„Fasten the Future“ е слоганот на осмото издание на Регионалната конференција за е-трговија која започна денес во Скопје. Конференцијата, што се одржува во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТСМ) и оваа година ја поставува сцената за иднината на дигиталнaта економија, спојувајќи е-трговија, маркетинг и вештачка интелигенција како двигатели на растот на бизнисите.
Годинава на конференцијата се регистрирани над 850 учесници, од кои повеќе од 20 проценти се од Балканот. Во фокусот на темата е вештачката интелигенција која е двигател на е-трговијата. Меѓу 25 говорници од над 10 земји се претставници од глобални брендови како Dolce & Gabbana, TikTok, Booking.com, Wolt, Publicis Groupe, Direct Media, Bigburg, Korpa, Brainster Next и други, кои споделуваат како иновативноста, креативноста и технологијата заедно ја обликуваат иднината на е-трговијата.
Забрзано патување кон иднината со е-трговија
Конференцијата ја отвори д-р Нина Ангеловска Станков, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ), која истакна дека регионот конечно тргна со побрз чекор, а сега е време за забрзување кон дигиталната иднина.
„Екосистемот на е-трговија е комплексен, зависи од многу алки и истата придонесува за цеколупната дигитална иднина на земјите. Нејзиното забрзување дава основа за подготвеноста да се искористи потенцијалот на дигиталната револуција вклучувајќи ја и вештачката интелигенција. Така ако минатата година го отплеткувавме потенцијалот кога темата на конференцијата гласеше “Unlocking Potential”, оваа година го заврзуваме појасот и се подготвуваме за забрзано патување кон иднината со е-трговија, од таму и темата оваа година “Еcommerce: Fasten the future”, а во фокус на програмата е вештачката интелигенција.
Македонија чекори кон вистинска дигитална револуција. Само во последниот месец преку државната Платформа за интероперабилност се реализирале над 2,6 милиони дигитални трансакции, раст од 260 проценти во однос на минатата година, што ја позиционира земјата меѓу водечките во регионот.
Овие податоци ги соопшти министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во поздравнотот обраќање на отворањето на конференција за е-трговија.
– Покажуваме дека со Дигиталниот самит на Западен Балкан 2025 и со оваа конференција, Скопје го поставуваме на мапата на градови во регионот каде што се дискутираат најважните теми за дигитализацијата во јавната администрација, приватниот сектор и поттикнување иновации – изјави Андоновски.Тој истакна дека Владата веќе реализира видливи резултати.
– Повеќе од 76 институции и приватни компании се „закачени“ на Платформата за интероперабилност. Првпат се вклучени и над 10 приватни компании, најмногу од банкарскиот и „финтек“ секторот. На ред се и осигурителните компании. Со оваа услуга обезбедуваме полесна, побрза и бесплатна размена на податоци – објасни министерот.
Андоновски додаде дека Владата ја поддржала иницијативата со над еден милион евра преку формирање на првиот европски дигитален иновациски хаб во земјата, центар што обединува државни институции, академијата и приватниот сектор.
Регионот бележи континуиран раст
Ангеловска на конференцијата ги презентираше клучните сознанија од анализата “Western Balkans Ecommerce Insights, 2025”.
"Традиционално конференцијата ја започнуваме со презентација на клучните сознанија од годишната анализа на е-трговија која по втор пат ја изработуваме за Западен Балкан. Целта е да согледаме што е постигнато, до каде сме стигнале и кои предизвици стојат пред нас за побрз раст, бидејќи растот е евидентен, но сè уште недоволен за да се фати чекор со развиените земји.
Имено регионот бележи континуиран раст во бројот на онлајн купувачи и вредноста на е-пазарот. Србија и Македонија се издвојуваат со највисоки стапки на дигитална активност, при што над 60 проценти од интернет корисниците веќе купуваат онлајн. Во Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина растот е динамичен, но нивото на користење на онлајн купувањето сè уште останува под 50 отсто.
Поврзаноста и користењето на Интернетот
Што се однесува до поврзаноста и користењето на Интернетот може да се каже дека е на задоволително ниво во споредба со развиените земји, но истиот најмногу се користи за телефонирање, комуницирање и социјални медиуми додека кога станува збор за попродуктивни активности како на пр. е-банкарство земјите од Западен Балкан се значајно под европскиот просек. Така во Македонија 40 отсто од интернет корисниците користат е-банкарство додека 72отсто во ЕУ.
Позитивно е што има прогрес и кај доставата, која соласно минатогодишната анализа беше најголем предизвик за е-трговците - Индексот на поштенски развој забележува прогрес во регионот, а Македонија и БиХ имаат особено подобрување во ефикасноста на поштите, иако се сè уште далеку од ЕУ земјите.
Оваа година за прв пат го анализиравме и Индексот за подготовеност за Вештачка Интелигенција (ВИ), а податоците зборуваат дека регионот не е подготвен да ги искористи придобивките од ВИ како за работа така и за е-трговија. Само два проценти од компаниите во Западен Балкан користат AI алатки, а само еден процент од македонските.
Во Западен Балкан само 27 отсто од компаниите продаваат онлајн, а само 19 отсто од македонските. Дигиталната зрелост на регионот е сè уште на ниско ниво и за да фатиме чекор со Европа потребно е забрзано да се движиме. Може да заклучиме дека потенцијалот за раст е голем. Со целно вложување во дигитална едукација, модернизација на плаќањата, подобрување на логистиката и примена на вештачка интелигенција, земјите од Западен Балкан можат значително да ја забрзаат дигиталната трансформација и да изградат поконкурентен и интегриран регионален пазар на е-трговија до 2030 година." - истакна Ангеловска.
Иако напредокот е значаен, предизвиците остануваат бројни: доминацијата на плаќањето при достава, ограничената доверба во дигиталните плаќања, како и недоволната логистичка и дигитална инфраструктура. Дополнително, ниската дигитална писменост и слабата интеграција на јавните и финансиските дигитални услуги го забавуваат целосниот развој на дигиталната економија.
Со ваквиот динамичен развој, Македонија полека, но сигурно го зазема своето место на дигиталната мапа на регионот, а компаниите добиваат можности што досега ги имале само во развиените европски држави.
.