Од 1 јуни 2024 година, граѓаните на Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Албанија ќе уживаат повластен пристап до германскиот пазар на труд.

Имено, Германија одлучи да го удвои бројот на визи на 50 000 годишно, кои се одобруваат на граѓаните на овие шест земји заради работа, пренесува „Шенген ВизаИнфо“.

„Од јуни 2024 година, годишната квота ќе се зголеми на 50.000 издадени одобренија на Федералната канцеларија за труд“, соопшти германската амбасада во Сараево.

Регулативата за земјите од Западен Балкан беше ограничена до крајот на 2023 година. Сепак, по усвојувањето на новиот Закон за имиграција на квалификувани работници, Германија одлучи да ги промени правилата за овие балкански земји.

Како што објаснуваат од германската амбасада, новите правила ќе бидат дистрибуирани во соодветно време, а дотогаш сите термини ќе продолжат да се доделуваат преку системот на лотарија.

По одлуката за зголемување на бројот на визите за работниците од Западен Балкан според Регулативата за Западен Балкан,  германските власти не дадоа дополнително појаснување за новите правила кои ќе стапат на сила.

Од денес пријавувања за работни визи

На државјаните на Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија им е дозволен влез во Германија заради работа врз основа на прописи според прописите на Западен Балкан.

Но, поради големиот интерес на граѓаните од овие балкански земји за добивање работна виза за Германија од стапувањето во сила на оваа регулатива, Германија одлучи да ги распредели датумите за издавање визи врз основа на среќата.

Германските амбасади во овие земји од Западен Балкан воспоставија месечен систем на лотарија кој по случаен избор избира луѓе на кои ќе им биде дозволено да закажат термин за да аплицираат за виза.

Следниот термин за работна виза за Германија од Западен Балкан се отвора денес, 7 мај 2024 година и ќе трае седум дена, до 14 мај 2024 година.

Во тој седумдневен период можат да се пријават сите граѓани на Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Србија, и Албанија, а процедурата за регистрација не треба да се врши преку посредници или други агенции бидејќи е многу едноставна.

Кандидатите треба да имаат предвид дека можат да се пријават само еднаш. Исто така, не е дозволено последователно менување на податоците или префрлање на терминот на друго лице.

Извлечените во системот на лотарија ќе бидат известени од германските власти и потоа ќе можат да го поминат процесот за аплицирање за виза.

На крајот на 2023 година во Германија беа вработени 76.000 работници од земјите на Западен Балкан.

Врз основа на прописите на Западен Балкан, податоците покажуваат дека околу 76.000 граѓани на Албанија, Босна и Херцеговина, самопрогласените Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија имале работни дозволи во Германија на крајот на 2023 година.

Тоа претставува зголемување од 22 отсто во однос на 2022 година, кога Германија имала околу 62.000 работници со дозволи од тие земји, пишува „Феникс-Магазин“.