Германската стопанство сè повеќе изразува загриженост поради плановите на Владата за преполовување на годишната квота за работници од земјите од Западен Балкан. Досега Сојузна Република Германија им дозволуваше на 50.000 луѓе годишно да добијат дозвола за работа под поедноставени услови. Намалувањето на квотата за работници од Балканот е наведена во коалицискиот договор на сегашната германска влада, што предизвикува отпор особено во градежништвото, угостителството, логистиката и транспортниот сектор.

Стопанската и индустриска комора на Баден-Виртемберг, која обединува околу 650.000 компании, се спротивставува на внесување на наведената уредба во Регулативата.
„Регулативата за земјите од Западен Балкан е едно од ретките навистина функционални, небирократски решенија во пракса“, смета д-р Зузане Хере, главен директор на регионот IHK Штутгарт на официјалната веб-страница на комората.
„Наместо да се намалува, треба да се прошири - на економијата ѝ се потребни практични решенија, а не нови пречки.“
„Das deutsche Handwerksblatt“, најтиражниот економски журнал за занаети и средни претпријатија во Германија, исто така содржи остра критика на споменатата ставка од коалицискиот договор.
Повикувајќи се на истражувачкиот извештај на Министерството за труд на Германија за евалуацијата на Регулативата за земјите од Западен Балкан, тие потсетуваат дека 58 проценти од луѓето кои емигрирале преку неа се вработени како стручњаци, специјалисти или експерти. Тој удел, велат тие, е поголем од повеќето други групи мигранти кои беа користени за споредба.
„Најважниот резултат од истражувачкиот проект е дека интеграцијата на пазарот на трудот на лицата кои ја искористиле оваа Регулатива е успешно постигната дури и во споредба со другите групи мигранти: стапките на вработеност се високи, работните односи се стабилни, стапките на невработеност и користењето на социјалните бенефиции се исклучително ниски, а приходите не се пониски од оние на повеќето групи со кои се споредуваат,“ се вели во текстот.
Тие потсетуваат дека опозициската парламентарна група на Зелените ја прашала Владата зошто планира да ја преполови квотата за работници од Западен Балкан и кога тоа ќе стапи на сила. Владата одговори дека квотата е 25.000 до мај 2024 година и дека според коалицискиот договор треба да се врати на тоа ниво, но дека нема точен датум за измени во законот што би го овозможиле ова.
„Планираното преполовување на квотата за работници може да предизвика големи проблеми во градежната индустрија, која досега најмногу ја користела оваа регулатива. Од 50.000 годишни визи досега, дури 44 проценти се издадени за градежниот сектор. Оваа постапка овозможува пристигнување на искусни работници кои често немаат формално признато образование во Германија“, тврди весникот.
Тие нагласуваат дека Централното здружение на германската градежна индустрија (ZDB) бара Владата да ги задржи постојните регулативи, бидејќи процесот на издавање визи е ефикасен и овозможува брзо вработување. Евалуацијата на Институтот за истражување на пазарот на трудот и занимањата покажа дека стравувањата дека овие работници ќе зависат од социјалните системи не се остварија, туку напротив, тие покажаа најдобри резултати во однос на квалификациите, платите и ниската стапка на користење на социјалните бенефиции во споредба со другите мигранти, заклучува статијата.