Банкарската криза овојпат е поинаква. Всушност, сегашната криза е многу подлабока од онаа од 2007-08 година. Тогаш, можевме да го припишеме последователниот колапс на банките на неконтролираната измама, предаторски заеми, заговори на агенциите за рејтинг, матни банкари и уште помрачни финансиски деривати - сето тоа што беше резултат на демонтираниот  регулаторен режим за време на мандатот на политичари одгледани на Волстрит, како министерот за финансии Роберт Рубин.

 

Причините за проблемите на денешниот банкарски систем имаат сосема поинакво потекло.

Да, банката на Силиконската долина (SVB) неразумно го прифати ризикот од екстремно високи каматни стапки, иако работеше со претежно неосигурани големи клиенти. Да, Credit Suisse има зад себе долга и грда историја на работење со криминалци, измамници и корумпирани политичари. Но, за разлика од 2008 година, овојпат немаше потреба да се замолчат свиркачите, бидејќи банките (најчесто) ги почитуваа построгите регулативи воведени по 2008 година и нивните биланси беа во релативно добра состојба. Исто така, надлежните органи за надзор на банкарскиот сектор во САД и Европа овојпат не можат да кажат дека биле измамени како во 2008 година.

Всушност, сите контролни агенции и централни банки совршено добро знаеја што се случува. Тие имаа целосен увид во банкарските деловни модели. Тие јасно видоа дека тие модели не можат да преживеат значително зголемување на долгорочните каматни стапки во комбинација со масовно повлекување на депозитите. Но, ништо не презедоа.

Дали навистина не предвидоа дека испаничените големи клиенти со неосигурени депозити ќе навалат на банките? Можеби и не. Вистинската причина зошто централните банки не направиле ништо за ризичните деловни модели на комерцијалните банки е многу попоразителна: таквите бизнис модели се всушност производ на активностите со кои централните банки се обидоа да го поправат финансискиот колапс во 2008 година. И за тоа и законодавците и креаторите на политиката беа сосема свесни.

Политиките за имплементација во Соединетите американски држави и Европа по 2008 година – државниот социјализам за банкарите и штедењето за сите останати – произведоа два ефекта кои го обликуваа финансискиот капитализам во текот на изминатите 14 години.

Прво, со тие политики ги затруја парите на западните земји. Последица на тоа е што повеќе не постои единствена номинална каматна стапка која може да го врати балансот меѓу понудата и побарувачката на пари и истовремено да спречи нов бран на пропаѓање на банките.

Второ, бидејќи е јасно дека не постои единствена каматна стапка која ќе обезбеди стабилност на цените и на финансискиот систем, западните банкари претпоставија дека во случај на враќање на инфлацијата, централните банки едноставно ќе ги зголемат каматните стапки и ќе им одобрат средства потребни за спасување на банките. И тие беа во право: токму тоа се случува.

Соочени со тежок избор помеѓу ограничување на инфлацијата и спасување на банките, многу централни банки очекуваат да го направат и едното и другото: да продолжат да ги зголемуваат каматните стапки и да продолжат со  социјалистичката политика за банкарите, усвоена во 2008 година. Ако ништо друго не се промени, ова е единствениот начин што може да спречи натамошно паѓање на банките како домино. Затегнувањето на монетарната јамка околу вратот на општеството и обезбедувањето финансиска помош на банкарскиот систем е единствената стратегија што може истовремено да ги задоволи интересите на кредиторите и банките. Тоа е и најсигурниот начин да се осуди голем дел од општеството на непотребно страдање (поради високите цени и високата невработеност, иако и двете можеше да се избегнат) и да се создадат услови за следната банкарска катастрофа.

Да не биде забуна, отсекогаш знаевме дека банките се проектирани да бидат небезбедни и сите заедно да го сочинуваат системот којшто структурно е неспособен да ги почитува правилата на функционалниот пазар. Проблемот е во тоа што досега немаше алтернатива: банките беа единствениот канал преку кој парите стигнуваат до луѓето (преку благајник, филијали, банкомати итн). Општеството е заложник на мрежата на приватни банки кои ги монополизираа сите облици на плаќање, штедење и кредити. Но, денес технологијата ни дава добра алтернатива.

Замислете централна банка на секој граѓанин да му додели бесплатен дигитален паричник – што всушност е бесплатна банкарска сметка која носи камата по меѓубанкарската стапка на централната банка. Бидејќи, сегашниот банкарски систем функционира како антисоцијален картел, централната банка би можела да се префрли на технологијата на облак и така да овозможи бесплатни дигитални трансакции и заштеда за сите. Од нето приходот може да се финансираат важни јавни добра. Ослободени од обврската да чуваат пари во приватни банки и да преплаќаат за привилегијата за користење на системот, луѓето би добиле слобода да избираат дали и кога сакаат да ги користат услугите на приватни финансиски институции кои посредуваат во распределбата на ризикот меѓу заемопримачите и заемодавачите.  Дури и тогаш нивните пари не би ја напуштиле сигурноста на централната банка.

 Крипто-братството ќе ме обвини дека предлагам централна банка во служба на „Големиот брат“ која ќе ги следи и контролира сите трансакции. Дури и ако го игнорираме лицемерието на таквата забелешка - тоа се истите оние кои побараа централната банка веднаш да интервенира и да ја спаси СВБ од колапс - не можеме да го превидиме фактот дека министерствата за финансии и многу државни агенции веќе имаат пристап до нашите трансакции. Приватноста би била посигурна доколку сите трансакции се концентрирани во централна банка под надзор на контролно тело, на пример комисија за монетарен надзор, која би била составена од случајно избрани граѓани и експерти од широк опсег на професии.

Банкарскиот систем каков што денес го подразбираме и прифаќаме како единствен можен не може да се поправи. Тоа е лоша вест. Сепак, повеќе не сме принудени да зависиме од приватните, рентиерски поставки, погубни за општествениот банкарски систем, барем не онака како што досега од него зависевме. Дојде време да го демонтираме банкарскиот систем кој е невозможно да се поправи, а којшто му служи само на сопствениците на имот и акционерите на штета на мнозинството.

Рударската индустрија на потешкиот начин дозна дека општеството не му должи трајна лиценца за уништување на планетата. Време е на банккарите да им одржиме слична лекција.

Јанис Вауфакис- Project Syndicate