Фирмите за брзи кредити добија официјално предупредување да стават крај на измамничките маркетинг практики, во спротивно ќе се соочат со санкции. 

Оваа реакција од Министерството за финансии уследи по извршениот надзор, при што инспекторите утврдија голем број неправилности, вклучително и пласирање реклами со „0 проценти камата“, иако договорите со корисниците вклучуваа дополнителни скриени трошоци. 

И покрај ова, прошетката низ центарот на Скопје покажува дека билбордите со познати личности кои ветуваат „одлична шанса за нула камата“ се сè уште присутни. Според економските експерти, оваа појава е долгогодишна, а мерките на надлежните институции доаѓаат со задоцнување. Аналитичарите истакнуваат дека државата мора да покаже поголема строгост, редовно да ги контролира овие субјекти и да спроведува едукација на населението за ризиците од ваквите финансиски продукти. 

 

Податоците на Народната банка покажуваат сериозен пораст на побарувачката за брзи позајмици. Во 2024 година, прометот во овој сектор достигнал 169 милиони евра, што претставува зголемување за 12 милиони во однос на претходната година, додека во 2021 година износот изнесувал 119 милиони евра.

Дополнително, инспекторите регистрираа случаи каде компаниите рекламираат услуги под брендови кои не ја идентификуваат јасно фирмата-давател на услугата. Честа е практиката еден ист оператор да користи повеќе веб-страници, а називот на правниот субјект во деловните простории да се разликува од оној заведен во дозволата за работа. Иако Законот за заштита на потрошувачите ја дефинира таквата практика како измамничка, засега компаниите добиваат само предупредувања, а не и конкретни казни. 

Истражувањата од 2023 година открија дека две третини од профитот во секторот завршуваат кај компании со странски капитал, кои функционираат со минимални оперативни трошоци и високи каматни маржи. Медиумите претходно предупредија на злоупотреби со лични податоци, при што кредити биле подигнувани во име на граѓани без нивно знаење. Поради лесната и брза процедура, граѓаните честопати не се свесни за високата цена на позајмените пари. 

Аналитичарите сугерираат дека институциите мора да го зголемат прагот на критериуми при издавање на лиценци, бидејќи постои контраст - за отворање на банка се потребни бројни регулативи и процедури, додека финансиските друштва до лиценца доаѓаат значително полесно. 

Моментално, според регистарот на Министерството за финансии, активни се 26 компании, од кои седум се во сопственост на бугарски бизнисмени. И покрај намалениот број на друштва во споредба со периодот пред законските измени во 2023 година, обемот на одобрени кредити бележи пораст од 9,6 отсто. 

Иако брзите кредити сочинуваат само околу 7 отсто од вкупниот долг на домаќинствата, тие претставуваат значителен ризик од презадолженост за ранливите категории граѓани. Народната банка истакнува дека, за разлика од банките каде просечните трошоци се околу 7 отсто, финансиските друштва остваруваат приходи кои надминуваат 50 отсто од вредноста на активните договори.