Гради, ама не кради!

Сите вистински економски мерки, за кои опозицијата нема аргументи да ги собори, паѓаат на фактот дека владата води двојна политика, за себе се луксузира, а народот го теши со тие мерки, кошничката, пензиите, минималната, просечната плата и тн.  Таа „паралела“ граѓаните ги удира како со нож, особено тие што верувале дека членовите на владата сесрдно се залагаат да им го подобрат животот, а работата излегува дека била обратна, односно дека таа желба или заложба била на второ место, на прво - била личната корист, комодитетот, политичка моќ, клиентелизмот и привилегиите. Зборот „клиентелизам“ е тесно поврзан со неформални „должничко-доверителни односи“, но чудното е тоа што таа шема е во употреба многу долго време, богами фати мандати на двете политички гарнитури.

Гради, ама не кради!-„во периодот од март 2020 наваму, владината СОЗР, била најголем потрошувач на возила од сите државни органи, со набавката на 45 автомобили од моделот „шкода суперб“ за 1.756.571 евра дадени за оперативен лизинг

Така, силните ветувања за реформи, со кои се атакува на изборните резултати, стануваат излитени, здодевни дури и одвратни.

Сиромашријата, причина за себичноста и алчноста?


Незамисливо е, и никој тоа од „Европава“ не го сфаќа - како најсиромашната земја и луѓе  на континентов се толку себични и гледаат само да грабнат?! Веројатно тоа доаѓа као контра-рефлекс од сиромаштијата, или од одмазливост, „ако тие крадеа-ќе крадеме и ние“.

Многумина граѓани-гласачи се разочариани од тоа што продолжи навиката државниот апарат да се однесува кон дупките во законите за јавни набавки „многу итро“ и со тоа директно да го влече економскиот индекс надолу.

Eминенти правници забележуваат дека ако некој има искрена намера, со изборот на висока функција, да ја „опраи“ државата, не се потребни ни законски ни политички одлуки, туку само добра волја! Забелешките дека нелегално, манипулативно заработените пари треба да се вратат во буџетот, звучи како „сајанс фикшн“. Од искуство знаеме дека во оваа земја владее принципот на неказнивост, па во тоа сите „добронаменици “ гледаат шанса и слободно се движат низ подземните лавиринти на општеството и така пред очите на сите – си „работат“. А наивните веруваат дека многу се загрижени за нас гласачите.

Знам еден поранешен министер (знам многумина) ама овој случај ми остана во длабоко сеќавење, бидејќи го видов со свои очи. Имено, тој министер пред 10-тина 12 години немаше ресор. Министер без ресор! Имаше на располагање еден голем државен мерцедес и возач 24/7. И едниот и другиот одделно ми се жалеа на другиот. Возачот ми се пожали дека е неиздржливо изживувањето на тој негов претпоставен, дека неговиот однос е како кон слуга понизен. А, министеров без ресор секогаш во себе имаше многу пари. Еднаш ми се пофали дека во владата има вработено, најмалку 100 души негови луѓе за да му се најдат околу него (министер без ресор!!!).  Ова е еден од многуте примери на „нужен“ клиентелизам за коалиционите партнери (вработени кои не одат на работа, а платата си ја добиваат редовно), од кој македонската економија не може да дигне глава!

Мислевме дека тоа време го однесе виорот, но новите податоци за луксузирањето на сосема обичните фаци, кои имале среќа да се фатат за државна фотелја, не е поминато. Дури и во економско-политичкава криза, веројатно најголема и најтешка од крајот на Втората светска војна, во најсиромашната земја во Европа и една од најсиромашнтие во светот, никој не сака ни да чуе да намали малку од луксузот.

За луксузирањето нема криза


Деновивие темата за луксузирањето на државните службеници прозвуче уште посилно, бидејќи згрозувачки делуваат податоците дека во време на криза се набавуваат 142 возила за 3,6 милиони евра, од кои некои луксузни - а, да не се набавуваат противпожарни возила, и уште да не се  сервисирани авионите за гасење на пожари. А, ланското лето добивме лекција од Австија и од други пријателски земји, како треба да биде организирана противпожарната служба, ама кај нас важноста на лекциите трае еден ден, „од едното ни влегува - од другото излегува“.

Владата донесе мерки за штедење. Ги задолжи министрите и директорите да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10 проценти. Нема да смеат да набавуваат мебел и возила без согласност од владата. Нема да смеат да трошат за повеќе од 50 проценти за репрезентација, спонзорства и реклами и помалку да ги користат службените возила. Да го намалат и бројот на службени патувања, но и на членови на делегации при патувања во странство.

Но, дупката е направена и правило е - таа финансиска празнина не може да се пополни, па колкава и продуктивност да имаме. Секогаш ќе фалат фрлените пари тие не се надоместуваат!!! А луѓето имаат само две најважни работи во животот – времето и парите!

Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ) покажа дека „во периодот од март 2020 наваму, владината Служба за општи и заеднички работи, која ги снабдува со стоки и услуги министрите, другите функционери и институциите, била најголем потрошувач на возила од сите државни органи, со набавката на 45 автомобили од моделот „шкода суперб“ за 1.756.571 евра дадени за оперативен лизинг. Во просек, тоа би значело, за едно возило владата плаќа нешто над 39 илјади евра. Ова не е прв пат СОЗР да биде рекордер според сумата потрошена за возила во истражувањата на ЦКГ за набавките на возила во институциите. Така беше и во извештајот за периодот од 2018 до 2020, кога беа дадени 1,8 милиони евра за 46 возила „фолксваген пасат“, како и меѓу 2013 и 2015, кога се потрошиле 1,7 милиони за 42 автомобили од истиот тип. Владата се правда и тврди дека „Оперативниот лизинг е најповолното решение, затоа што, освен за гориво, нема никакво буџетско трошење во период на користење на овие возила. Ваквиот начин покрива каско осигурување, сервис и резервни делови, што со поинаков модел би паднал на товар на државниот буџет“.

За набавките на возила преку оперативен лизинг се заинтересира и Антикорупциска комисија. Се очекува резултатие да бидат соопштени наскоро.

Примери можеме да наведуваме до сабајле. Особено чуди тоа што некои од најсиромашните општини купувале скапи возила.

Гради, ама не кради!-Јавниот долг достигна повеќе од ризичната граница од 60 проценти од бруто домашниот производ. Во вакви времиња нема друго чаре освен задолжување, но да се трошат на  луксузи, тоа треба да биде казниво со високи казни. Секој логичар би се прашал: Зошто досега не се презедоа ригорозни мерки против безобразното трошење на нашите пари. Сега е доцна, парите се потрошени. Колку брзо и да напредувате, да итате во економскиот развој, долгот ќе ве јаде, а на реално ниво ќе се одрази на материјалниот и на духовниот развој, па така критериумите што ги имаат поставено некои светски и европски друштва како елитни клубови ќе видат се понедостижни и преговорите ќе траат во недоглед.

Се повеќе луѓе се изјаснуваат дека нема веќе да излегуваат на избори! Тоа е показаел за длабока депресија на најголем број од граѓаните, кои уште се поведливи по предизборните ветувања, кои потоа многу бргу ги забораваат.

Бране Стефановски