Домовите за сместување на учениците од средните насочени училишта, или интернати, како што најчесто ги нарекуваме, исто како и училиштата се исправени пред предизвикот на современиот живот: намален број на средношколци, инфлација, зголемени трошоци за одржување и функционирање и на самиот објект и на професионалниот кадар. Едноставно домовите останаа на ниво од седумдесетите, партиципацијата стои со години на исто ниво, а потребите на средношколците одат во чекор со секојдневните нови стандарди на живеење.
Токму на оваа тема, за моментната позиција на центрите за сместување на ученици од насоченото образование, за нивната функционалност и искористеност во однос на претходните години, колку успеваат да им пркосат на секојдневните покачувања за потребите на своите станари како и на персоналот и каде треба да се интервенира, инјектира за нивно натамошно опстојување, разговараме со Зоран Арсовски, претседател на Здружение на ученички и студентски домови на Македонија и директор на ЈУУДГС на Скопје „Здравко Цветковски“. Арсовски е човек кој повеќе од 30 години ја гради својата педагошка кариера, прво како воспитувач, а сега и како директор во оваа институција која е втор дом на многу генерации. Тој над три децении се соочува со потребите, едукацијата, грижата и воспитувањето на средношколците, но последниве години е директно одговорен и за комплетното функционирање на домот. Арсовски последниве години, покрај грижата и безбедното сместување на учениците од внатрешноста на земјата е одговорен и за материјалното, кадровското и финансиско одржувањето и функционирање на домот „Здравко Цветковски“.
Во Македонија има 24 ученички и студентски домови кои моментно за своите потреби, начинот на функционирање и обезбедување на тековните активности се соединети во Здружение на студентски и ученички домови. Или, како што објаснува нашиот соговорник, бидејќи ги има во мал број, ако се поделат и барањата ќе бидат уште поминорни и потешки за реализација.
Како сега стојат работите сите функционираат кој повеќе кој помалку, во зависност од бројот на ученици, кој за волја на вистината е прилично намален во цела Македонија. Најисполнети се домовите во поголемите градови, како Скопје, Битола, Велес, но, факт е дека, во некои домови има само по 10-ина ученици. „Значи располагаме со интернати кои се изградени во периодот пред 70-ите и кои уште како им пркосат и на временските услови, но и на неможноста за нивно реновирање во склад со современите ученички стандарди. На пример, тоалетите се заеднички речиси во сите ученички домови во Македонија (зградата на нашиот дом е од 1970 година), тогаш така се граделе, собите се четворокреветни, што значи дека просторните услови треба да се подобрат“, вели претседателот на Здружението на ученички и студентски домови на Македонија.
„Се наоѓаме во тешка финансиска состојба“
-До 2001 имавме начин на финансирање што ни овозможуваше да функционираме доколку имаш доволен број на ученици. Секако добиваме финансии по глава на ученик. Меѓутоа со тие средства треба да се покријат сите трошоци, од плата на вработените, храната, комуналиите, режиските трошоци, обезбедувањето, одржувањето на кујните. И кога сѐ ќе се собере и одземе, трошоците излегуваат се поголеми од година во година, а сѐ се плаќа од исто купче, кое со години наназад е со иста вредност. Сума во која се пресметани сите трошоци, но не и амортизацијата на инвентарот и дотраеноста на објектот. Партиципацијата сега е 7.500 денари од дете во текот на 10 месеци, додека режиските трошоци си течат и во летните месеци, исто како и платите на вработените“, појаснува Арсовски.
Па додава: -Правиме напори токму овие месеци да ги покриеме со издавање на собите, но во основа, тоа е мала заработка од остварениот обрт на средства, кои не можат да задоволат ниту една месечна сметка за парно греење.
Значи трошоците континуирано се зголемуваат. На пример, ако порано плаќавме милион денари годишно за парно, сега плаќаме од 200 000 до 300 000 денари месечно. Исто така, за разлика од школите, домовите не влегоа во повластени општествени установи за субвенција на електричната енергија. Платата на вработените порано зафаќаше 40 отсто од партиципацијата, а сега 60 отсто, со тренд и понатаму да се зголеми, поради порастот на платите за 10 отсто. Значи се наоѓаме во една тешка финансиска состојба“, признава директорот на средношколскиот дом.
Дозвола за секоја активност од две страни, а средства...?
-Кога говориме за финансирање на ученичките домови, односно интернати, објаснува Арсовски, - тие официјално се под капа на Министерство за образование, но конкретно нашиот дом е под Град Скопје. Значи „Здравко Цветковски“ е општински за разлика од другите, кои уште се водат како државни.
Но, иако сме под управа (основачки права) на градот, официјално сѐ уште не нѐ презеде. Практично, нашиот статус е уреден со Одлука на Влада во 2007 година, според која градот требаше да ги преземе и финансиите, но и по 15 години нема ништо од тој договор. И без разлика на тоа, за домот се одговорни и Градот Скопје и Министерството за образование. И за која било работа бараме дозвола од двете страни.“
Во домот се сместени 350 ученици и, моментно признавам дека работиме со загуба, а да не зборуваме за домовите со помал број на ученици. Капацитетот на домот е 410 ученици, а годинава е исполнет околу 85 до 90 отсто. Причината за тоа е повеќе од јасна- намален е бројот на ученици. Инаку порано се случуваше за едно место да конкурираат пет до седум ученика.
Токму поради тоа што помалку ученици се заинтересирани за сместување во интернатите, тие можат да функционираат само во поголемите градови. И секако, доколку Министерството не нѐ помогне (всушност тоа ни помага, но недоволно. Помошта треба да се зголеми паралелно со растот на цените) се доведува во прашање нашето опстојување“, конкретен е Арсовски.
Кубуриме и со пари и со вработени
Според овој управител, кој целосно е посветен на работата, нема проблем со вработените, обврските околу занимањата со учениците тековно си течат, се следи активноста на учениците, редовноста во училиштата, талентот, интересот за одредени работи, се контролира нивната обврска околу домашните задачи, се одржува активна комуникација со нивните класни раководители, затоа што, како што нагласува директорот: „ние сме за овие деца едноставно втори родители. Значи работите тековно се реализираат единствениот проблем се парите, недоволно финансии за правилно функционирање.“
Арсовски појасни дека учествуваат и во проекти, добиваат средства, но тие пари се користат наменски. „Програмите за едукација на кадарот се намалени бидејќи пак се врзани со пари, а се неминовни, затоа што се менува и начинот и стилот на живеење, се менуваат генерациите, кои барем технолошки се сѐ понапредни. „Ние сме нивниот втор дом - по осум часа во училиште, децата практично си доаѓаат дома- во својата соба во домот. Училиштето си има методи да го насочи детето, да го награди, да го казни, но воспитувачите мора да им пријдат со разговор и трпение за каква било проблематика – како да се дома. Се работи за чувствителни години, за адолесценција. Ним не им треба само простор за учење, туку имаат потреба од простор и интересни содржини што ќе им го пополни целиот ден, односно секој час во сите седум дена. Децата се згрижени и најдоцна до 22 часот мора да се во домот“, објаснува Арсовски.
Покрај занималните за учење, центарот за средношколци располага и со други простории, како клуб за гледање телевизија, за играње шах и други друштвени игри како и игралишта за спорт и рекреација. Постои и „Домска спортска лига“, во која средношколците се натпреваруваат во сите спортови меѓу домовите, а финалистите учествуваат на „Домијада“ која секоја година се одржува во мај во различен град. Годинава за првпат планираат тој натпревар да има меѓународен карактер.
Арсовски вели дека соработуваат со домовите од другите републики на поранешна Југославија. „И мора да признаам дека тие се понапред од нас. Нивните раководни тимови не се оптоваруваат толку со финансии туку повеќе се насочени кон едукација. Државата повеќе ги поддржува. Само Загреб на пример, има 15 ученички домови, колку цела наша Македонија. Годинава имаме 2300 средношколци, така што во просек одат од 24 до 34 на воспитувач во зависност на полот. Конкретно во нашиот дом има девет воспитувачи, кои во просек се грижат за 35 деца – што малку ги пречекорува законските рамки.“
Зголемување на партиципацијата
Летниот период се трудиме да го надополниме буџетот со приватно сместување, но факт е дека сите бараат подобри услови за сместување, а не соби со заеднички бањи и тоалети.
Затоа обично сместуваме спортски групи од помали деца и најчесто по 15 јуни откако заминуваат учениците. Но, тој дополнителен приход е мал, бидејќи не може да понудиме пазарна цена. Практично ако понудиме сместување со оброци, половина од сумата е за трошоци, храна, одржување и други давачки.
Арсовски имајќи го зад себе 30 годишното искуство во установата, смета дека за надминување на кризната состојба е неминовно покачување на партиципацијата. Тоа според него ќе овозможи да се следи животниот стандард, затоа што оваа партиципација од 125 евра е од 2008 година. Таа година била 9 000 денари, па ја намалиле во 2009 година на 7.500 денари и тоа, како што вели Арсовски во период кога нафтата беше 27 денари за литар, а сега е 82 денари.
„Верувам и очекувам дека со новиот Закон за млади во којшто се третира ученичкиот стандард ќе се усвојат нашите предлози за решавање на проблемите околу исхрана, комуналии, плати за вработени...И покрај другите услови, децата ни се и ќе бидат наш приоритет.
Моментно учениците од нашиот дом работат преку Еразмус на база на податоци за проектот „Кликни“ што го подготвуваме во соработка со средношколскиот дом од Загреб „Марија Ембрешак“ каде партнери сме ние и дом од Будимпешта. Станува збор за портал што на сите ученици ќе им понуди информации за комплетните нивни потреби: од храна, сместување, забава, културни настани. А, на ова поле домот „Здравко Цветковски“ добро котира, има добра локација, што во секој случај е основа за успешна работа.