Дури во 19тата година од 21 век во Македонија се донесе закон за корекција на грешките во катастарот – на дигитален начин, демек по електронски пат. Донесувањето на Законот на 18 јуни 2019 година има за цел да ги исправи грешките настанати при впишување на правата на недвижностите во имотните листови на граѓаните, до кои дошло при преклопот на дигиталните со аналогните планови. Поради овој премин од „камено“ во дигитално доба настрадаа илјадници граѓани, а работите не се расчистени ни ден-денес. Има одредени општини и населби поради кои и најмногу се донесе овој закон, како Ѓорче Петров, Волково, Сарај, Драчево... во кои секој секому навлегува во дворот или во станот/куќата, има примери - делови од дворови да му бидат вцртани на соседот, а тој врз основа на таа катастарска или планерска грешка и да го оствари правото на сопственост врз тој дел од земјиштето и да настане тепачка, па дури и колежи по населбите, соседите, кои дотогаш живееле во многу добри односи, крвно да се замразат за да не сакаат да се видат за „вјек и вјеков“. Тоа и ден-денес им е подарок од државата, бидејќи огромен број грешки се’ уште не се исправани. Има примери кога за земјиште од 500 квадрати се јавуваат и по 20мина сопственици.

Ете, ова е уште еден начин на разбивање на граѓанското јадро во една држава која се прикажува како држава која работи во интерес на граѓаните.   

Врз осноава на новиот закон се изработуваат новите урбанистички планови.

„Граѓаните доставуваат барање до катастарот кој бесплатно ќе ја поправи грешката. Катастарот тврди дека сите аналогни планови се дигитализирани. Во таа постапка на дигитализација самиот преклоп на дигиталниот катастарски план, кој е основа за утврдување на границите на катастаракста парцела со која распола граѓанинот, правата се влечени за во листот А од катастарот на земјиште. Во постапката на дигитализација, ако имало отстапување во самиот процес на дигиталзиација однсоно не е соодветно дигитализирано, правата се влечени од соседната парцела во која дошло преклопувањето. Затоа има имотни листови и кога со еден или два квадрата земјиште е впишан соседот. Тоа не е грешка која ја направил граѓанинот, туку во  постапката на дигитализација и воспоставување на катастарот на недвижности“, појасни тогаш (2019) раководството на Катастарот.

Тогаш катастарот најави дека „е најдено решение, исто така со поднесено барање, но и по службена должност - делот кој е на Македонија, физички ќе се двои во посебна парцела, со посебен број, со цел имотните листови на граѓаните да бидат чисти, без никакви сосопственички, односно идеални делови. Во други постапки, дали со носење детални урбанистички планови или откуп на тоа земјиште претежно во градежните реони, тие ќе имаат право да го дооформат или докупат во согласност со донесените урбанистички планови, но во реалниот живот во моменталната состојба тој сосопственички дел нема да им прави проблем да си располагаат со сопствениот имот“.

Вака, наизглед, се чини дека и Катастарот и Законот имаат добра намера, иако е многу доцна, „државата“ (кој е „државата“? – никој) на душа носи огромен број жртви по оваа основа – грешки во катастарските цртежи и во урбанистичките планови. Но еве, нешто се исправа. Сепак, сета оваа работа има еден голем недостаток, кој не е во корелација со добрата и праведна намера, тоа е информирањето на граѓаните.

За увид во предлог-деталниот урбанистички план што се однесува директно на граѓаните – тие не се добро информирани. Начинот на информирање на граѓаните за времето на донесувањето на новите детални урбанистички планови и за увид во нив не е добро регулиран. Објавите  дека почнува да се работи новиот детален урбанистички план и можноста да се направи увид во него се огласуваат во некои нетиражни гласила, потоа на излози на продавници, на зградата на општината, на сајтот на општината, никаде нема јавна дебата, како се да се држи во некаква тајност од неразбирливи причини!?

Па некој ќе праша – како да дознае граѓанинот што работи општината?

Првин мораме да кажаме дека нема закон според кој граѓанинот е должен да чита веснци, да гледа телевизија, да чита разни неупадливи ливчиња по излозите, да ја бара  и да ја чита веб-страницата на оптшната. Ако го земеме предвид статистичкиот податок дека компјутерската писменост во Македонија е под 20 проценти, начинот на информирање за вака важна работа треба законски поинаку да се регулира, а тоа е информирање на граѓаните на врата, во нивние домови, со потпис на поканата или  известувањето дека тоа е примено на тој и тој датум за во тие и тие простории да направи увид во сопстениот плац, за потоа општината да нема аргумент да рече дека граѓанинот не ја доставил забелешката на време, а граѓанинот да рече дека не бил избвестен. Како може општината да ги доставува сметките за данок на имот на домашна адреса, така мора и оваа покана/известување да биде доставено на врата, на рака на граѓаните. Во спротивно се случува, од неинформираност, граѓаните да си останат со старите проблеми, општинските и планските служби да преминат преку стариот проблем, затоа што нема да го увидат поради недоставена забелешка од страна на граѓанинот и на проблемот да му го продолжат векот на неодредено време, а можеби засекогаш, зашто детални урбанистички планови не се носат секој ден, непријателствата продолжуваат! Но, како што рековме, „кој е државата – никој“, односно никому не му е гајле за овој многу значаен дела од животот, најважен по грижата за здравјето, односно за тоа дека ваквите проблеми и му го кратат животот на човекот.     

Општината, ако има добра намера, може да одвои дел од вработените во својата администрација, која и така ја има во голем број, да обучи и да ги ангажира во проверка на теренот на спорните имотни места во населбите, да укажува на можностите, да се исправат тие грешки или уште подобро да се превенираат. Планирење од канцеларија се вика бирократија. Штом е од канцеларија, упатува на нестручност, на неоговорност, на неавтентичност на сликата на теренот, на големи загуби и на беспомошност на граѓаните кои морат да го почитуваат секој датум за плаѓање на данокот на имот, во спротивно  ќе бидат тужени и ќе мораат долгот да го платат со камата, обратно – оштината е заштитиена и не верум дека некој добил спор пред судот со неа, бидејќи таа е заштитена токму со неусогласеноста на законите.