзиното работење, како за постојните членки на тие здруженија, така и за потенцијалните компании или претприемачи кои сакаат да започнат франшизен бизнис.

Да се искористи и таканаречениот нетворкинг или вмрежување на франшизерите и франшизантите за да се разменат искуства и нови можности кои се на располагање за подобрување на бизнисот. Да се формираат помошни асоцијации или центри кои би помагале во повеќе сегменти од франшизниот бизнис.

Таквите форми би ги спојувале заинтересираните корисници и даватели на услуги кои би користеле или давале правни или финансиски консултации за франшизното работење. Потребна е промоција на франшизата преку запознавање на претприемачите со предностите кои ги овозможува франшизното работење.

Од аспект на национално делување, потребно е воспоставување законска рамка која правно ќе го регулира франшизингот. И во банкарскиот сектор, франшизата треба да се перципира како потенцијално успешен бизнис и да ѝ се овозможат посебен вид продукти кои ќе и помогнат при работата.

Со самата промоција и запознавање на предностите на франшизата, македонските компании би увиделе дека франшизата е начин на проширување на сопствениот бизнис, како на домашниот пазар така и како можност за експанзија и излез на странските пазари.

* Што би им порачале на претприемачите кои би сакале да се занимаваат со франшизен модел на бизнис- зошто франшизата како модел за бизнис?

-Доколку се направи анализа според бројот на франшизи за овој период од 10 години ќе се види дека нивниот број е зголемен за повеќе од 150 проценти. Овој податок за бројот на франшизите може да се анализира од аспект на квалитативно и квантитативно зголемување.

Овој податок покажува дека франшизата е атрактивна и има перспектива.

Франшизите се докажан концепт на успешен бизнис, искуството што го пренесуваат на корисниците на франшизата е големо, а со тоа се намалуваат можностите за неуспех во самиот бизнис. Со соодветна стручна помош што може да се искористи кај нас во МАКФРАН, франшизниот бизнис е достапен до секого.

 

М.Балдазарска