
Македонските земјоделци и сточари редовно протестираат против односот на државата кон нив, најмногу поради ниската откупна цена на нивниот производ, иако како што вели власта, таа не е фирма што откупува. Но, јавна тајна е дека откупот на земјоделските производи од страна на преработувачката индустрија е сведен на нивно монополско договарање, кое на земјоделците им нуди иста ниска цена, па така кај нас конкуренцијата во откупот е сведена на нула. Државните субвенции доцнат и не се доволни. Така дражавата сама си ја сече најважната гранка на која треба да седи – земјоделството и сточарството, односно производството на храна.
Македонија заостанува во прозиводството на храна, светот напредува и ја намалува цената на производството и покрај сите неповолни околности од климатските промени и од војните, па може да се рече дека откупувачите ја постигнаа својата цел - да имаат поевтина понуда од странство, а за домашните земјоделци и сточари тие навистина не се обврзани да мислат, но никој од инспекциите не се изјаснил дали таа понуда што им ја даваат на домашните земјодлеци претставува кршење на Законот за монополско здружување.
Во моментов, како што соопштува ФАО (Агенцијата за храна на Обединетите нации) светските цени на храната се зголемиле во јули на највисоко ниво во последните повеќе од три години поради неповолните временски услови и ескалацијата на конфликтите во Црното Море и во Персискиот Залив.
Индексот на цените на храната (FFPI), што ги следи месечните промени во цените на прехранбените производи што се тргуваат низ целиот свет, изнесуваше 131,1 во јули, што е зголемување од јунските 130,3 поени и највисокото ниво од јануари 2023 година.
Цените на месото, од друга страна, паднаа за 2,8 проценти од рекордно високото ниво во јуни, а цените на млечните производи исто така паднаа за 0,7 проценти, објави агенцијата.
Како што напоменавме некои цени се во пораст, но според FAO, глобалното производство на земјоделски култури и сточарски производи во последните децении значително расте.
FAO укажува дека производството на житарки пораснало 27% од 2010 до 2024 година, главно благодарение на повисоките приноси по хектар. Маслодајните култури пораснале уште повеќе – 50%.
И растителното производство во целина бележи огромен раст: примарните земјоделски култури достигнале околу 9,6 милијарди тони во 2022 година, што е 56% повеќе отколку во 2000 година.
Особено интересна е последната деценија.
Во 2023 година светското производство на примарни земјоделски култури достигнало 9,9 милијарди тони, 27% повеќе отколку во 2010 година. Производството на овошје и зеленчук достигнало 2,1 милијарди тони.
Но, во сета оваа приказна има една многу важна разлика: и покрај огромниот раст на производството, FAO проценува дека во 2023 година меѓу 713 и 757 милиони луѓе биле недохранети. Има повеќе причини: раст на светското население, нееднаква распределба на храната, сиромаштија – луѓето немаат пари да ја купат храната, војните и политичките конфликти, сушите, поплавите и екстремните временски услови, огромно количество храна се користи за добиточна храна, за биогорива и за индустриски производи, значителен дел од храната се расфрла или се губи.
Затоа е интересен парадоксот: светот денес произведува многу повеќе храна отколку пред 20–30 години, но сепак проблемот со гладот не е решен.
Тоа што нас најмногу не’ интересира и не’ боли е прашањето на производство на храна на домашните полиња. Сите податоци и анализи укажуваат на тоа дека Македонија нема стабилен раст; производството значително осцилира, а во подолг период има знаци на слабеење, особено кај сточарството.
Најдобар показател е вредноста на земјоделското производство и уште подобро производството по постојани цени, бидејќи така се отстранува влијанието на инфлацијата.
За 2024 година, Државниот завод за статистика пресметал бруто додадена вредност во земјоделството од 49,9 милијарди денари по цени од претходната година. Тоа е подобрување во однос на 2023 година, но сè уште не значи долгорочен тренд на постојан раст.
Особено загрижувачко е сточарството.
Во 2024 година производството на кравјо млеко се зголемило за 18,5%, но производството на месо се намалило за 2,9%, а овчото млеко за дури 16,4%.
Уште позначајни се податоците за намалувањето на бројот на домашните животни: говеда: −2,3%, свињи: −7,1%, овци: −11,9%, живина: −9,9%, кози - +14,5%. Тоа покажува дека домашната база за производство на месо, млеко и јајца се намалува, иако во одделни години производството на одреден производ може да порасне.
Кај растителното производство има големи осцилации
Во 2023 година производството на сончоглед паднало за 39,5%, домати за 23%, краставици за 34,3%, а јаболка за 51,2%.
Во 2024 година следувало значително закрепнување кај овошјето: јаболка +59,1%, цреши +41,0%, компир +9,0%, краставици +3,6%, Но истовремено се намалило проиводството на: ориз −6,9%, сончоглед −10,2%, луцерка −6,7%. За 2025 година ДЗС регистрира, меѓу другото, +5,8% производство на сончоглед во однос на 2024 година.
Ако го поставиме прашањето: „Дали Македонија произведува сè повеќе или сè помалку храна?“, одговорот би бил:
Во последните години – повеќе се гледа стагнација и осцилација отколку стабилен раст.
Кај растителното производство има големи годишни промени зависно од временските услови.
Кај сточарството трендот е позагрижувачки – бројот на добиток и дел од производството се намалуваат.
Затоа, домашното производство не успева стабилно да го следи растот на домашната потрошувачка, па Македонија има значајна зависност од увоз на храна.
Ова е особено важно кај пченицата, месото, млекото и зеленчукот.
Последните податоци за просечната плата што ги објави Заводот за статистика укажуваат на тоа дека платите се зголемиле за 6,4% за една година.
Во јуни, просечната плата изнесувала 48,381 денари. Повиски плати добивале вработените во администрацијата, земјоделието и транспортот, а на врвот на листата со плати над 88 илјади денари и натаму се програмерите и информатичарите.
Сепак, ако се споредат платите со мај, просекот е намален за над 1,000 денари. Статистиката регистира пад на платите во трговијата на големо и мало, културата и снабдувањето со електрична енергија. Токму 50% од просечната плата, заедно со инфлацијата во првото полугодие влегуваат во пресметките за раст на пензиите од септември. Според бројките, истите би се зголемиле за околу 6%.
Според ова, пазарот кажува дека, за да се преживее, малку се и 2 просечни плати во едно семејство. Граѓаните во сите анкети велат дека најголем дел од платата и од пензиите им оди на храна и на лекови. Затоа темата за зголемување на производството на домашна храна е постојано присутна и се наметнува како императив, особено во актуелниве услови на климатските промени и на зголемените цени на хрантата на светските берзи.