Како и колку интелектуалниот капитал, односно интелектуалната сопственост преку технологијата и иновациите, но и вештачката интелигенција можат да ни помогнат да стекнеме нови знаења, вештини и едноставно како да ни го подобрат и да ни го олеснат животот, објаснува Гого Рафајловски, оперативен менаџер во Networker и консултант за интелектуална сопственост. Тој преку својата 20 – годишна кариера во управување со стартап центри, инкубатори, акцелератори, технолошки паркови изградил портфолио на еден искусен бизнис советник, кој има менторирано дури над 100 стартап компании и секогаш ја има таа страст кон технологијата и брендовите. 

 

Рафајловски низ една презентација го пренесува своето искуство како и на кој начин да ја препознаеме вистинската моќ на нашиот интелектуален капитал, да разбереме каде се нашите граници и како да ги поместиме.

Тој низ неколку примери на индивидуи и компании, покажува како технологијата и иновациите можат да се заштитат, да се менаџираат, но и да  се комерцијализираат. И како што вели: „На крајот на денот целта на вештачката интелигенција и воопшто на технологијата е да ни го олесни животот  од една и да имаме поголема продуктивност од друга страна.“

Како машините и човекот можат да ко-креираат заедно

Рафајловски јасно говори како искуството, визијата и креативниот потенцијал можат не само да го подобрат вашиот бизнис туку и да отидат и чекор понапред со времето, односно како машините и човекот можат да ко-креираат заедно. Како компаниите и индивидуите можат да го искористат својот интелектуален потенцијал и современата технологија, нашиот соговорник се обидува да го долови преку бројни примери.

Започна со маркетингот на Марк Гети, искусен италијански претприемач кој своевремено направи бум со својата компанија Гет имиџис, која работи со видео, со слики, комерцијализација, продукција. -Гети вели: „Интелектуалниот капитал е новата нафта на 21 век“- односно некој ресурс што допрва треба да донесе богатство. Цитира: „ луѓето пред 100 години поголемиот дел од своето богатство го стекнале со искористување на ресурси од земјата и нивен транспорт до одредено место. Сега со ВИ и интелектуалниот капитал ова се менува. Се демократизира до индивидуално ниво, односно денес не зависиме од ресурси на некоја географија, или количина на злато на одредено место, или на одредена количина на нафта на некоја локација, туку секој може да има одреден ресурс што може да го комерцијализира или монетизира, а тоа е интелектуалниот капитал.“ Зошто е тоа така?

 

Нашиот консултант одговорот на ова се обидува да го искаже низ конкретен пример од секојдневието. Секој од нас има мобилен телефон со безброј апликации кои ги користиме продуктивно или полупродуктивно. Во еден мобилен апарат има повеќе слоја на интелектуална сопственост (ИС), односно повеќе слоја на заштита. Многу луѓе мислат дека интелектуалната сопственост се патентира, но грешат. Во една технологија како што е телефонот има  повеќе слоеви на ајти технологија:

- Самиот изглед, дизајн на телефонот може да биде заштитен со индустриски дизајн, тоа е самата форма, обликот.

  • -Со патент може да биде заштитен оперативниот систем. Интерфејсот.
  • -Со трговска  марка може да биде заштитен брендот, логото или се она што е  визуелен ефект што ја одвојува една компанија од нивните конкуренти на пазарот. - Со авторство можат да бидат заштитени звуци, рингтонови, почетни тонови, апликации и се она што е авторство во една технологија.
  • - Со трговска тајна можат да бидат заштитени работи  кои не се видливи со голо око, но во позадина извршуваат функции коишто прават нештата да се случуваат во наша полза.

Така со еден обичен апарат кој секојдневно е со нас може да видиме дека има повеќе начини на заштита, повеќе слоеви на менаџирање и повеќе слоеви на монетизација на нешто што се нарекува интелектуален капитал.

Комерцијализација на интелектуалната сопственост

 Овој искусен консултант посочи неколку примери како луѓето размислуваат во овој поглед и како компаниите и бизнисите го прават тоа.

-Еден од најинтересните случаи е компанијата „Исланд“ и државата Исланд. Оваа компанија која се нарекува „Исланд“, располага со синџир на трговски маркети во Англија, а започнала со работа во 1973 г. (во старт со англиски, но низ историјатот и исландски сопственици). Во почеток на 2014/15 година компанијата се обидува да ја заштити трговската марка „Исланд“ на што нормално се спротивставува државата со оправдани  аргументи: „ние имаме историја, култура, трговски релации поврзани со сите земји и не може да се добие монопол на зборот Исланд.“ Во одреден тек на настаните  компанијата го добива спорот, но подоцна го губи –затоа што државата победува со одлука на Европскиот суд, според кој- правото на една држава не може да биде монополизирано од страна на една компанија и не може брендот да го монетизира во иднина само една компанија.
Фактички тоа е условот за интелектуална сопственост, појаснува консултантот.- Дали нештото е премногу големо и треба да се даде само на една компанија или е доволно дистинктивно да се даде на индивидуи или  правно лице  да направи еден легален монопол, односно начин на комерцијализација.

Рафајловски посочува и втор пример  во оваа насока. Примерот на „супер херој“ од 1956 година. Се работи за правото на користење на зборо „супер херој“ од компаниите  Marvel vs DC Comices.  Двете компании имале заедничка трговска марка на терминот и си го комерцијализирале и монетизирале на најдобар можен начин се до 2012 година - креирале стрипови, цртани филмови, играчки за деца. Тогаш една компанија од Англија, наречена „Супер Дејвис“  влегува во спор со нив  и ги тужи со образложение дека зборот „супер херој“ е генерички и не е пожелно да го монополизираат  и генерализираат само една или две компании. И го добиваат случајот. И така зборот е општоприфатен и во денешна перспектива секој може да го користи за херојот за којшто се зборува.

Новини во ЕУ за заштита на иновациите  

Рафајловски информира и дека кога одиме на монетизација и комерцијализација на нештата, ЕУ од неодамна вовела една новина според која може да се направи трговска марка на звук. Меѓу  првите звуци кои се заштитени како трговска марка на звук е звукот на Тарзан од оригиналниот филм од 50-те години. Овој звук може да биде графички прикажан, може да се слушне и е доволно дистинктивен да се знае дека тоа е звукот на Тарзан. Во Америка постои компанија која ги има правата на авторизација и комерцијализација низ различни аспекти со изнајмување и позајмување на официјалниот глас преку различни аудиовизуелни моменти.

Значи не само визуелно, туку и нешто што може да биде ставено на хартија, опишано и да биде доволно препознатливо од другите, може да биде начин на кој вие или вашата компанија може во иднина да прави пари.

 ЕУ има уште еден новитет кој вели дека трговските марки освен што графички можат да бидат прикажани, можат да бидат и во видео - движечка трговска марка. Таков е потегот на познатиот готвач од Турција, Нусрет, кој си го  заштитил својот начин на посолување на месото како трговска марка, иако не му дозволиле да влезе во класата на храна, што значи дека овој потег може да го прави и на други работи – кои не се поврзани со храна и готвење. Начинот на посолување колку и да е дистинктивен не може да биде предмет на монопол само на еден готвач или само на една компанија, но во секој случај може да биде заштитен.

И во спортот се повеќе фудбалери користат препознатливи знаци, гестикулации, негуваат стил за да бидат издвоени индивидуално, и тоа е начин на монетизација  Дејвид Бекам прави повеќе пари надвор од спортот, истото се случува со Новак Ѓоковиќ, како и со Усаин Бот –Тие како и многу други спортисти наоѓаат начин својот интелектуален капитал да го стават во функција да генерираат се повеќе пари,  слава и богатство.

Во вториот дел од оваа презентација доаѓаме до клучното прашање, авторско чет Џи-пи-ти. Дали човекот може да биде автор или машината? дали ние можеме да се клонираме без физички да бидеме присутни?  И како што вели Рафајловски добредојдовте во иднината -таму треба да научиме да заштитиме, да менаџираме и да монетизираме. Затоа што немало вакво време во кое има толку многу работи за монетизација. Така што интелектуалниот капитал е валутата на новото време.