Инвестирање во нови категории на стартапи- дип тек и бизнис импакт стартапи, одлика за 2022 година. - „Иднината им припаѓа на стартапите“, вака директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Коста Петров ја најави проектираната финансиска поддршка за 2022 година на денешната прес конференција, но се осврна и на реализираните повици и средства во оваа, 2021 година.

Она што е сега историска поддршка, рече Петров на прес-конференција, следната година ќе биде практика на Фондот за иновации.
– Фондот во 2022 година, преку повикот „Стартпувај 4“ ќе ги поддржи македонските стартапи со три милиони евра, а со седум милиони евра ќе им помогнеме на македонските стартапи да ги комерцијализираат своите иновации. Фондот почнува и со поструктуирано инвестирање во нови категории на стартапи. Со пола милион евра ќе поддржиме дип тек стартапи. Со пола милион евра, прв пат ќе инвестираме и во бизнис импакт стартапи, додека со еден милион евра ќе инвестираме и во комерцијализација на земјоделските технологии.
Во 2022 година подготвуваме и нов повик за акцелератори со фокус на инвестициската подготвеност на македонските стартапи. Првпат ќе инвестираме и во стартап хабови, а земајќи ги предвид нашите два повици за дигитален АИ асистен и дигитализација на картотеките на инситутот за македонски јазик, со 750.000 евра ги вклучуваме македонските стартапи и во дигитализацијата на јавните установи, истакна директорот на ФИТР.
Според него, најголемата поддршка за македонските стартапи во 2022 година ќе дојде преку Хибридниот инвестициски фонд од 27 милиони евра во кој државата ќе инвестира 10 милиони евра. Инвестицискиот фонд ќе биде менаџиран од интернационален фонд менаџер согласно ЕУ регулативата и ќе инвестира од 100.000 до 1,5 милиони евра во македонски стартапи.
2021, година на рекордни финансиски инвестиции
– Во фондот за иновации 2021 година беше година на стартапи, година кога прв пат во нашата држава се формираше Национален стартап совет, којшто изготви пакет мерки за трансформација на македонскиот стартап екосистем. Ова беше година и на поголема вклученост на корпоративниот сектор во стартап екосистемот преку Програмата за корпоративна иновативност. Година првпат седнавме и со водечките банки во нашата држава и креиравме специјални кредитни пакети за македонските иноватори.
Фондот првпат го организираше и Националниот стартап самит, почна со подготовка на Националната стратегија за вештачка интелигенција, креираше нова менторска програма, а преку новата соработка со Амазон Веб Сервисес на македонските стартапи им се нуди кредити за користење на оваа платформа од 10.000, 25.000 и 100.000 американски долари. Заедно со УНДП и со Амбасадата на Обединестото Кралство годинава го отворивме и првиот Фјутур Скилс Центар во државата, потсети Петров.
„Стартапувај 3“ со историска финансиска поддршка на Фондот
Според Петров годинава што завршува е година на рекордни финансиски инвестиции во македонските стартапи.
– Новите 70 стартап проекти, поддржани со вкупно 2,6 милиони евра неповратни средства, претставуваат најголема финансиска поддршка за старт-ап и спин-оф компаниите во историјата на ФИТР, истакна директорот на ФИТР Коста Петров, на денешната презентација на резултатите од јавниот повик „Стартапувај 3“.
Петров додаде дека поради големиот број на квалитетни проекти, Комитетот за одобрување на инвестиции, побарал првично предвидениот вкупен буџет од два милиони евра, да се зголеми со дополнителни 630.000 евра.
Вкупниот обем на инвестиции во овие проекти изнесува три милиони евра, од кои вкупно 385 илјади евра се средства кои ќе ги инвестираат самите компании.
Инвестирање во нови категории на стартапи- дип тек и бизнис импакт стартапи
„Ова е година на рекордни финансиски инвестиции во македонските стартапи. Поддршката преку инструментот „Стартапувај“, во текот на трите циклуси бележи неверојатен раст. Па така, ако на првиот повик кофинансиравме со околу 1,2 милиони евра, денес зборуваме за поддршка која изнесува повеќе од двојно. Со новата бројка од 70 стартапи, бројката на поддржани стартап компании, во целокупното портфолио на ФИТР достигна 393 компании со заеднички инвестиции од дури 32 милиони евра. Според анализите кои ги направивме, кај стартапите во период од една година пред користење на финансиите, до 2 години по нивното искористување, просечните приходи имаат раст од 197%. Во истата временска рамка просечните расходи се имаат зголемено за 220%“, посочи Петров.
Деведесет отсто од поддржаните компании се нови корисници на Фондот, додека само седум компании се поддржани по втор пат. Со цел поголема пристапност до финансиска поддршка, на овој јавен повик ФИТР воведе новина, односно можност да аплицира и проектен тим кој се состои од најмногу пет физички лица. Од 70 кофинансирани проекти, вкупно 31 се од апликанти составени од проектни тимови кои, пред да започнат со реализација на проектите имаат обврска да регистрираат трговско друштво.
На повикот, овој пат доминираат четири нови сектори: машинство, креативни индустрии, земјоделство, технолошки индустрии.
Од поддржаните проекти иновации бележат од фарматек и здравствената индустрија со иновативен софтер за фармацевтските компании, концепт за анализа на генетски податоци, прва бионичка рака во државата. Од агротехнологијата поддржани се проекти со софтвери за следење и автоматизација на земјоделски производи во затворен простор, прецизно земјоделство и дронови.
Од областа на Вештачката интелигенција во чијшто развој ФИТР интензивно инвестира, поддржани се нови проекти за поддршка за анализа на неструктуирани текстови од локални јазици, софтвер со вештачка интелигенција за стоматолошката индустрија, како и софтвери за примена на вештачката интелигенција во земјоделството.
Патоказ за новата македонска иновативна компанија
Во однос на староста на трговските друштва, дури 85 отсто од поддржаните компании, рече, се стартапи кои постојат до три години.
– Со поддршката што ја даваме преку овој инструмент, учеството на поддржани стартапи во нашето портфолио достигна до 56 отсто. Овој пат доминираат четири нови сектори: машинство, креативни индустрии земјоделство, технолошки индустрии. Но, поддржаните компании не се само бројка. Тие се и патоказ за новата македонска иновативна компанија. Преку овој повик поддржуваме иновативни проекти од Фарматек/Здравство – иновативен софтер за фармацевтските компании, концепт за анализа на генетски податоци, прва бионичка рака во државата, како и иновативни проекти од Агротехнологијата – софтвери за следење и автоматизација на земјоделски производи во затворен простор, прецизно земјоделство и дронови. Со оглед дека работиме на првата Национална стратегија за вештачка интелигенција, особено ме радуваат новите проекти, токму од оваа област. Станува збор за проекти за поддршка за анализа на неструктуирани текстови од локални јазици, софтвер со вештачка интелигенција за стоматолошката индустрија, софтвери за примена на вештачката интелигенција во земјоделството, подвлече Петров на прес-конференцијата.
М.Б