Енергетските заедници на граѓаните во Европа се сè почеста појава. Успешен пример за тоа претставува првата енергетска заедница од Белгија, која е формирана во градот Мехелен минатата година во септември.

Говорејќи за The Brussels Times, директорот на проектот, професорот Тиери Кузманс (Thierry Coosemans ) и проект менаџерот Ребека Хутинг (Rebecca Hueting ), рекоа дека заедниците се клучни за позелена европска енергија.

„Во пракса, членовите на заедницата работат заедно на локално производство на обновлива енергија која исто така се троши локално - односно се создаваат мали енергетски острови. Со тој остров се управува како со мала енергетска мрежа во соработка со поголема надворешна мрежа“, објаснува директорот на проектот Кузманс.

Во принцип, членовите на заедницата можат да бидат обични граѓани, но и стопанственици или локалната власт. Неговата најголема предност е во тоа што сите учесници ги делат трошоците за инвестирање во обновливи извори на енергија наместо самите да плаќаат за нив.

Енергетската заедница во Мехелен ја сочинуваат 70 куќи и 15 станови кои се снабдуваат со електрична енергија од 729 соларни панели на нивните покриви. За струја плаќаат 0,16 евра за kWh, што е значително помалку од социјалната цена од 0,23 евра и далеку поповолно од 0,60 евра за kWh, колку што е просечната цена на струјата во Белгија.

Членството во заедницата е доброволно и секој може да го напушти во секое време. Се разбира, колку се поголеми заедниците, толку се поотпорни на нестабилноста на пазарот. Енергетските заедници се исто така помалку зависни од надворешни извори на енергија и од потенцијалните зголемувања на цените што може да доведат до тоа.

„Цената зависи од тоа колку енергија можете да произведете и колку ќе потрошите. Колку поефикасно се делат трошоците, толку е поисплатливо да се биде дел од енергетската заедница“, смета Кузманс.

Покрај тоа, членовите на заедницата се свесни за тоа колку енергија се произведува, поради што можат полесно да ја прилагодат својата потрошувачка на количината на достапна енергија.

„Речиси не е важно што се случува на европскиот пазар, туку само она што се случува на вашиот „остров“, вели тој.

Потенцијалните заштеди зависат од различни фактори: од тоа колку луѓето се подготвени да инвестираат, до географската локација. 

„Разликата може да се движи од еден до 30 отсто. Лесно е ако живеете некаде со многу ветар или сонце, но ќе биде многу потешко ако го немате ниту едното друго“, забележува Кузманс.

Во Белгија, покривањето на покривот на семејната куќа со соларни панели обично треба да биде доволно за годишна потрошувачка на електрична енергија.

„Но, ако таа куќа е петкатна станбена зграда, таа енергија треба да се подели со пет - што значи дека ќе покрие само 20 проценти од трошоците на секое домаќинство“, објаснува Хуетинг.

Можна е помала, модуларна организација на енергетскиот пазар, а во тоа главната улога ќе биде на енергетските заедници во дистрибуција на енергијата во помали единици, додаде Кузманс.

„Иднината ќе биде мешавина од централизирана и локално произведена енергија. Сè уште ќе ни треба основно снабдување, но тоа го диверзифицира енергетскиот пазар“, рече тој.

Финска веќе добива повеќе од 70 отсто од својата електрична енергија од локални и разновидни извори, и како резултат на тоа беше помалку погодена од енергетската криза.

„Замислете ако обновливите извори на енергија (како соларни панели или турбини на ветер) би биле инсталирани на секој покрив во Европа. Ако тие се имплементираат до максималниот потенцијал, би можеле да имаме 50 проценти од нашата енергија од локално произведени обновливи извори“, вели Хјутинг, која верува дека 20-30 проценти од обновливата електрична енергија може да се произведува во енергетските заедници.

Coosemans и Hueting истакнуваат дека солидарноста веќе игра голема улога во обезбедувањето енергетска безбедност.

„Многу луѓе не сфаќаат дека тие веќе плаќаат за вашата мрежна врска, а вие плаќате за нивната“, заклучуваат тие.

Хрватска успешно чекори на патот кон зелената енергија

Како една од водечките организации во Хрватска и регионот во поттикнувањето на развојот на цивилната енергија, ЗЕЗ обезбедува техничка помош на Европската климатска фондација во развојот на енергетските заедници во Хрватска.

Од летото 2021 година дел од ЕУ соработка е и Зелена енергетска задруга  (ЗЕЗ) од Хрватска, која креираше „Водич за формирање на енергетски заедници“. Таа во рамките на своите активности спроведе и „Граѓански енергетски акцелератор“. ЗЕЗ по примерот на ЕУ зелените организации организира и лабораторија за политики на тема енергетски заедници со најважните чинители во енергетскиот сектор во Хрватска. А, во функција на што помасовно информирање на своите, но и на граѓаните од регионот го одржа и фестивалот „Добра енергија“, кој ги обедини енергетските заедници од ЕУ и регионот.

Во Македонија

И во Македонија активно се работи на енергетската транзиција во зелена енергија, односно на искористување на обновливи извори за производство на електрична енергија особено од сонцето и ветерот.

Годинава за реализација на мерки за справување со енергетската криза и поддршка на домаќинствата и компаниите за спроведување на мерки за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија се наменети 3,2 милиони евра од буџетот. Но засега, барем според соопштенијата од надлежните институции, нема иницијатива за побарувачка од граѓански енергетски заедници, а нема ниту понуда за олеснување на процедурите за заедничко (групно) инсталирање на фотоволтаици од станарите на одделни маала или пак од објектите за заедничко домување (згради). 

Програмата за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување на енергетската ефикасност во засега опфаќа неколку олеснителни мерки само за дделот на индивидуално домаќинство и за компании.  Мерките се однесуваат на надоместување на дел од трошоците за купување и инсталирање на фотонапонски панели за производство на електрична енергија до 6 kW за сопствена потрошувачка за домаќинствата, надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата и надоместување на дел од трошоците за замена на ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата.

Факт е дека со новиот Правилник се поедностави процедурата за поставување на фотонапонски електроцентрали на објектите и тоа до 6 киловати за домаќинствата и до 40 киловати за компаниите.

Олеснувањето е во делот на административните постапки при што веќе не е потребно издавање на одобрение/решение за градење од локалната самоуправа.

Инвеститорите се сега должни само да ја известат Општината и да ги достават потребните документи. Контролата дали се поставени фотоволтаици како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори.