Процедурите за постатување на фотоволтаични системи во домаќинствата се нешто поедноставни и поолеснети во однос на процедурите што треба да се поставуваат на индустриски објекти и на земјишта. Пред неколку месеци беа донесени измените во Законот за градење и претходно измените во правилниот за обновливи извори каде се овозможи за домаќиствата да се инсталираат системи до 6 киловати и таму постапките се нешто поолеснети. Односно, да не мора да се чека од општина да се добие решение за поставување на опрема, при што и самите проекти се со помал обем.

За разлика од нив, фотоволтаичните системи што се поставуваат на земјиште, горе - долу се останати исти. Најпрво треба да се направи пренамена на земјиштето од земјоделско во градежно, потоа следуваат други постапки: урбанизација, основен проект и негово одобрување. Најчесто се прават надвор од урбана зона, бидејќи земјиштето е со пониска цена. Тие процедури ги работат урбанистички фирми, кои создаваат урбанистички проекти, кои потоа се основа за основен проект и добивање на одобрение за градење.
Според професорот на ФЕИТ, Димитар Димитров, енергетската криза промени многу работи во енергетиката и стопанството. Инвестициите на компаниите во првите години ќе работат за враќање на инвестицијата и покривање на трошоците и евентуалните кредити земени од банки. Но, по веќе петтата година, во зависност од големината на централата, таа ќе носи профит.

„Работниот век на фотоволтаичните системи, односно фотоволтаичните модули ќе траат и до 40 години, кај нив нема ништо што се врти. Направени се од такви материјали кои не брзо деградираат. Производителите гарантираат до 30 години дека нивната моќност што ја даваат при стандардни услови ќе се намали од 15 до 20 насто. Гаранциите се од 25 до 30 години, но, тоа не значи дека после 30 година тие нема да функционираат“, вели професорот Димитров.
Според Димитров, инвестирањето во фотоволтаичните централи не го исклучува и другото инвестирање. Но, во моментот ситуацијата е таква, бидејќи фотоволтаичните системи полесно се градат, барат помалку одржување и не бараат дополнителни ресурси.
„Ако градите централа од биомаса треба да имате ресурс кој ќе го преработувате и од него да добивате електрична енергија, дрвени деланки, отпад итн. Ветерните централи - кај нив процедурите се уште посложени и поради тоа тешко кој инвеститор останал да вложува во нив. Има, но, самите процедури беа и се покомплицирани и не се инвестира толку. Ако градите ветерна централа не можете да купите земјиште и да градите таму, туку треба да ги поставите ветерните генератори каде има ветер. Обично тоа се државни земјишта. Со нив оди многу покомплицирано. Во секој случај, малите хидроцентрали, се градеа и ќе се градат, иако, генерално се исцрпени најдобрите локации, но, секако дека постои можсност. Сега инвеститорите сакаат да инвестираат во фотоволтаични централи. Инвеститорот гледа каде му се исплати повеќе, каде повеќе е сигурно, полесно ќе најде финансирање и пласман. Само за фотоволтаичните системи не постојат повластени тарифи. Таквите беа до 2012-2013 година се потрошија, единствена повластица е премиум тарифата, која најчесто е нула“, смета Димитров.
За 2022 година, Регулаторната комисија за енергетика издала 267 лиценци за производство на електрична енергија од обновливи извори, најмногу за фотоволтаични централи, а во првите работни денови пристигнати се 13 нови барања за фотоволтаици. Најмногу, 106,5 мегават-часови се произведени од фотоволтаични електрани.