Образовниот процес претрпе огромни промени како резултат на пандемијата, а последиците од нејзиното влијание допрва ќе ги дознаеме. Целосната трансформација која настана како резултат на пандемијата, несомнено суштински влијаеше на спроведување на образовниот процес. Во однос на неговото реализирање од страна на наставниците. Но, и од аспект на проактивност на учениците и нивна заинтересираност во следење на наставата на далечина.

Истражувањето на Институтот за човекови права „Образованието во време на пандемија“ го опфаќа периодот на учебната 2020/2021 година. Барајќи ги ставовите и на учениците и на наставниците во скопските училишта во учебната 2020/2021 година.

„Наставата со физичко присуство во ниту еден момент нема да може да биде заменета со настава на далечина. Доколку епидемиолошката ситуација доведе до повторно воведување на наставата на далечина, Министерството за образование и наука треба да ги има предвид претходно наведените препораки кои наставниците и учениците ги воочиле како недостатоци при реализација на наставата на далечина во учебната 2020/2021 година. За таа цел ќе биде потребно да се креираат соодветни платформи каде што ќе биде достапен целиот материјал кој ќе биде адаптиран за потребите на наставата на далечина, а воедно и пред нејзино започнување, да бидат спроведени обуки кои ќе ги подготват наставниците да им го овозможат најквалитетното образование на своите ученици. За проверката на знаењето наставниците препорачуваат таа да се одвива со физичко присуство со цел најреално да може да се оцени знаењето на ученикот“, вели авторката на истражувањето Тамара Доневска.

Прашањата за учениците беа насочени кон споделување на нивните искуства со учење на далечина. Дали сите ученици имале пристап до интернет и компјутер, дали го совладале материјалот, што научиле од учењето на далечина и со кои предизвици и се соочиле. Прашањата за наставниците даваат одговори за  нивните искуства со учењето на далечина, како се справиле со предизвикот и со кои проблеми се соочиле при подготвување на часовите и нивна реализација.

Прашалник за ученици

Од 20 000 ученици во скопските средни училишта, во истражувањето спроведено во ноември 2021 година, учествувале 1 699 ученици. Во однос на проблемите со следењето на наставата на далечина, повеќе од две третини одговориле дека имале тешкотии. А речиси секој петти ученик дека немал услови за следење на наставата.

287 од испитаниците одговориле дека следните услови им недостасувале за непречено следење на наставата:

- Немање стабилна интернет корекција;

- Немање на соодветна опрема за следење на наставата;

- Немање соодветна просторија за следење на наставата;

- Преоптовареност на интернет конекцијата поради многу уреди во домаќинството;

- Проблеми со платформата.

Фичично присуство наспроти онлајн настава

На прашањето дали преферираат настава на далечина или настава со физичко присуство, јасно видливо е дека поголем дел, 66%, од испитаниците одговорија дека преферираат настава со физичко присуство, додека 34% се определиле за настава на далечина. Може да се заклучи дека скоро 40% од учениците за оваа учебна година немале можност да имаат практична настава, што во нормални услови би ја имале.

Во однос на тоа дали предвидената материја била опфатена од страна на наставниците за време на наставата на далечина, мислењата се поделени. 40% сметаат дека материјата била опфатена, додека 39% сметаат дека не е опфатена. 21% од испитаниците одговориле дека делумно била опфатена материјата.

Квалитетот на предавањето на наставниците, исто така, беше едно од прашањата кое беше поставено на испитаниците. Постои поделеност на мислењата на учениците. Односно 49% одговориле дека квалитетот останал ист, додека 51% одговориле дека квалитетот не е ист.

„Наставниците не го предавале материјалот убаво туку само го "читале" од материјалот којшто им бил испратен, а неретко сето ова резултирало со потешко совладување на материјата. Обемноста на материјали и нивната недоволна јасност и концизност, како и комплексност довела до дополнителна конфузија кај учениците. Понатаму електронските материјали кои биле споделени од страна на наставниците биле преобемни и прекомплексни, но недоволно јасни за совладување. Наставниците барале дури и повеќе од материјата што ја имале предадено, без разбирање за ситуацијата во која се наоѓаат учениците“, се дел од личните сведоштва на учениците.

Наставата од аспект на наставниците

Во истражувањето учествувале 241 наставник од скопските училишта. Генерално, најголем дел од нив или 60 нато мислат дека е отежнат наставниот процес, 26% дека е олеснет. За останатите – останал ист. Дури 130 од наставниците, се соочиле со технички потешкотии за спроведување на наставата. За наставниците, проблемите во спроведување на наставата се следни:

- намалената интерактивност и заинтересираност од страна на учениците,

- намалено присуство на учениците,

- несоодветно утврдување на знаењето на учениците,

- потешкотии во совладување на материјалот од страна на учениците,

- несоодветна обука за користење на платформата,

- несоодветно прилагодена програма,

- недоволно флексибилни алатки за дистрибуција на материјали,

- прекомплексна платформа за спроведување на настава на далечина.

Ефективноста на наставата, според 86% од испитаниците е подобра со физичко присуство, наспроти 14% кои велат дека поефективна е наставата на далечина. Кога во моментот наставниците би можеле да изберат, 70% од нив би ја избрале наставата со физичко присуство, а 30% би избрале настава на далечина. Совладувањето на материјалот може да претставува пречка за учениците, а особено при наставата на далечина. Наставниците ги презеле следните мерки: 52% имале дополнителни часови, 29% им дале дополнителни задачи за полесно совладување материјалите, 13% одговориле дека немало потреба бидејќи учениците лесно го совладале материјалот.

Како најголема придобивка од наставата на далечина, наставниците го посочуваат подобрувањето на ИТ вештините. Проследено со намалување на трошоците за превоз до работното место и полесна дистрибуција на достапните електронски материјали.