Седумдесет поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и од странство учествуваат на 64. издание на „Струшки вечери на поезијата“(21–25 август). Покрај лауреатот, словачкиот поет Иван Штрпка, и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, полскиот поет Матеуш Шимчик, во програмата се вклучени еминентни автори од Македонија, Франција, Турција, Кина, Шпанија, Ирска, Литванија и од соседните земји.

„Глаголицата“ – симболична врска и мост низ вековите
Фестивалскиот фокус годинава е „Глаголицата“ – симболична врска и мост низ вековите. По тој повод во хотел Дрим беше отворена изложба „Македонска глаголица – Визуелни рефлексии“- Лазе Трипков, кој е и автор на визуелните материјали, плакатот и изложбениот материјал на ова фестивалско издание. На изложбата претставени се 10-тина графички дизајнирани плакати со македонската глаголица.
-Моите дела се одредена рефлексија на тоа што треба да претставува самиот знак. Кога ќе го погледнете плакатот треба да пробате да ја разберете логиката на знакот. Тоа не се хиероглифски форми. Тоа се форми кои метафорички ја пренесуваат суштината на Библијата. Аз буки вједи, добро јест живјети, значи оној кој ги разбира буквите, знае да ги препознае и зборовите и ќе биде поблиску до Бога и ќе живее. Тоа била практично, нашиот живот е толку испревртен, предоминантен со технолошки оптеретувања, а тие едноставно пришле на тоа со голема логика и сенс. Со многу широко разорање направиле еден знаковен систем кој требало да ги образува сите словени – вели Трипков.
Традиција која надминува 1.160 години
Според директорот Никола Кукунеш линијата помеѓу Македонија и Словачка се надоврзува на традицијата од времето на светите браќа, Кирил и Методиј, а промотивните графички и видео содржини го истакнуваат глаголскиот фонд како референца на првата неофицијална кодификација на македонскиот јазик.
-„Тоа е традиција која надминува 1.160 години и ги поврзува литературата, јазикот и поезијата од раните почетоци до денес“, рече Кукунеш, додавајќи дека СВП е меѓународно етаблирана манифестација чија основна цел е промоција на македонскиот јазик и културата во светот.
Како што најави уметничкиот директор Мите Стефоски, годинава има богата издавачка програма со учество на „врвни имиња“. Покрај луксузната тројазична монографија за лауреатот Иван Штрпка, ќе се промовираат и: книгата на Матеуш Шимчик („Мостови на Струга“), англиското издание на „Небото ми е дома“од академик, Катица Ќулафкова (добитник на „Браќа Миладиновци“), како и ретката антологија „Дионис и свети Трифун“ – панорама на македонската винска поезија, приредена од Славе Ѓорѓо Димоски, во соработка со „Тиквеш“ по повод 140 години од винарницата.
Во едицијата „Плејади“ ќе излезе и „Резиденции во времето“ од италијанската авторка Антонела Анеда, а фестивалската антологија „Кој е кој – поезија од пет континенти“ ќе ги опфати творбите на учесниците.
Како дел од платформата „Версополис“, чиј основач е СВП со уште 10 фестивали, ќе бидат претставени двајца автори во партнерство со 30 европски фестивали.
Препознатливите белези
Фестивалот ги враќа препознатливите белези: читања кај споменикот на Св. Климент на Плоштадот во Охрид, поетско крстарење и читање на „Св. Наум“, како и поетско матине во предворјето на црквата „Св. Богородица Перивлепта“.
„Имаме впечатлива програма што соодветствува на реномето на СВП. Нашата задача е да бидеме афирматори и промотори на македонската и светската поезија“, рече Стефоски, потсетувајќи дека низ 64 изданија на фестивалот поминале над 5.500 поети од целиот свет.