Инвестирањето во образованието и во дигиталните вештини е клучно за натамошната дигитализација на Северна Македонија, покажува Извештајот за транзиција 2021-2022 што го изработи Европската банка за обнова и развој, а кој денеска беше презентиран во Скопје.

Извештајот ги анализира трендовите во 38 земји во кои ЕБОР инвестира и ги истакнува развојните јазови меѓу економиите кои напредуваат, но и на оние кои заостануваат со развојот на дигиталните сервиси.

За Северна Македонија беше оценето дека и покрај значајните подобрувања во изминатите години во различни области, сепак ниското ниво на дигитални вештини претставува ограничување кое ја забавува натамошната дигитализација. Ова е случај и со голем број економии во регионите каде ЕБОР има активности.

– Инвестициите во образованието и дигиталните вештини ќе станат уште позначајни со текот на времето, бидејќи секторите на дигитализацијата во изминативе години растат особено брзо, беше посочено од страна на претставниците на ЕБОР.

И гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска, според која оценките на ЕБОР се корисни насоки каде треба да се насочат политиките, смета дека фокусот треба да биде ставен на подигнување на дигиталните вештини и намалувањето на одливот на квалификуваната работна сила, особено на онаа со дигитални вештини.

– Кај нас, напорите треба да се насочат кон посоодветна дигитална инфраструктура, но уште повеќе кон подигнување на дигиталните вештини. Најголемо внимание треба да му се посвети на намалувањето на одливот на квалификувана работна сила, особено со дигитални вештини, како и на унапредувањето на дигиталните обуки од страна на работодавачите. Колку се поограничени дигиталните вештини, толку е потешко да се користат новите технологии и поограничени се изгледите за раст, во свет којшто го презема дигиталниот сектор, истакна Ангеловска-Бежоска.

Дигитализацијата, според Ангеловска-Бежоска, е решението за подигнување на потенцијалот за раст на домашната економија и затоа мора да се посвети посебно внимание на овој дел, и покрај предизвиците што ги носат глобалните кризи.

– Во Народната банка направивме работна група за финтек-секторот, како и платформа за комуникација со чинителите во финтек-секторот ‒ Порта за иновации, со цел да ја олесниме размената на информации со нив. Неодамна спроведовме и анкета, којашто покажа дека 90 проценти од испитаниците ја препознаваат потребата од дигитални иновации во финансискиот сектор, а 72 проценти од анкетираните финансиски институции потврдија дека веќе спроведуваат некоја форма на дигитална трансформација. Народната банка веќе подготви работна верзија на првата „Национална стратегија за финтек-секторот, рече Ангеловска-Бежоска.

Согласно со индексот на дигитализација на ЕБОР, на скалата од 100, Северна Македонија е на ниво од 59 проценти во однос на неопходните услови за дигитализацијата и 48 проценти во однос на употребата на дигитални технологии од страна на компаниите и граѓаните, што, според гувернерката, е блиску до регионалниот просек, но е далеку од посакуваниот резултат. Кај регулативата и електронските владини услуги се увидува позначителен напредок, додека дигиталната инфраструктура и дигиталните вештини не се многу променети за период од пет години.